Кутрите мали муслиманчиња

Знаете што е вистинска иронија? Тоа што Македонија воопшто е членка на Комитетот за човекови права на ОН. Уште поголема иронија е што при гласањето за покренување истрага за злосторствата во Газа, „одигравме“ токму според принципите на ЕУ. Се запиша така „гордо“ името на Македеонија веднаш покрај имињата на државите-членки на ЕУ, а сите оние кои клеветат за некакво свртување кон Исток и изневерување на европските вредности останаа со прстот в уста! Покажавме дека сме Европјани, и тоа во моментот кога старата дама падна на најниски гранки, избегнувајќи кукавички да го осуди колективното казнување во најголемиот затвор под отворено небо. Во монтипајтоновски стил, гледајќи од светлата страна, можеби и треба да сме среќни што не покажавме „храброст“ да гласаме против како „нашите најголеми сојузници“ (САД), оние кои со години им даваа(т) медали за храброст на нашите војници за нелегалните операции во Ирак и Авганистан. Дел од интелектуалната јавност ја осуди апстиненцијата како неморален, нелегален и кукавички чин – ама застана токму на точката кога требаше да каже дека ништо подобри не се ни европските демократии. Обично велат дека било глупаво да се вознемируваме за она што се случува во светот кога како мала земја не можеме да влијаеме. Овојпат можевме да бидеме на вистинската страна! Оние кои врескаат дека мораме воведеме санкции спрема Русија и да го осудиме новиот Милошевиќ/Садам/Гадафи алијас Путин, замолчеа.

На Илинден не следев ниту еден свечен настан: немав сили да слушам за нашето историско страдање, за вековната битка за слобода! Немав сили да слушам патетични рефрени за тоа како на наш грб се прекршува меѓународното право и за непринципиелноста на Европа. Веќе цел месец во немоќ и бес гледам како стануваме дел на западот, онака индиферентни и претпазливи кога треба да се осудат злосторства против човечноста (можеби затоа што сме индиферентни и спрема цивилните жртви од 2001). Страшно е кога слика на од болка скршен маж, кој липа пред камерите, се покажува како нешто чудно и невообичаено. Она што е нормално и она што е човечко веќе станува исклучок и „вест“. Кај нас сиот оној ужас се презентира во вести од светот, во оние 4-5 минути, токму пред вестите од спортот и временската прогноза. Тој свет всушност не нѐ засега – може да е на Блискиот Исток или на Марс, исто ни се фаќа. Дали некој мисли дека критиката за израелската офанзива е антисемитизам, дека со тоа ќе си го нарушиме угледот на земја која се солидаризирала со Евреите за време на Втората светска војна? Или дека „Трето полувреме“ ќе изгуби на популарност? Има и такви кои на социјалните мрежи не го кријат восхитувањето за начинот на кој Израел се „справува“ со внатрешните непријатели (еден од нив е млад новинар на „Слободен печат“!).

Стручњаците велат дека променливото и дождливо време предизвикувале депресија и главоболки. Ми доаѓа нагон за блуење. Всушност, секоја наша домашна глупост, некадарност и недоветност бледее и станува навистина бедна и непристојна во споредба со ова крвопролевање. Барем да стаса таа порака до некоја вжештена глава која се заканува со нова војна… Имаше и еден мал јавен протест, налик на она што се случува во многу светски градови. Ние не би биле тоа што сме да не направивме карикатура од себе и од нашето разбирање на емпатијата и хуманоста: верниците од муслиманска вероисповест, по петочната молитва, тргнаа кон Музејот на холокаустот. Намерите им беа мирољубиви, а транспарентите се состоеја од слики на искасапени детски тела. Полициски сили под полна опрема и со борни коли пред музејот само го зголемија чувството на мачнина. (За оние кои барем еднаш биле во паркингот кај музејот овие мерки на безбедност не се изненадувачки – таму возилата ги претресуваат и во обични денови). Но, кому тоа демонстрантите му испраќаа порака на протест? На жртвите од Холокаустот? На оние кои биле систематски убивани поради тоа што не биле од ариевска раса, и тоа во време кога Израел и не постоеше како држава? Каков е тој протест кој не препознава невини жртви, односно кој не ја гледа поврзаноста помеѓу убиените деца во Аушвиц и овие во Газа или каде било во светот? Зошто пред музеј, а не на централен плоштад? Вистинското место ќе беше токму зградата на владата или МНР! Можевме да прошетаме и до американската амбасада или оние на европските држави (кога веќе нема израелска). Сите тие се соучесници во ова злосторство кое се одвива пред нашите очи.

Деновиве циркулира пропагандистичка електронска порака, чиј наслов го одбрав за оваа колумна. Толку лошо прикриена омраза и цинизам, одамна немам видено – можеби затоа што сето тоа е спакувано во наводна грижа за „кутрите мали муслимански деца“. Пораката во два дела: едниот со заглавје „еве што ви покажуваат во медиумите“ (слики на убиени деца), а вториот веќе ја открива пропагандистичка намера – „еве што не гледате во медиумите“, слики на деца во униформи и зелени шамии, како вежбаат како да станат терористи. Во таа приказна Палестинците (муслиманите!) ги жртвуваат своите деца или како „жив штит“ или како војници и терористи. Она што запрепастува не е толку содржината (перверзно јасна за оној кој сака да види), туку оние кои ја препраќаа вредно, така легитимирајќи ги акциите врз цивили од кои преку 300 се деца. Повиците дека Палестинците треба да престанат со насилство и да градат социјална и демократска држава е дрско подбивање со децениските страдања на овој народ. Ако е така лесно, зошто ги нема дури и во европските држави (за САД и да не зборуваме). Расте бројот на мировни протести и во Израел каде мнозина го дигаат гласот против злосторствата во нивно име, а моралните џинови како Леви, Авнери и Амира Хас зборуваат за садизам претставен како милосрдие (со пораките до Палестинците да ги напуштат домовите пред да ги бомбардираат). „Еврејскиот глас за мир“ е организација која го прави она што се обидуваме да го направиме со РЕКОМ: читајќи ги имињата на загинатите, чувајќи ги од заборав! Тоа е толку опасна работа што израелските власти ја забранија акцијата: кога на бројка ќе ѝ дадете име, возраст, лик – тогаш таа погодува право во режимот како флашетна бомба. Ретки се тие како Фиск или Чомски кои зборуваат за перфидноста со која западните медиуми ги злоупотребија жртвите на малезискиот авион за геополитички цели. За она за што немаа цврсти докази бараа одговорност од злосторникот Путин (како и бин Ладен по 11 септември), додека за она за што „доказите“ се во вид на детски тела изразуваат „загриженост“ и упатуваат апел за примирје. Пишуваат за „шокот кој го доживеал светот“, и за секој сентиментален детал од животот на жртвите, кои, тргнале на летување, и ни криви ни должни загинале, но ниту збор за палестинските деца кои тивко умираа под окупација и тогаш кога не ги гранатираат во училишта или болници. Нема ни трага од вџашеност од она што (не) го прават ОН, Нетанјаху или Обама, и тоа не сега, туку со децении. За западните ама и нашите медиуми, загинати цивили во Украина немаат ама баш никакво значење, тие не се вест. Нема ни да бидат… Потсетувањето на тие безимени, заборавени, па дури и озлогласени жртви е ерес, кој може да нѐ оддалечи од НАТО и ЕУ. Во меѓувреме, се оддалечуваме од сопственото битие и хумана суштина…

Напишано за Нова Македонија