Бинг бенг ќорфишек?

Не минаа ни неколку месеци, а толку популаризираниот експертски извештај под наслов „Неисполнетото ветување: комплетирање на проширувањето кон Балканот“ (на Европскиот фонд за Балканот и Центарот за југоисточни студии од Грац), веќе речиси нема никакво значење. Тоа е судбината на аналитичарите и на нивните истражувачки извештаи со препораки до оние што ја имаат моќта да носат одлуки. Кај политичката каста ретко кога допира гласот на оние поради кои постојат (граѓаните и општествата), а експертите се и онака платени да прават анализи што едвај некој ги чита. Важен е впечатокот за „дијалог“ помеѓу познавачите и носителите на одлуки. Да потсетиме накратко, извештајот презентира четири можни сценарија во врска со перспективите на интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ, и низ призма на видливиот регрес во соодветните земји и во пресрет на формирањето на новиот состав на европските институции. Првото сценарио предвидува задржување на досегашниот стандарден, т.е. бавен пристап, дури и со можно заострување на условите за прием (зајакнато условување), вклучувајќи и претходно решавање на билатералните спорови. Второто, „турско сценарио“ значи продолжување на преговорите за членство, без видливи резултати, по што граѓаните и елитите би сфатиле дека Унијата се оддалечува, а не се приближува. Третото, „украинско сценарио“, подразбира ситуација во која Брисел го запоставува проширувањето, поради својата внатрешна криза и јавното нерасположение спрема приемот на некои нови членки, што би создало вакуум/бришан простор во кој би се активирале алтернативни глобални играчи (Русија и Турција) со сопствени интереси. Така, како што се вели во извештајот, Балканот би можел да стане жртва на глобалната политичка сцена. Според аналитичарите, четвртото сценарио е најпосакуваното – т.н. Балкански биг бенг, сличен на оној во кој пред десет години на „купче“ беа примени земјите од Централна Европа! Замислиле тие дека алтруистичките ликови во Брисел би се свестиле дека проширувањето е нивната најуспешна политика, онаа што носи мир и стабилност, па затоа би ги почнале преговорите за членство со сите преостанати земји и би утврдиле еден заеднички рок/датум за нивниот прием. Уште кога го прочитав извештајот, првиот впечаток ми беше дека аналитичарите (верувам, во добра намера, но и во согласност со сопствените идеолошко-политички позиции) тргнале од претпоставката дека без членство во ЕУ нема живот за (Западен) Балкан и дека трите сценарија за проширувањето (бавно, најбавно или најбрзо) се во основа позитивни, иако не и еднакво ефикасни и веродостојни (фингирањето преговори со Турција е токму тоа – фингирање). Најинтересно од геополитички аспект е т.н. „украинско сценарио“, не затоа што ЕУ би се повлекла од проширувањето, туку затоа што би им се создал простор за дејствување на „лошите момци“, т.н. алтернативни глобални актери. Меѓу нив – каква фројдовска грешка – е вброена и Турција, земја-кандидатка и регионална сила што и натаму прави сизифовски чекори кон ЕУ. Брисел, пак, само од невнимание на некој политичар (како Ван Ромпуј) ќе порача дека во христијанската Унија нема место за толку бројна и претежно муслиманска нација. Не трудете се да најдете референца, бидејќи ЕУ никогаш нема да го каже тоа во службен документ; но доволно е да се видат политиките кон муслиманското население внатре во Унијата и особено она надвор (во Газа, на пример). Граѓаните на ЕУ во огромно мнозинство се против интегрирањето нови сиромашни роднини. И тоа не е никаква новина (освен во висината на процентите, која зависи од серија внатрешни и надворешни фактори), иако вербата на нашите еврофили отсекогаш била во елитите, кои и во минатото носеле политички одлуки за прием на држави, кои ни оддалеку не ги задоволувале елементарните копенхагенски критериуми. Биг бенгот веќе пукна како меур од сапуница, откако новиот претседател на комисијата Јункер порача дека проширувањето не е на агендата за време на неговиот мандат. Веројатно и самите автори знаеле дека тоа е само убав ама неостварлив сон (wishful thinking), ама звучеше како убаво сценарио за лобирање. Иако не сосема дефиниран, за ликот и составот на новата Европска комисија, покрај вообичаените натегања и уцени меѓу „големата петорка“, се навестува и дилема дали воопшто ќе постои комесар за проширување.

Ако навистина дојде до тоа, тогаш не само што ќе исчезне сонот туку од четири сценарија на маса ќе се најде само едно – „украинското“. Украинското сценарио, всушност, виси како Дамоклов меч не само над Западен Балкан туку над многу поширок регион. Пред да преминам на импликациите од ова сценарио, да појаснам дека и првичните четири сценарија, колку и да се трудеа да бидат креативни и различни, сите беа варијација на тема „нема алтернатива за членството во ЕУ“! Дури не постоеше отворено сценарио дека ЕУ веќе нема да се проширува – ако ништо друго, тогаш од интелектуални и рационални позиции, како нешто што може да се случи. Интересно е што некој што имал моќ да фантазира за Биг бенг немал храброст да смисли ни петто „балканско сценарио“: да замисли постепено засилување на интеграција на земјите од регионот, на „сирачињата“ и „отпадниците“, кои соочени со ЕУ во криза и со студеновоени геополитички амбиции, би се свртеле кон себе и би се потрудиле да го консолидираат регионот, да го поврзат економски, културно и функционално, а со време и да доведат до постконфликтно помирување. Дури и да е ова сосема утописко (или за некои можеби дистописко?) сценарио, зошто е изоставено или отфрлено? Оној Биг бенг и онака беше пуста надеж на група истражувачи без политичко влијание во центрите на моќ.

Во стилот на новоговорот, Јункер порача: проширувањето не е приоритет, но тоа ќе продолжи. Ако не биде предвиден ресор за проширување, тоа нема да биде ништо драматично: какво фајде имавме од досегашните комесари, особено кога за Македонија се измислуваа триста акробации за да се фингира процес на проширување среде ќор-сокакот со името? Тоа дека проширување ќе нема најмалку во текот на една деценија го знаевме, ама само малкумина од нас се осмелуваа да ја соопштат лошата вест (па добивавме реакции од типот „уаа, евроскептици“ или „убиј го гласникот“). Неодамна во Дубровник италијанската министерка Могерини сликовито кажа дека не само што ЕУ е уморна од нови членки туку е уморна и од самата себе. Она што е драматично лежи во најавите дека мирољубива Венера е во толкава љубов со Марс (САД) што здушно се подготвува за втората студена војна. Ако сечиј друг интерес на т.н. алтернативни глобални играчи за Балканот се третира како непријателски чин, тогаш ЕУ се однесува како куче што истовремено не ја глода коската, ама не ја дава никому. Балканот (пардон, оној измислениот Западен Балкан) станува бојно поле, макар и на симболиен начин. Старата судбина на паричка за поткусурување во трансакциите на големите сили, како што ја опиша црногорскиот крал Никола во 1907 година! Оливер Стоун неодамна напиша силна порака: Исплашен сум! Веќе не станува збор за проширување, туку за битка за интересни сфери и за геополитика! Каде што има геополитика, таму не очекувајте социјална правда, вредности и алтруизам.

Напишано за Нова Македонија