Униформиран ум

На почетокот на учебната година во мода се задолжителни училишни униформи. Дебата нема, што не е ни чудно во општество кое ја изгубило моќта да размислува гласно и за посуштински нешта. За волја на вистината, ова не е новина; дел од постарите генерации се сеќава на слични обиди во бившиот систем. Аргументацијата тогаш се сведуваше на создавање чувство на еднаквост (во општество кое сè повеќе се раслојуваше) и на хигиенски и практични причини. Но, во системот на јавно школство не можеше да стане збор за брендови, натпревар и разликување по некои надворешни одлики. Обидот беше неуспешен, бидејќи по неколку седмици сите дигаа раце од дисциплинирањето на учениците, кои најчесто ги `забораваа` униформите дома без оглед на казните. Униформите (многу едноставни, во вид на палтенца или кецелки, во невесела боја и класична кројка), требаше да послужат како смоквин лист за она што реално се случуваше надвор од училиштата. Неколку децении подоцна, еве го повторно истиот тренд со малку видоизменета аргументација. Директорите на училиштата и гордите градоначалници велат дека вака се гради чувство на припаѓање и заедништво, а истовремено ќе се сузбие снобизмот и помодарството, нееднаквоста меѓу сиромашните и богатите, а и родителите ќе бидат поштедени од издатоци и од модните каприци на нивните размазени деца. Во сето ова можеби и има трошка вистина, но само трошка.

Некому оваа тема ќе му се чини тривијална за да биде третирана во колумна, но да видиме дали е баш така. Пред да го погледнеме контекстот, неколку збора за поимот и употребата на униформите. Коренот на зборот е од латинскиот јазик, и означува „иста форма“, воедначеност, постојаност. Униформно, оттука, означува непроменливост, комформизам, недевијантност. Униформата е облека со цврсто определен дизајн и изглед за членовите на одредена група, а нејзината функција е да биде средство за идентификација (разликување од другите со поинакви или без униформи, односно кои не припаѓаат на групата/организацијата/институцијата). Тие се карактеристични за припадниците на полицијата, војската, паравојската, но и кај свештенството, во здравството и некои служби, но и кај затворениците и спортистите. Униформите испраќаат различни пораки: едни симболизираат моќ, хиерархија или успех, други се користат за стигматизација на отпадниците. Некои, пак, доброволно се прифаќаат по пат на самоидентификација или како моден детал. Самоидентификацијата со некој клуб/спортист е широкораспространета и комерцијално исплатлива работа. Некои се носат со желба и гордост, другите по пат на принуда.

Училишните униформи имаат своја историја, а во некои средини сè уште се користат во секојдневните активности или само во свечени прилики. Но, бројот на држави во кои на децата (дури од градинка) им се наметнува воедначен код на облекување не е голем. Кај нас станува прашање за кое (навидум) се одлучува на локално ниво и на ниво на училишни одбори и раководства. Некои велат дека овде има и бизнис логика, но тоа е помало зло од она што униформирањето значи во нашиот општествен контекст. Дури и гледано (само) низ позитивните страни на оваа акција, јасно е дека не е тешко да создадете слика на навидум убаво облечени деца – доволно е да се испочитува кодот на облекување, со каков-таков естетски дизајн, иако од не толку квалитетни ткаенини. Дури и таа слика нема да биде вообичаена за некои рурални или дури и урбани средини (се сомневам дека ќе ги видите во ромските населби, на пример). Уште полошо, униформираните деца одат во распаднати тоалети (од каде се шири жолтица, на пример), седат на скршени столчиња или едвај се греат на јаглен и дрва (ако општината има средства да набави огрев). Родителите сè уште набавуваат средства за хигиена или други потребни материјали за нормално одвивање на наставата. Униформите (дури и ако задоволуваат одредени стандарди), во вакви услови, се налик на ставање парфем на неизмиено тело. За каков тоа „бренд“ станува збор во земја во која квалитетот на образованието опаѓа драматично, а наставниците се една од најпонижените професии? Дури и да не е така, носењето униформа која означува „подготвеност за успех“ и гордост, претставува одреден облик на терор врз детскиот ум.

Сепак, проблемот не е во униформите. Тие не се само одраз на нечиј итар ум (кој нашол начин да заработи), туку на политиката на владеење и дисциплинирање на членовите на општеството. Кај нас таа е надополнета со погодна клима на групирање по етничка, верска или социјална основа. Порано зборувавме за „дисциплина на кичмата“. Денес е доволно да ја видите сликата на учениците во став мирно додека ја слушаат државната химна пред почетокот на часовите, за да добиете јасна асоцијација. Како сцената од „Кабаре“ и песната „Иднината ни припаѓа нам“. Ова засега се случува во една скопска општина (Аеродром), но веќе се шири во други. Прашање на време е кога ова ќе стане директива (партиска, се разбира). И пред воведувањето на училишните униформи, децата се „униформираа“ на невидливи начини, по социјална, партиска, етничка/верска основа. Интонирањето на химни (и од други држави), како и верски обреди за успешна школска година, се ритуалите на кои на децата и на младите веднаш им се кажува „кои се“ и како се разликуваат од другите. Училиштата беа и останаа авторитарни институции, без оглед на перманентните реформи. Од учениците се очекува дисциплина и послушност, повторување на она што го пишува во (неквалитетните) учебници без размислување или – не дај боже – критикување. Креативноста се гуши затоа што е атак на „униформниот“ ум и медиокритетството. Родителите кои се среќни што децата им носат униформи (наводно така ќе биле на дистанца од потрошувачката еуфорија, помодарството и недоличното однесување) не гледаат дека корените на тие појави се во општеството, а дека децата се формираат и под влијание на рекламите, средината, па и двојните стандарди на нивните родители. Идејата зад униформите како елитизам во образованието е друг израз на прифатената социјалната нееднаквост.

Оние кои одлучуваат ниту ги разбираат новите трендови, ниту сакаат прогрес. Тие сакаат „нов човек“ (поточно, Македонец или Албанец). И тој се негува од мали нозе. Бунтот на младите, ама и не само на младите, отсекогаш бил и бунт кон наметнатите кодекси на однесување или облекување. Мојата генерација се сеќава на долгите коси (кај момчињата), ѕвонарките, мини-сукњите, на Битлсите, ако не и на 1968-та. Денешните генерации растат со некои нови видови на субкултури (кои нам, на повозрасните, не секогаш ни се јасни или пријатни за уво/изглед). Но, најважното од сè е што тие имаат право на тоа исто онака како што ние имавме право на сопствениот младешки бунт и потрага по сопствен идентитет. Униформите не се безначаен детал, туку загрижувачки симптом, кој јасно се гледа и во најновата владина кампања против насилството (за жал, помогната од ОБСЕ) со која се шират стереотипи и стигматизираат како насилници сите оние кои не се совпаѓаат со (конзервативната и назадна) идеја за тоа што се фини и послушни мамини/татини деца.

Напишано за Нова Македонија