Злосторство и (не)правда

Две години подоцна ја видовме „жетвата“ на она што беше „посеано“ со Смилковското убиство. Не дека тоа семе не постои и дека не дава род; постои и тогаш кога се залажуваме дека го нема! Почвата е плодна и малку треба да прор`ти одново, па како кула од карти паѓа илузијата дека работите тргнале во поспокојна насока. Се разбира, клучното прашање е кој е тој кому му одговара секоја нова ескалација, сега веќе не на етнички, туку на верски конфликт. Околу тој фантомски, а сепак реален некој, се плетат објаснувања од рационални до теории на заговор, а со мали шанси да се дознае со име и презиме. Егзекуцијата на петмината наликуваше на чин без некава јасна мотивација, освен што остави простор јавноста – ионака раскарана, поделена и недоверлива кон „другите“ – да толкува, да „знае“, да суди и ослободува од вина… Следејќи ги сцените од протестите (налик на Бејрут), се сетив на статија на Роберт Фиск, објавена по започнувањето на војната во Авганистан со наслов „Честитки, г-не Буш! Тукушто го усреќивте Осама бин Ладен!“ Во нашиот случај победуваат нарачателите на петкратното убиство, бидејќи нивната цел не беа петте животи, туку судбината на ова ионака кревко општество. Сите елементи на ова сценарио во кое на етничките ќе им се придодадат и верските одамна им беа на дофат: тензиите и незалечени рани од конфликтот 2001-та, слаба држава, корумпирани елити и бескрупулозна волја за моќ, неспособно и партизирано судство. Доволно беше топката да се затркала, да се испукаат пет куршуми. Останато, небаре соучесници, го довршија институциите и (не)цивилното општество.

По убиството, МВР изреагира на начин со кој си пукаше во нога (а нам в глава): со спектакуларен наратив кој обврзуваше во целиот тек на постапката, сè до скандалозниот завршен збор на јавната обвинителка. (Наместо да реди правно утврдени факти за врската меѓу сторителите и делото, таа раскажа драматичен дијалог кој никогаш не се случил, а кој медиумите го пренесоа небаре докажан факт). Пролетта 2012 кажав две работи: кај нас не беа урнати кули-близначки, ама доживуваме своевиден македонски 11 септември. На итна пресконференција, среде празник, врвот на МВР, уште пред и да има резултати од истрагата, побрза да ја „смири“ јавноста (македонскиот дел од неа) говорејќи за глобалната војна против тероризмот, за тренинг-кампови во Авганистан, итн. Полицијата уапси луѓе кои можеа да се доведат во некаква, макар и најиндиректна врска со настанот (и малку подиректна со исламистичките движења). Муслиманите (изгорени од глобалните случувања) се почувствуваа колективно прокажани, а жестоко реагираа и на апсењето на жени (чии верски права не биле испочитувани) и безрезервно се солидаризираа со уапсените. Како во самоисполнувачко пророштво, името на операцијата („Монструм“) индицираше дехуманизација на сторителите, нивно лишување од човечки својства и прејудицираше вина и најтешка казна. Втората забелешка беше во однос на нарушената презумпција на невиност. Знаејќи ја некадарноста на органите на истрагата и кривичната правда, се надвисна чувство на сомнеж и стравување. Косовските власти кои (до денес) не екстрадираа двајца од обвинетите, кршејќи ги меѓународните стандарди, само додадоа регионален шлагворт. Кај Албанците (и муслиманите воопшто) особено преку медиумите се вкорени чувството дека процесот ќе биде освета, а кај Македонците дека Албанците постојано се извлекуваат од казна за злосторства, извршени за време на воен конфликт (со амнестијата) или надвор од него. Со јасна верска заднина (од џамија на протест), скандирањето, сценографијата и дивеењето со скриени лица, протестите не постигнаа ништо освен страв, неред и потврда на тезата на обвинението, но и на индикациите за јакнење на радикалниот ислам. Судскиот процес кој требаше да донесе правда за жртвите, заврши со нивен целосен заборав. Осудените се подеднакво инструментализирани за други каузи: се каменува судот, се извикува „УЧК“ и бара правда за сите Албанци, и тоа од луѓе кои воопшто и не ги познаваат. Несакајќи тие станаа групни/верски симболи на неправда на еден наводно фашизоиден систем кој не само што наводно монтира судски процеси, туку и убиства. Важноста од санкционирање на нарачателите и на извршителите на убиството е од огромна важност, ама со оглед на елементите на делото можеше да се претпостави дека тоа ќе биде тешка мисија; не е ова CSI крими-серија. Како и многупати досега (вклучително кога македонски политичари уриваа барикади пред суд во кој се судеше на нивен член), институциите се уриваат токму од оние кои се жалат дека ги нема. Судот на улицата повторно се наметна како супериорен над пристрасното судство, а полицијата е ставена во сендвич, додека јавноста (или дел од неа) повторно станува тужител, бранител или судија (како и на протестите во Ѓорче). Вината е една работа и таа му припаѓа на судот и на никој друг, но што е со јавната одговорност? Масовна и жестока реакција добиваат само етничките, а сега веќе и верските прашања – никој ни да писне за политизацијата на правдата при амнестијата, за Кежаровски, за поскапувањата, за стечајците! Протестите нималку спонтани имаа порака: „Ова не е само протест, ова е веќе национална должност да живееме под мото: денес кај соседот, а утре во мојот дом. Ако не реагираме денес, кога неправдата кулминира, тогаш плашливците нега ги затворат очите од страв.“ Неправдата не кулминира во првостепена пресуда и во незавршен судски процес за исклучително тешко кривично дело. Текот на протестите сосема предвидлив: по петочна молитва (задолжителна и најмасовна), иста џамија (повторно) злоупотребена како собирно место, па среде светиот месец Рамазан, тргнаа гневни луѓе со камења, па и солзавец (што е богами сериозен „напредок“). Едвај некој и да призна дека оџите не го искористиле својот авторитет да спречат протести со висок ризик. Велат дека протестот пред судот бил израз на демократско право, кое било „киднапирано“ од инфилтрирани насилници, но чудно е што илјадници луѓе подготвени да се борат против неправда, станале статисти пред дивеењето на малкумина! Зошто не излегоа од својата верска заедница па да повикаат на граѓански протест? Сомнеж околу процесот имаше кај мнозина. Но, од каде идејата дека уличен протест има (или смее да има) влијание на судската власт? Виновен за насилството е пак некој друг, а патот до пеколот поплочен со демократски намери. Прочитав дека „со протестите Албанците покажаа како се чува дигнитетот и националниот и верскиот морал. Излегоа храбро на улиците без поддршка на избраните политичари, и докажаа дека се политички сираци.“ Индикативно е што за судска неправда се бара политичките лидери да ги предводат протестите (Ахмети е наречен куче, бидејќи не застанал храбро на чело на колоната да го брани албанскиот народ), а за Смилковското убиство вина се бара кај Груевски. Ова не е шарадата од Кале, туку тешко кривично дело. Некои апелираа до светот (на англиски) да види како македонската држава ги малтертира Албанците. За сите што знаат како дојде до конфликтот, овој амбиент е далеку поексплозивен од оној во 2001-та. Ако инспираторите на Смилковскиот чин сакаа ново полувреме, се чини дека се на добар пат и да го добијат. Со помош на слабото судство, но и на верниците и борците за демократија…

Напишано за Нова Македонија