Порнографија на смртта

Неодамна пишував за ужасот во Газа. Би можела да продолжам со исто темпо за сите останати, и повторно ќе остане доволно голем број запоставени… Многу човечки судбини неоплакани. Болната и груба вистина е дека сме немоќни. Со тоа што повремено ќе крикнеме во име на оние кои се понесреќни од нас, само се спасуваме себе си – покажуваме знаци на ментално здравје и отпор, свест и совест. Упатуваме апели до нашите влади, кои ги боли уво сè додека добиваат налози од други места и купуваат оружје. И добро, кога ќе го сториме тоа, ќе крикнеме – што потоа? Дали со мирна совест можеме да се свртиме кон сопствениот живот, кон малите или големи задоволства, интимните љубови и несреќи? Некој може полесно да го стори, на друг му е потешко… Некому ова ќе му звучи банално и помодно, ама одлучив да пишувам за смртта на еден човек, додека мнозина од нас не се ни свесни дека умираат или престанале да живеат. Смртта на Робин Вилијамс ја вознемири светската јавност, а не минаа ни два часа од првите солзи, а веќе почна јавното секцирање на сите приватни детали не толку од животот, колку од смртта, па на крајот сè да заврши со трогателни изјави на политичари од чии наредби умираат стотици илјади луѓе, сеќавања, мудрувања, но и (црн) хумор и сатира. Мнозина сметаат дека оние кои се селебрити, всушност и не се вистински луѓе – како што нивните перформанси, пикантериите од животот во жолтиот печат, така и нивната смрт е само уште еден начин да се разбие здодевноста. Можеби сум сентиментална, но Робин го сакав како некој кој без штедење ни ја покажуваше сложеноста на човековата психа. Неговата глума беше блескава, токму затоа што не забележувавме дека глуми (дури и не видовме колку страда додека ни измамува гласна смеа). Репликите од филмовите, иако напишани од други (поет, сценарист или писател), нè допираа како да се негови; беа пренесувани од човек до човек, без оглед на далечината, културата, јазикот… Мнозина велат дека ќе го паметат како комичар, како дел на онаа група глумци со најтешка задача – да ги забавуваат и насмејат своите гледачи, да ги натераат да заборават на своите проблеми или да им се потсмеваат кога ги гледаат на големото платно. За мене тој ќе остане мојот Капетан кој сега лежи „мртов и студен“ (Витман). Тој филм никогаш не сум го изгледала рамнодушно, ме потресувал до дното на душата, и поттикнувал да размислам дали некогаш ќе можам да допрам до моите студенти, дали ќе имам храброст да ги натерам да скинат страница од некоја книга која им го заробува умот. „Друштвото на мртвите поети“ последен пат го гледав токму со моите студенти „Сократовци“ во амфитеатарот на Филозофскиот факултет, по што следуваше искрена и на моменти вознемирувачка дебата за тоа дека од образованието ја избркавме и поезијата и критиката и инспирацијата, дека не ги наведуваме студентите да размислат „каков стих ќе остават зад себе“, како ќе го одбележат својот живот. Нема од овој текст да направам in memoriam, не е тоа моја задача. Повеќе сакам да напишам за начинот на кој како општество се справуваме со смртта, за нашата скриена фасцинација со смртта, ама само кога е смрт на поединец и е насилна. Навидум фини и пристојни луѓе, а не така одамна беа толку фасцинирани со сцените на бесењето на Садам, на ТВ екраните или на јутјуб, одново и одново – до наузеа! Небаре со секое ново „убивање“ на диктаторот, во Ирак огрева нова зора на слободата, а правдата бива задоволена. И тоа, сè додека не беа заменети со сцените на уште поживописното черечење на Гадафи. Колективното крвопролевање нема таков ефект. Со нечија судбина полесно се идентификуваме ако станува збор за личност, па макар и измислена. Сте помислиле ли зошто во холивудските филмови за масовни катастрофи или за судниот ден има неколку „јунаци“ за чија судбина стрепи сета публика, не прашувајќи се за оние другите кои исчезнуваат и без да ги „запознаеме“?

