Кофа полна лажно милосрдие

Кога си имате работа со вжештени глави, кофа ледена врз глава вода не е лоша идеја. На пример, кога универзитетски професори или пратеници се тепаат со тупаници и докажуваат кој е во право, посакувате некој да ги „олади“ и да им каже дека ја срамат и академската заедница и она што останало од македонската демократија. Се разбира, овде станува збор за „предизвикот на кофата со мраз“ што (без ракавици) го нарекувам планетарно лудило. Мнозинството тврди дека е ова неверојатно креативна и ефикасна кампања за подигнување на јавната свест и милосрдна и хумана акција. Во случајов таа е насочена кон потребите на истражувањата на ретка болест позната по кратенката АЛС, а од која најпознатиот пациент е токму брилијантниот Стивен Хокинг. Тој не е доволен „селебрити“, но тука се политичарите и ѕвездите на Холивуд и Боливуд. Од друга страна, додека воената индустрија измислува суперсоничен проектил со петпати поголема брзина од таа на звукот, истражувањата за АЛС се во почетна фаза, па дури потребни се и донации за да продолжат.

Искрено, прв предизвик ми беше да сфатам што се случува и како оваа глобална еуфорија успеа да ги засени сите настани, вклучително и убивањето (здрави) луѓе во Газа. Набргу го сфатив сценариото, а научив и нешто за болест за која не сум знаела ништо, а која иако страшна и болна, сепак е во сенка на СИДА-та, птичјиот грип или еболата. Болните од АЛС (со право) се восхитени дека конечно некој се сетил на нив и дека за само неколку недели се собраа неверојатни стотина милиони долари. На социјалните мрежи продефилираа најбогатите, најмоќните, најпопуларните (целта на кампањата беа токму тие), кои поливајќи се со кофа полна мраз ќе напишеа чек и јавно ќе прозваа тројца други познати личности. Сето доби призвук на (летна) забава, што и обичните луѓе (инаку дремливи во време за сиеста) посакаа да бидат налик на оние од џет-сетот. Модата допре и до нашите „ѕвезди“ (како, Боки 13), па и регионални политичари, иако остана нејасно како тие ќе помагаат истражувања во врвни американски центри. (Кај нас, на крајот, се се сведе на вообичаен начин на донирање симболични 100 денари со вртење мобилен телефон). Но, за тоа дека и кај нас има болни од АЛС и како е да се биде во таа „кожа“, разбравме повеќе од отворено и трогателно писмо до пациентка отколку од летната забава. Одговорните за задравството, на чело со министерот Тодоров, ни се зафатени со „генијални“ реформи: отворање на „слободни здравствени зони“, во кои во период од 10 години ќе им биде забрането лекување на државјаните на Македонија и на Косово (?!). На овој човек нема да му помогне ниту ако се фрли во студените води на Мавровско Езеро. Сепак, не е проблемот во човекот/министерот, туку во корпоративната и комерцијална логика која навлезе и во здравството – единственото нешто што вредеше да се сочува од социјализмот.

Кофите мраз навистина имаат ефекти, но за некои (од нас, циниците) оваа „заразна“ игра зборува повеќе за едно болно општество отколку за болните од АЛС. Син на мајка почината од оваа болест напиша дека се чувствува како некој да му плукнал в лице и да се подбива со страдањата со кои умрела мајка му. Патрик Стјуарт, познатиот капетан Пикард од „Ѕвездените патеки“, на елегантен начин покажа дека може да се покаже великодушност и напише чек без глупирање. Друг глумец (истовремено и активист и борец за чиста вода за оние 2,5 милјарди луѓе кои секојдневно страдаат од жед /нечиста вода), Мат Дејмон, се прели со вода од својот тоалет. Покажа каква лудорија е во името на една хумана кауза да се заборави и на сушата (од која во Калифорнија страдаат сиромашните) и на глобалната катастрофа со (не)чистата вода (за која корпорациите бараат да стане комерцијално добро). Другиот контраст беше симболичната акција на жителите на Газа, кои се „поливаа“ со кофи полни прав од разурнатите домови. Без оглед колку пари ќе се соберат, сомнежите растат пропорционално со појавувањето на ликови од светскиот „1%“ – од претседателските противкандидати, сегашни и бивши политичари и претседатели, до моќници од Вол Стрит, итн. Некои велат дека критиките се барање влакно во јајце и било важно „да се движи“, да се анимира јавноста и да се постигне целта. Но, суштинското прашање е: која е целта? Ако некогаш поединци се самозапалуваа, денес се поливаат со вода! Колку ќе трае кампањата, ќе заврши ли со летото? Колку пари се потребни за да се најде лек за АЛС? На пример, за да се елиминира сиромаштијата или за да се обезбеди образование и чиста вода за сите жители на планетата пресметките се познати, а сумите достижни, ако само се намалат воените издатоци. Кои се социјалните ефекти на „предизвикот“ и која е иднината на добротворните акции? Зошто товарот на медицинските и фармацеутски истражувања не лежи таму каде што треба – на државата? Зошто политиката му е противник на јавното здравство и не ги оданочува најбогатите за да обезбеди достоинствен живот дури и за оние кои се уште умираат од излечиви болести, само затоа што се сиромашни. Зошто државата (САД) може да обезбеди воен буџет поголем од вкупниот збир на воени буџети во светот, а во вакви кампањи учествуваат државни претставници – ама само како приватни лица, а не како креатори на политиките? Дали судбината и вредноста на човечкиот живот треба да зависи од „креативноста“ на кампањите (и подигањето на нивото на „предизвик“ и глупирање)? Ако со добро смислена и ефикасна кампања за АЛС се соберат значителни средства, следен ќе биде предизвикот за болните од други (не)ретки болести. Тие ќе мораат да смислат нешто уште поблесаво и поинакво за да ги натераат оние кои тукушто потпишаа чекови, тоа да го направат повторно! Исполнетите со убаво чувство на благородност, жестоко го бранат хуманиот ефект на кофите со мраз, заборавајќи на страдањата, осакатувањата и умирањата на ЗДРАВИ луѓе! САД има полиција која во Фергусон покажа дека е на исто ниво со армијата по степенот на бескрупулозност и милитаризираност, а нема средства за неколку илјади болни од АЛС (нема ни за воените ветерани, бај д уеј). Звучи грубо, но вистината е дека многу повеќе луѓе умираат од глад, од нечиста вода и од излечиви болести, како и од непотребни воени игри, но тоа се смета за нормално. Она што хуманитарците не го разбираат или намерно го игнорираат е фактот дека постојат и доволно средства и доволно ум да се создаде општество (планетарно и национално) во кое нема да се страда или во кое барем оние кои се болни ќе бидат третирани достоинствено и благовремено, без милостиња и глупирање. Што ли ќе смисли „храбриов, нов свет“ по кофите со мраз за да го сокрие она што смрди и гние? На ова ли ниско ниво е паднато човештвото во 21 век кога станува збор за базичните човекови потреби и за елементарна емпатија? Секоја нова „фаца“ со кофа мраз врз глава е сигурен знак за целосна ерозија на моралот и солидарноста, целосна деканденција наместо развиток на човештвото.

Напишано за Нова Македонија