Мрачно време

Навистина, живеам во мрачно време – напиша Бертолд Брехт во песната „На родените по нас“. За жал, ние не сме таа нова генерација која ќе изнурне од потопот во којшто другите потонале, ниту пак е ова време блиску до она во кое човек човека нема да го третира како животно. Закотвени во сме во Брехтовото мрачно време во кое „омразата, дури и спрема подлоста, ги унаказува цртите на лицето. Гневот, дури и оној поради неправда, го прави гласот засипнат. Ах, ние што сакавме да го подготвиме тлото за љубезност, самите не можевме да бидеме љубезни.“ Родена само три години по неговата смрт, а сега речиси на возраст на која тој го напуштил светот, се прашувам дали бил во заблуда кога воопшто верувал дека ќе му дојде крај на ова мрачно време. Еве само кус петочен пресек на ова време: на денот кога регионот се сеќаваше на Сребреница, во Газа умираа деца, во источниот дел на Украина и натаму непречено се убиваа цивили (во сразмер 100:1, како што се заканува Порошенко). Американците гледаат сеир и вооружуваат. Проруски сепаратист или терорист, исто е – тој е легитимна цел на напад и не побудува никаква емпатија. Во Ирак и Сирија расте цената на војната во човечки животи. Т.н. меѓународна заедница нем сведок, но и соучесник: млаки укори и апелите за „воздржаност и пропорционална употреба на сила“, кои орвелијански ја прикриваат одговорноста и вината на оние кои се воено супериорни и тоа бескрупулозно го демонстрираат врз цивили. Нашиот министер за одбрана отиде во Вашингтон (ако воопшто и е вратен оттаму) на поколнение и за да порача дека остануваме верен сојузник на САД сè додека е потребно. Тој ист петок, Скопје и Македонија повторно пред дождот. Ден потоа, во македонскиот дел од јавноста одишка, а во албанскиот – чувство на гордост, надеж за некаква политичка пролет (без оглед на маските, паролите и ултиматумот), благодарност до Косово (!?) и верба дека протестите се знак на демократска зрелост.

Овде Сребреница не се чувствува како своја (дури и оние кои ја споменуваат како да инсистираат на својот бошњачки или муслимански идентитет). Тој ужасен злостор не нè допира како јавност, можеби затоа што сè уште не знаеме како да се справиме со своите злосторства. Тие навистина ги немаат пропорциите на Сребреница, но дотолку поголем е срамот за нивното покривање со заборав, или уште полошо – злоупотреба за политички цели. Културата не неказнивост ја негуваме заедно со духот на Рамковниот договор, во име на „мирот и стабилноста“. Па така, кога ќе се утврди вина во судски процес, ехото на улицата е „УЧК“ – што е истовремено и актуелна закана и потсетување за изворот на силата. Ветераните на УЧК отворено ги нудат услугите, а добиваат одговор од другата страна: подготвени сме! На ова мрачно време во кое живееме одговараме на мрачен начин. Настрана Сребреница, но и на секој обид да се проговори за ужасот во Газа, „дебатата“ завршува на препознавање на нашите „Израелци“ и „Палестинци“ – битката (со обично погрешни) аргументи се води за да се докаже кој е во право, односно кој е жртва во Македонија.

Иако не е во духот на политичката (и меѓуетничката) коректност, која се граничи со хипокризија, редно е да се каже дека најмногу што слушнавме од албанските интелектуалци беше искажаниот восхит од мирните протести. Ако ме прашате, јас бев горда на оние кои не се појавија на сцената; класичните медиуми како типични паликуќи проширија (наводна) вест за контрапротест организиран на социјалните мрежи. За среќа, дури и бесплатната реклама не даде резултат, иако ја зголеми тензијата и стравот. Но, нема ниту еден глас против етнички собири кои изигруваат суд и изрекуваат ултиматуми (ослободување на осудените, разрешување на обвинителката и судијата, оставка на министерката и ослободување на приведените насилници од првиот протест). Крајно дисциплинираниот протест на 10000 луѓе кои ја покажаа својата бројност и организираност може да биде запакуван како демократско манифестирање незадоволство (со иконографија која зборува за културно насилство, ако веќе не е директно), но тој тоа не е. Спонтаните протести најмалку од сè беа спонтани – јасна демонстрација на сила. Дека ситуацијата нема да се смири скоро е доказ и посетата на Викторија (f**k the EU) Нуланд, заедно со вадењето од нафталин на „аналитичарот“ Едвард Џозеф. Кога еден српски новинар ме праша дали се плашам од ескалација на етничките протести во социјални – ме збуни! Во вакви услови, единственото нешто од кое не треба да се „плашат“ граѓаните се социјални протести; додека се поделени и раскарани по етничка и верска основа, социјалната основа (која е единственото што вистински би ги поврзало) е сосема потисната. Додуша, во тој момент не знаев за новите протести на стечајците, ама и тие нема да сменат ништо откако беа партиски искомпромитирани. Во време на хаос, лешинарите летаат ниско. И очекуваат…

Во петокот, среде пладне, заспав; немав сила да исчекувам лоши вести. Ниту челото можеше да биде безгрижно, ниту пак имаше сила да ја прими сета несреќа која како да се насобрала во еден ист ден! Кога се разбудив, се чинеше дека сè завршило добро, но грлото остана стегнато. Мнозина помислија дека му е дојден крајот на „страшниот петок“; набргу се префрливме на разговор околу Газа. Емпатијата беше оквалификувана како цмиздрење и некаков помоден „драјв“ (што тоа и да значи) да се зборува за нешто што не се однесува на нас. Демек, треба да си гледаме по дома, бидејќи тие таму ионака се навикнати на уништување, не ги разбираме корените на конфликтот, а Израелците цивилизирани луѓе опкружени со фундаменталисти кои повеќе ја сакаат смртта од животот. Еден отиде дотаму да каже дека бил дефанзивен расист кој се грижел за иднината на своето дете, иако живее во Македонија тој веќе си ја одомаќинил израелско-палестинската приказна за да може поедноставно да ги идентификува „непријателите“ на неговото дете. Сепак, викендот мина безгрижно и единствено со фудбалските возбудувања. Социјалните мрежи татнеа од коментари за секој гол, но не и за секое убиено дете. А сега кога Мундијалот заврши дури и тие страсти можеме спокојно да ги заборавиме, заедно со протестите по улиците на Бразил. Ќе треба да најдеме друга забава – до некој следен страшен петок… Брехт вели дека човекот кој се смее е само човек кој сè уште не ја примил лошата вест! Но, што ако ужасната вест сме ја добиле, ама ја игнорираме и живееме со неа како да е сосема нормална? Што ако при лошите вести се однесуваме како фудбалски навивачи кои заземаат страна додека се лее крв или сме како Израелците кои со столчиња побрзаа да го следат бомбардирањето на Газа од ридот? Да, генерацијата на која ѝ пишувал големиот поет е некоја сè уште неродена. А ние остануваме актери и плен на мрачното време, дури и кога челото ни е безгрижно и кога мислиме дека се разведрило.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: William Kentridge: Tide Table, 2003