Бројните реакциите по смртта на Вилијамс беа само навидум разнолични. Покрај вообичаените оплакувања и последни поздрави (во англиски манир – RIP – небаре покојникот така полесно ќе нè разбере), следуваа подбивни коментари за „националната и евтина патетика“ за славна личност, но и по некоја опомена дека самоубиството на еден глумец предизвикува повеќе сочувство отколку злосторствата на ИСИС. (Некои забораваа дека сè до тој момент најемотивните ФБ статуси им беа посветени на победите на кошаркарите или на нивните деца). Оправдана е донекаде таа опомена дека кога е некој селебрити, сите жалат (иако лажно и кусо), но дека има малку свест за секојдневните жртви на воените жаришта кои се сметаат за недостојни за нашето внимание. Но, треба ли човек да стане подвоена личност: една која ќе тагува непрекинато за сите светски несреќи, а другата да биде „нормална“ и да се радува на секојдневните убавини, семејна среќа, летување, рози во градината, пријатели? Може ли да се запостави смртта на еден прекрасен човек, само затоа што е познат, а како контра-одговор да се жали за стотици илјади прогонети? Ги изневеруваме ли вторите, ако покажеме тага за првите? Не може ли да се сочувствува и со знаените и со незнаените? Мора ли на кантар да се става сè? Најневкусни и непристојни беа коментарите на оние кои се шокираа што славен глумец си го одзел животот (па биле тешко разочарани од него). Најниското ниво им припадна на оние кои смртта ја свртеа на домашен „сатиричен“ терен со црн хумор: ете, ние Македонците сме толку сиромашни и депресивни, а не вршиме колективно самоубиство како размазениот глумец. Сосема мал број луѓе се стави во чевлите на човекот Робин и размисли за неговите демони, за она што како неподнослив товар често го носиме и ние. Како и во своите ролји, така и во својата смрт, Робин покажа дека е само човек. Ја разголи пред светот својата внатрешна тага, својот немир и неспокој, и немоќта да се носи со сето тоа. Не знам за вас, ама тој замина на начин кој испрати посилна порака од сите негови блескави улоги заедно: погледнете длабоко во себе, слушнете си го внатрешниот глас, видете ги оние околу себе! Насекаде луѓе кои својата бесмисла ја кријат зад статусни симболи, надмено однесување, гласна смеа и фалење со „уживкања“ (главно пред полни трпези), или со професионалните успеси. Депресијата не е нешто што се носи на чело – таа страшна тајна лежи длабоко и чека миг да излезе на површина. Нè чека во заседа, кога сме сами, кога ќе ја симнеме маската, кога ќе заспиеме па нешто ќе нè здрма токму кога сите брани се паднати… Тогаш кога ќе сфатиме дека што и да сториме, светот ќе оди таму каде што тргнал – по ѓаволите! Дека тешко се снаоѓаме во општество без компас, во кое не се препознаваме себе си и својата мисија. Некои очекуваат оваа смрт да поттикне дебата за болеста на нашето време – депресијата. Психолозите, психијатрите и социолозите веќе се подготвени, а фармацеутите и „шринковите“ трљаат раце… А мене ми се чини дека депресијата е само друго име за човековата алиенација од својата суштина и од општеството. Прилагодени на болно општество, на шизофрена ситуација во која додека му се радуваш на внучето, нечие друго е разнесено со бомба, на непомирливоста на дилемата (смеам ли да бидам среќна во несреќно време) – сите сме болни. Ганди има кажано дека само смислата за хумор го спасува од самоубиство. Робин ја потроши на сите нас и згасна. Општеството способно за варварство и за поттикнување на колективно самоубиство (војни, социјална експлоатација, еколошка деградација) го стигматизира чинот на самоубиство. Каква иронија!

Напишано за Нова Македонија