Хајлендерски синдром

Една седмица по одбележувањето на 23-та годишнина од независноста на Македонија и на само неколку дена до референдумот во Шкотска, темата се наметна сама. На овие страници, но и пошироко, веќе има навивање за шкотската независност. Звучи навистина предизвикувачки и по малку романтично: на ум ви доаѓаат шкотските пејсажи и сцените од „Храбро срце“ (Мел Гибсон) или „Хајлендер“ (со не помалку згодните Кристофер Ламберт). За Шон Конери велат дека и 007 е против нејзиното Височество! Шкотска е неколкупати поголема од Македонија, и по територија и по население. Да не правиме споредби со други помали (и новокомпонирани) држави во Европа и на Балканот… Нивото на развиеност, ресурси, образование, демократска култура – сѐ е во полза на Шкотска; тие го имаат сето она што ние го немавме во 1991 година. На моменти, кога гледам каква недолична кампања води владата во Лондон, а која е заснована на суптилно, па и не толку суптилно застрашување и поткупување, или изливи на срцепарателна љубов кон браќата, посакувам да им ги видам лицата кога ќе се прочита декларацијата за независност. Се сеќавате на британскиот министер кој ни мафташе со часовник пред нос кога ние имавме референдум за општински граници? Тоа се оние кои прават што сакаат со државите: во 1999-та бомбардираа и флагрантно го прекршија меѓународното право за да создадат држава, а подоцна парчосаа една друга (Ирак). Сега велат дека шкотскиот референдум ќе им дал поттик на сепаратистите ширум светот. Шкотите се барем мирољубиви и не формираат паравоени формации: и да се инспирација, таа е во многу поцивилизиран облик од многу други.

Движењето за независност е несомнен израз на национализам, за кој упорно не убедуваат дека не постои на развиениот Запад. Хајлендерскиот синдром, како што кажуваат речниците, е синоним за бесмртност, односно означува биолошка способност (во многу ретки, но наводно постоечки случаи) на клетките да се обновуваат. Ако е „Македонија вечна“, не е поразлично и кај Шкотите. Но, Хајлендерскиот синдром ќе најдете и во унионизмот на Лондон. Но, тој национализам гледа кај другите, ама не и кај себе. Да потсетиме, тој почива на величање на историската големина (од Екскалибур, па и пред него), од империјалните искуства, од отпорот кон европските реформи (Шенген зоната, еврото или социјалните права во Повелбата на ЕУ). Зошто е тогаш чудно што таборот „За“ се повикува на шкотската „вечност“, самобитноста сочувана дури и под круната. Очевидците велат дека она што последниве месеци се случува таму е пример на граѓански активизам, на мобилизација, дебати, делиберација… Штета што не беше поттикнат во цела Велика Британија и за ненационални, туку политички и соицијални прашања. Јасно, таму нешто превира, ферментира, а луѓето очекуваат различни нешта од независноста. Некои дури (наивно) веруваат во држава на благосостојба, немилитантна надворешна политика, Шкотска без неолиберализам. Дебатата сега се прекршува на едно суштинско прашање, а сето останато следува. Скептиците (меѓу кои се вбројувам и себе си) мислат дека независноста нема драматично да го смени животот на Шкотите, освен што ќе добијат уште еден празник. Независна Шкотска ќе остане неолиберална, дури и ако е вистина дека лежи на нафта и може да стане втора Норвешка. Но, без оглед на исходот (кој ќе се изрази во тесна маргина), она што дефинитивно ќе се случи ќе биде продлабочување на внатрешкотската поделба. Неверојатно е да се помисли на некакво насилно сценарио (ова не се Фокландите, ниту премиерот има потреба со воена акција да ја дефоксуира јавноста и потиснува социјален бунт). Но, шкотската нација е поделена во речиси еднаков сооднос, што навестува рацеп кој нема да се намалува. Роберт Фиск, со право, потсетува дека на историското искуство на Велика Британија од 1919 година кога ја изгуби Ирска – и на основа на тој случај и укажува на погубноста на внатрешната битка и на цената платена за државноста.

Но, имајќи во вид колку крв се пролеа за да се сочува „територијалниот интегритет и суверенитет“ на СФР Југославија, а потоа да се изградат новите држави, помислувам колку ќе беше подобро да се раздружевме благовремено и цивилизирано. Но, длабоката резерва се должи токму на плодовите од нашата независност. Гледаш назад 23 години, па ти доаѓа да го парафразираш Конески: „23 години и што е сторено? 23 скршени врчки – демократијата е затворена во кафез од брчки“. Сите земји од бивша Југославија си го поставуваат ова прашање, особено во светлина на сѐ појасната слика за статусот на колонии на странските моќници и капитал, а со помош на домашните послушници. Не знаеш кој е полош! Оние од надвор кои земаат што им треба и експлоатираат без срам, или овие домашниве кои освен „резервни наставници“ наскоро ќе си измислат и „резервни граѓани“.

Брисел, во својата солидарност со владата во Лондон, предупредува дека Шкотите ќе треба да бараат прием во ЕУ: ќе добијат независност, ама нема автоматски да ги сочуваат привилегиите од членството во ЕУ. Но, тоа е друг проблем – проблем на една наводно прогресивна Унија, која наводно сака да се проширува (после петте години мораториум кои ги најави Јункер, се разбира) со нови држави, ама не прифаќа дека нејзините сегашни членки не се од Бога дадени, туку се живи организми кои минуваат низ промени, како овие во Британија, или утре во Шпанија и Белгија. Дел од Велика Британија кој досега ги исполнувал сите политички и економски критериуми, со чинот на стекнување независност нема да ги загуби тие квалитети. Доколку референдумот успее (и биде фер и демократски), покрај класичното прашање за прием во ЕУ, за првпат ќе се постави и прашањето/правото да се остане внатре. Ако Брисел не го разбира ова, тогаш целосно ќе се искомпромитира, а на земјите како Србија, Црна Гора, Македонија ќе треба да им објасни зошто прекуноќ Шкотите се помалку Европјани од времето кога беа заедно под круната. Евентуалните пречки за Шкотска, која би сакала да остане дел на ЕУ, ќе добијат хумористична димензија во светлина на фактот дека станува збор за проевропска нација која се отцепила од најевроскептичната, онаа чиј премиер ветува референдум околу членството во ЕУ.

Без илузија, земјите-членки на ЕУ почиваат (меѓу другото) и на национализам, а европејството е само обланда со која се прекриени прагматични интереси на економската каста за која (економската) интеграција е императив. Не само што не се успеа да се создаде европски демос, туку и демосите на државите-членки се подложни на национализам, поделби, дискриминација на малцинските групи (Ромите или Арапите) или шовинизам кон имигрантите. Шкотскиот референдум (како и барањата на Каталонците, Баскијците, Валонците) е, меѓу другото, и доказ дека да се биде во ЕУ не значи и да се надмине национализмот. Во кризни времиња, тој цвета, но дава горчливи плодови. Шкотската независност има силни поддржувачи на кај балканските хајлендери, но попаметно би им било да не берат туѓи гајлиња, туку да видат до кое дереџе стасавме за помалку од четврт век.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Dugald Stewart Monument, Calton Hill, Edinburgh