БРИКС: Гласот на глобалниот Југ

Читам деновиве апел на еден загрижен граѓанин: во име на народот на Македонија, ги молам меѓународните финансиски институции да престанат да ѝ позајмуваат пари на корумпираната македонска влада. Ние, народот (вели тој), без оглед на етничкото потекло, ги молиме ММФ, Светската банка и другите меѓународни финансиски институции да ги затворат вратите кога корумпираните македонски политичари ќе чукнат на нивната врата. Ова доаѓа по веста дека владата се задолжува со европска обврзница (наводно) „не затоа што за тоа имаме потреба, туку затоа што условите се сега погодни за добивање евтин кредит“. Апелот, иако легитимен (особено во светлина на бесмислените проекти за кои се трошат овие пари, а кои ќе ги враќаат идните генерации), сепак е наивен. Прво, адресата е погрешна, како и претпоставката дека меѓународните финансиски институции оличуваат некакво глобално суперего, морален и правичен авторитет, кој одлучува за тоа кој ги заслужува кредитите според некакви критериуми кои излегуваат од економската логика. Настрана сите корупциски скандали во кои беа инволвирани првите лица на овие институции, суштината е сепак во нешто друго: овие институции се однесуваат како дилери на дрога, а владите како нашата се типични зависници. Тој феномен веќе има име – дебтократија. Глобалниот капитал, всушност, владее и управува и таму каде што националните лидери се чукаат в гради од национална гордост и зборуваат за суверенитет. Комплементарен е феноменот на клептократија, за кој Нуланд би требала да знае дека не е балкански изум. Клептократијата одамна не е она што се мисли (неодговорни и стрвни политичари кои крадат народни пари), таа има најсофистицирани форми, меѓу кои е и она што се вика outsourcing – кога со буџетски пари се ангажираат приватни компании за работи за кои постојат државни служби. (Кога веќе ја споменав Нуланд, која – алелуја – дојде без сендвичи, да кажам накусо нешто за нејзините ветувања. Во ситуација кога кохезијата на општеството се соочува со сериозен предизвик, таа користи орвеловски новоговор – бара меѓуетничка хармонија и истовремено ја дели земјата на етнички региони (каде ли само ќе го смести Скопје?). На пораката за инвестиции во албанските региони во Македонија нашите албански сограѓани се израдуваа! Но, не умри магаре до зелена трева. Прво, политиката дури ни таа од Вашингтон не може да натера инвеститори да одат во определен дел на една (мала) земја, за да се решеле социоекономските и етничките проблеми. Дури и ако и дојдат, тоа не значи дека ќе се вработуваат само Албанците – корпорациите се имуни на етнички предзнак кога се работи за барање квалитетна и евтина работна рака. Второ, примерите на експлоатација и кршење на работничките права од странските фирми треба да послужат за отрезнување. Рамномерниот развој и инвестирање во земјата се прашање на коалиционата влада, а не Стејт департментот).

Тема на оваа колумна е нешто друго. Фудбалската топка запре, но во бразилскиот град Форзалеза, се затркала нова геополитичка (геоекономска) топка. Основањето на Банката за развој на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка – пет земји од четири континенти) предизвика различни реакции: од тотално игнорирање, до жестоки критики или неодмерен оптимизам. Иако е прерано да се каже каква ќе биде судбината на оваа банка и дали навистина таа го означува почетокот на имплозијата на Бретон Вудс институциите (ММФ и Светска банка) и крајот на доминацијата на доларот. Јасно е дека новата Банка не е пуста политичка илузија, туку одраз на радикално изменетите меѓународни економски односи во мултиполарен свет. Освен што САД и натаму имаат воена доминација, на економски и финансиски план нештата се поразлични. Вашингтонскиот консензус го губи монополот, а со тоа и моќта да наметнува „структурни реформи“ и „регулаторна гилотина“ која на пазарот (капиталот) му остава одврзани раце во земјите кои се најсиромашни и на кои надворешната помош им е повеќе од потребна. Земјите на БРИКС немаат амбиции да создадат некаква институционализирана унија, но уште на првиот самит (во 2007) повикаа на „подемократски светски поредок заснован на меѓународното право, еднаквоста, взаемна почит, соработка, координирано дејствување и колективно носење одлуки од сите држави“. Незадоволни од досегашната позиција, пред овие земји се отвораат многу нови можности. Според Џозеф Штиглиц, оваа банка ќе доведе во пораст на протокот на пари во меѓународни рамки, а уште поважно – тие ќе бидат достапни за земјите во развој на начин кој е соодветен со нивните интереси и потреби, а не со оние на развиениот запад кој досега ја диктираше агендата и фактички ја олеснуваше експлоатацијата на западните корпорации. Познатиот аналитичар Пепе Ескобар очекува свртување од досегашниот казино-капитализам кон нов пример на продуктивен капитализам. Дали банката ќе ги исполни ветувањата е тешко да се каже однапред, но е важно дека менувајќи ги финансиските текови, таа ќе ги наведе и институциите на Бретон Вудс да се изменат (нешто што доскоро го одбиваа и покрај кризата и новата стварност во која западните земји не се и најбогатите на светот). Формирањето на Банката, за почеток, ја демонстрира способноста и желбата на земјите од БРИКС да работат за сопствена полза, но и во полза на многу други земји кои сега добиваат алтернатива – дали ќе дозволат да бидат уценувани од Њујорк, или ќе се свртат кон Шангај (или, идната престолнина на финансискиот капитал). Растечките пазари и земјите кои доживуваат економски бум ја земаат иднината во свои раце, токму во време кога богатите западни земји се обидуваат да излезат од кризата. Новата банка не е причина за еуфорија, особено гледано низ левичарска призма. Иако банката носи нов потенцијал, јакнење на мултилатерализмот, преку функционално поврзување на земји со различни култури, идеологии, степен на политичка демократија, традиции наспроти ароганцијата на развиениот запад, таа во својот нуклеус носи и вродена мана. Земјите на БРИКС имаат економска моќ и капитал, ама се далеку од идеалот на држава на благосостојба и социјална правда. Она што ги поврзува е високата стапка на раст и неолибералната идеологија, па затоа БРИКС е нов играч од кој очекуваме нов начин на водење на економијата. Јазот меѓу богатите и сиромашните постојано се продлабочува, а социјалните протести се задушуваат со сила. Капиталот може да го смени крзното, но не и карактерот. Радикалната трансформација на светот бара многу повеќе од нова банка или дури и нов геополитички сојуз. Всушност, она што на светот му треба не е контратежа на западот, туку нова алтернатива и „цигли“ (на англиски брикс значи цигли) одоздола, но и систем во кој банките нема да имаат предност пред човечкиот живот.

Напишано за Нова Македонија