Брак или мрак?

Минатата година во Хрватска се создаде референдумско движење предводено од здружението „Во име на семејството“, кое на крајот резултираше со „успешен“ референдум на кој граѓаните одлучија дека уставот треба да внесе дефиниција на бракот како заедница на маж и жена. Поради правна празнина, ситуацијата и натаму е чудна: ниту уставот е сменет, ниту не е, ама сите се задоволни. Референдумџиите среќни што успеала иницијативата, а другите среќни што владата донесе закон за животно партнерство меѓу лица од ист пол. И покрај сè, референдумската кампања сепак поттикна јавна дебата околу „непријатната“ тема. Имаше обвинувања за нееднаква медиумска презентација на таборот „против“ во однос на иницијаторите на референдумот, кои на своја страна можеби ја немаа владата (социјалдемократска, што би рекле лево-ориентирана и кокетна по ова прашање), но ја имаа католичката црква и голем дел од општеството. Хрватска се придружи на групата членки на ЕУ со социјалистичко минато, во кои постои уставна „заштита“ на бракот.

Без да навлегувам во суштината на другите амандмани за измена на нашиот устав (кои се или непотребни или дури и небулозни), фокусот го ставам на бракот. Овде предлогот доаѓа „одозгора“ – од владата, а не од конзервативниот дел од општеството (кој всушност и ја избра). Со оглед на политичката криза и отсуството на опозиција во парламентот, исходот е јасен, без оглед на формалната јавна дебата за уставните измени. Засега единствени реакции (кои и нема баш кој да ги слушне среде летен „распуст“) се оние на НВО секторот и ЛГБТ заедницата. Доскоро фокусот на битката беше во врска со законот за антидискриминација, каде се настојува(ше) внесување и на сексуалната ориентација како основа по која не смее да се дискриминираат граѓаните, работата како да се усложни и дигна на уставно ниво (иако не е така; поголем приоритет има законот отколку оваа уставна шарада). Гледано од јужно-тажна перспектива, она што се случи во Хрватска внесе нелагодност, поради наивната верба дека на север, и особено во ЕУ, сите се загрижени за правата на ЛГБТ популацијата. Но, познавачите објаснија дека соодносот на конзервативната наспроти либералната Хрватска отсекогаш бил 2:1, па ова не е никакво изненадување (Пуховски). Парадоксално, ама на човек му паѓа жал што и кај нас не се појави некоја Жељка Маркиќ, па да се покрене дебата, одмерување на силите, предизвик за медиумите, за уставниот суд, владата… Тоа ќе беше поефектен тригер од досегашните ЛГБТ кампањи. Овде едвај и да има некоја контратежа на она што власта арогантно го наметнува, а црквата и Светскиот македонски конгрес го благословуваат. Значи, како во изреката, гората нема да се стресе, но „глушецот“ сигурно ќе се роди – светоста на бракот меѓу маж и жена ќе стане уставна норма. Прогресивноста си ја мериме според истиот третман што ќе го добијат и вонбрачните заедници (на еден маж и една жена).

Целата приказна за уставната заштита на хетерополовите брачни заедници е само уште една симболичка епизода на конзервативно-патријархалното шоу на власта, која одамна ни се вовлече во спалните соби. Уставната дефиниција на бракот е навистина со значење на глушец, бидејќи радикално не менува ништо што и досега постоеше на законско ниво. Бракот бил и останува она што (реално говорено) мнозинството го сфаќа како „нормално“. Власта „брани“ нешто што мнозинството не го ни напаѓа, иако во стварноста бракот веќе не е она што го замислуваат верниците и конзервативците (обвинувајќи ги жените за тоа). Тоа што ќе немаме референдум не е лошо: подобро е власта сама да преземе ваков чекор, отколку мнозинството на непосреден начин, и со хомофобна референдумска кампања да шири говор на омраза и да одлучува за слободи и права на малцинските групи. Човековата слобода, вклучително и сфаќањето на среќата, не можат и не смеат да бидат предмет на мнозинска тиранија, колку и таа да звучи демократски. Владеењето на народот се однесува на јавните работи, а овде се работи за приватноста и личното сфаќање на среќата и начинот на живот. Освен тоа, уставната дефиниција на бракот е можеби израз на носталгија и страв од она што сè похрабро се промовира како инаков животен стил, вклучително и сексуалниот идентитет. Колку што е хомофобно она хрватско мнозинство кое се изјасни на референдум (дури и под забуна дека бракот значи семејство, т.е. усвојување деца од геј родители), толку е хомофобна и нашата влада. Општеството не е ништо подобро (на референдум можеби би поминале полошо од 2:1). Пред оние кои се борат за слободата да бидат она што се стои долг пат, уште подолг без опозиција во парламентот, која ќе проговори за либерализација на законодавството кое на истополовите заедници ќе им ја гарантира правната сигурност, правото на наследување, взаемна грижа и сл. Уставните измени може да ги сметаме за донесени, но место за очај нема; тие не се ништо пострашно (и понеменливо) од она што го имаме вградено и во правниот поредок и во свеста. Уставот ќе воведе монопол врз поимот брак за хетеросексуалците, но суштината и формите на заедничкото живеење помеѓу партнерите е законска материја. НВО кампањите за поддршка и солидарност со ЛГБТ заедницата делуваат осамено, па и анемично – со едни исти активисти (меѓу кои ретко кој е геј, а уште помалку се такви со храброст за „каминг аут“). Сè се сведува на кампањи, собири и прошетки во кои либералите ќе кажат дека геј популацијата не е сочинета од фрикови/монструми, туку дека станува збор за луѓе кои не само што имаат права, туку и страдаат. И толку! Бракот и не е нешто за кое би се ангажирала јавно; дискриминацијата е друга работа. Ние кои сме (биле) во брак, знаеме дека тој не само што нема никаква врска со љубовта, туку е и добар лек за неа. Тој не е природна категорија, туку социјално/државно конструирана, наметната институција и конвенција, норма зад која стои државата и обичаите (па и верата). Признавајќи го бракот, државата стекнува право и да ги регулира односите меѓу сопружниците. Бракот е можеби „основна клетка на општеството“, ама на класното општество и е во основа производ на конзервативизмот. Во тоа е парадоксот: ЛГБТ елитата (која се себе се смета за дисидентска и напредна во конзервативни средини), барајќи еднаквост во бракот, влегува во замката на конзервативизмот. А конзервативците, обратно, не го дозволуваат тоа. Бракот е една од најлицемерните институции, обвиена со вел на романтика и тајност, зад кој често се крие и насилство. Но, забранетото овошје отсекогаш било послатко на оние на кои им е недостапно. Желбата за брак кај геј популацијата е веројатно поттикната од барањето на еднаков статус, или верувањето дека тогаш ќе бидат прифатени како „исти“ како и другите луѓе кои живеат во брак. Забраната на бракот за истополовите парови ниту им дава, ниту им одзема ништо на хетеросексуалните. Можноста од брак за сите кои сакаат да живеат „чесно“ создава еднаквост, но и основа за преиспитување на преценетоста на бракот и „вредностите“ врзани за него.

Напишано за Нова Македонија