Држава-Универзитет

Тоа дека постојат државни и приватни универзитети не е нов и непознат податок. Но, кога државата-Левијатан добива амбиции да супституира сè, вклучително и универзитетите, тоа го има само во Македонија. Сега кога автономијата на универзитетите е сосема уништена (со никаков или сосема симболичен отпор на професорите и студентите), министрите – без оглед дали се викаат Нино, Спиро или Абдулаќим – можат да прават сè што ќе им се види како генијална идеја. Владината кампања „Знаењето е сила, знаењето е моќ“ добива нови димензии: кога и знаењето и силата се во рацете на државата, тогаш може да зборуваме за државна присила и моќ, но не и за наука и високо образование. Да потсетам дека државата има веќе „стекнати слободи“ и овластувања во домен кој не и` припаѓа ни според академските традиции, ниту според уставот: од влијание во студентските организации, утврдувањето на критериуми за избор во академски звања, учество во управувачките и други тела, вработување на „свои кадри“, сè до наметнување учебници од кои наставниците мораат да предаваат, па сè до нови студии кои пропагираат државна идеологија (како семејните, на пример). Сега, после сè, вреди ли воопшто да се коментира најновата најавена небулоза за т.н. државен испит кој студентите би го полагале во втора и четврта година на студии? Можеби и е попусто, но нека…

Овој вид на „екстерно оценување“ на студентите требало да биде облик на „контрола на квалитетот“, па секој студент кој нема да го положи државниот испит на половината на студиите, нема да може да ги продолжи. (Остана нејасно што ќе се случи доколку студентот ја заврши и четвртата, завршна година на студиите, а потоа не го положи државниот испит – ќе му се поништи дипломата?) Најапсурдниот аспект на оваа мерка е што го предлага влада која, всушност, доведе до такво омасовување на студиите и до таков степен на дисперзија на универзитети и факултети (кои веќе ги има во секое село), каков што ретко се среќава во која било држава. Фалбите на владините кампањи се однесуваат на фактот што 80-90 % од средношколците ги продолжувале студиите, како и од тоа дека во речиси секое гратче (од Дебар до Кочани) има факултет без соодветен кадар. Попусто беа укажувањата дека за мала земја како Македонија високообразовната инфлација создава неквалитет за сметка на квантитетот, а образованието наместо кон извонредност се движи кон (пот)просечност. Сега кога плодовите на таа долгогодишна политика се тука, некому му паднало на памет да ги селектира – и тоа не пред почетокот на студирањето (тогаш им е важно да се фалат со високиот интерес кај младите и со проценти достојни за Гинис), туку среде студирање, или дури и на самиот крај! Принципиелната и најважна работа во ваквиот државен упад во универзитетското образование е во манифестирањето на тоа дека државата не е само најмоќна, туку и најумна! Не вредат тука ни посебни квалификации на редовни професори, ниту спецификата на наставниот процес (според Болоња), ниту педагошките мерки. Државни службеници (во некакво посебно тело) ќе бидат поголеми професори од професорите на универзитетите, а од нивните оценки ќе зависи иднината на студентите. Тие ренесансни личности од Министерството ќе бидат компетентни – од медицина и природни науки, па до археологија и класични јазици! Тие, се разбира, ќе знаат по кои наставни содржини и од кои материјали учат студентите на сите универзитети! Загрижени за квалитетот и реномето на универзитетите, власта смислила како ќе се заштити од странските студенти кои наводно навалиле: ќе им воведат приемен испит! Притоа, таков приемен испит нема за нашите студенти, па портите се ширум отворени (особено за оние надвор од државна квота, со партиципација).

Она што загрижува не е само (ионака деградираниот) статус на универзитетот, туку и влијанието врз студентските права и нивните животи. Најнапред некој ќе треба да им објасни на тие во власта дека според фамозната „Болоња“ студентот може и да не ја „заврши“ втора година сè додека не стаса до четврта (повторување нема, услов за запишување на наредна година нема, бидејќи постои можност од презапишување на предметите кои не се положени во претходните семестри). Но, дури и да најдат начин да ги тестираат оние кои ја отслушале втора година, кој и` го дал правото да државата да одлучува кој студент заслужува да оди понатаму, а кој „треба да се откаже од студии и така да си заштеди и време и пари“ (како што вели Адеми)? Ако и се врши селекција (а треба да се врши, бидејќи сосема е разбирливо дека не сите се способни за студирање, а кога притисокот на бројките го врши своето, па критериумот на професорите логично опаѓа) – зошто би се вршела во втора година и зошто од страна на државата? А државата е оличена од „генијалци“ кои никој не ги тестира. Дури и кога седнуваат на министерски и заменички столчиња остануваат биографиите, (не)знаењето и слабата моќ на изразување од кои би требале да црвенеат – видете ја веб-страницата на министерот ако не ми верувате. Некои од нив се на безобразно млада возраст, со сомнителни дипломи, низок просек од студиите, а сепак некако магистрирале или се на докторски студии – но, тука се за да нè оправаат. Во долгогодишното професорско искуство познавам огромен број случаи на студенти кои зреат низ годините: во прва-втора година и не знаат што сакаат да направат со себе, за да потоа завршат во редовен рок и со одлични резултати.

Се разбира дека високото образование не смее да биде бизнис (на министерот, молам, некој нека му објасни дека едно е високо образование, а друго наука). Заслужува да се споменат германските универзитети кои ја укинаа школарината, но не и критериумите за упис. Кога финансиската состојба на високото образование би била на пристојно ниво и кога не би постоела беспоштедна пазарна логика и натпревар меѓу огромниот број универзитети во мала земја, студентите не би биле извор на приходи, туку приматели на услуги. Факултетите се борат со материјалните трошоци за греење или струја, должни се на сите страни, а да не зборуваме за издавачката дејност, учеството на научни конференции, литература… Но, ние сме навистина виновни за инфлацијата на дипломи (особено магистерски и докторски, честопати и за политичари)! Затоа штета е ако ваквиот чекор им се удри од глава само на (некои) студенти, а не и на професорите кои без да читаат/размислат на Наставнички совет отфрлаат негативни рецензии за докторска која не заслужува да се нарече ни дипломски труд. Но, овие кои го смислиле државниот испит нека внимаваат што посакуваат. Желбата може да им се исполни: студентите кои ќе отпаднат како неспособни, ќе чукнат на вратите на заводот за вработување – со што ќе прсне меурот со кој се прикрива невработеноста кај младите…

Напишано за Нова Македонија