Социопатологија

Веста за „успешното отстранување“ на група питачи од ромска националност кои ја „запоседнале“ сапунарата мина незабележано. Се чини толку нормално кога полицијата соработува со центрите за социјална работа во, како што велат, сузбивање на социопатолошката појава „Питачење“, особено што на затекнатите лица, колку фино, им била дадена можност самоволно да го напуштат објектот (иако не дознавме дали заминале милом или силом). Како илустрација беше поставена фотографија на сапунарата евакуирана од овие страшни социопати. Самата помисла дека некој повеќе сакал да живее/преживува во таква руина отколку во нивните постојани живеалишта (главно во Шутка) е ужаснувачка, иако не верувам дека и нивните домови би предизвикале поинакви чувства. Првата асоцијација ми беа сцените од дистопискиот роман „Мемоарите на еден преживеан“ на Дорис Лесинг. Втората беше: ако некои режими во минатото останале запомнети по тоа што од Ромите правеле сапун, овде имаме неверојатен цивилизациски напредок – Ромите се отстрануваат од сапунара! Простете за црниот хумор и цинизам, ама тоа прво ми прелета низ умот. Контрааргументите изнесени на социјалните мрежи одеа во насока на тоа дека проблемот е во Ромите, кои ете или не сакале да живеат во трошните куќарки или ги одбивале понудите на државата за сместување на локации доста оддалечени од центарот. Кога со генерации живеат во субстандардни услови, без речиси никаква шанса за социјална мобилност и излегување од положбата во која се родиле дури и ако завршат задолжително средно образование, и кога се знае дека невработеноста е огромна токму во таа група, што им преостанува освен да бараат милостина? И тоа во центарот каде има најмногу логика да се попитачи. Најлесно е да се каже дека станува збор за несоцијализирани лица, мрзливи, лажливци и крадци – т.е. да се повтори расистичкиот репертоар на изговори за бедата покрај која минуваме спокојно и која ја толерираме! Одвреме навреме ќе се покрене некоја акција, во која ќе опфатат неколку десетици деца во дневен престој, и потоа со жалење ќе се соопшти дека проектот не успеал поради неодговорноста на родителите. Сите досегашни мерки се налик на аспирин кој му се дава на фатално болен. А питачите ја расипуваат велелепната слика на Скопје, низ кое шетаат странци, па непријатно е кога ќе ги обиколат со подадени раце (за среќа, се уште не им текнало да постават шилци за бездомниците како во Британија). Некои ќе се пожалат на упорноста на овие деца, па дури и на нивната агресивност. Тоа ги навредува, ама не и нивната беда. Дури и во милосрдието не сме сосема искрени и човечни: за време на акцијата за собирање помош за настраданите од поплавите од соседството, од микорфонот се слушна опомена „Ромите да се оддалечат, овие продукти не се наменети за нив!“ Ме фати жал, ама и срам! Зарем ако си Ром не можеш да донираш? И зошто никогаш не сме се ангажирале во акција за помош на овие наши сограѓани (иако тоа не е трајно решение на нив ната длабока социјална беда и исклученост)? Ако и ги нема по плочнците (или во сапунарата), овие луѓе и натаму ќе тропаат на нашите врати. Се научија на бесчувствителноста, па веќе не бараат 10-20 денари, туку само леб (или супа, како што ми побара една жена неодамна, за да ги нахрани дечињата, па покрај супата додадов неколку конзерви што ми се најдоа при рака). Питачењето не е социопатолошка појава, ниту се питачите болни луѓе. Тоа е последица на (секое) болно општество во кое сиромаштијата е резултат на начинот на негово управување во економската, политичката и социјалната сфера. Сиромаштијата е најстрашниот вид на насилство, велеше Ганди, ама сиромаштијата кај најмаргинализираните групи е најголема, па затоа и најгрда. Капитализмот овие луѓе ги гледа како лузери, терет и вишок на човечки живот. Социјалните мерки само го покриваат растечкиот јаз меѓу оние кои имаат и оние кои немаат – тие се смоквин лист за сокривање на социјалната неправда и дискриминација.

Истовремено со веста за питачите, дојде и онаа за актерката Емра Куртишова, на која не ѝ било дозволено да отпатува од аеродромот. Образложението од МВР беше дека не поседувала соодветни документи и доволно готовина (или како што еден сатиричен портал напиша – нејзиниот грев бил што не пренела 700 000 евра во пластично шише). Пред само два месеца беше донесена првата пресуда за повреда на правото на еднаквост од страна на граничните служби, кои минатата година спречија ромско семејство да ја напушти земјата под сомнение дека се лажни азиланти. Мнозина се израдуваа на новата судска пракса, но случајот на Куртишова покажа дека ништо не се сменило. Дискриминацијата на границите е секојдневна појава, но не секој има среќа да проговори пред камери. Но, проблемот не е (само) во граничните служби, туку во законите со кои се штити безвизниот режим, дури и по цена на селектирање (т.н. профајлинг) и кршење на човековите права. Не само што тие имаат со закон дозволено арбитрерно право да оценат кој е (потенцијален) лажен азилант, туку и по евентуалното депортирање назад следуваат драконски казни (одземање на пасош). Ова е единствената конкретна придобивка од евроинтеграциите, па се чува со сите методи. Некои веднаш со прст покажаа на режимот, но вистината е посложена, па затоа и понепријатна. Договорот за безвизен режим подразбира и одговорност на нашите службени лица за тоа кого пропуштаат, бидејќи биометрискиот пасош не е единствениот потребен документ. Наместо службениците на Шенген границата (по сопствена оценка и со ист профајлинг) да бараат патничко осигурување, финансиски средства по ден на престој, официјална покана, резервација итн., тоа го прават нашите идни Европејци. Иронично, ама поспокојно патувавме со визи. Под притисок на земјите со најголем број на т.н. лажни азиланти (што е само легитимациска основа за елиминирање на најсиромашните, непотребни на европскиот пазар на трудот), самите си воведовме гето и определивме кој е доволно фин за да патува. Брисел не се вознемирува за мерки кои се опортуни. Впрочем, таму не се вознемируваат ни кога некој ќе посака со ебола да го реши проблемот на мигрантите. Вистината е дека нашата улога во европската внатрешна безбедност е улога на посредник (proxy). Ние само ја вршиме валканата работа на Тврдината Европа. А има ли подобар доказ дека власта на Груевски и Ахмети не е дискриминаторска од 15-минутното интервју со Амди Бајрам (по многу важен повод како свадбата на внукот) на централните ТВ вести на провладин медиум? Мудрува тој за нашата крвна поврзаност преку Александар, сведочи за братството и единството, но и за благосостојбата на Ромите нахранети со неговите сендвичи и Пелистерка. Кога под сенката на спомениците говори човек кој е срам за сета (не)ромска популација, недостоен да биде глас во парламентот, кој печали на лажни азиланти, го злоупотребува нивното гласачко право и молчи пред нивната дискриминација – тоа е вистинска социопатологија, далеку пострашна од питачењето!

Напишано за Нова Македонија