(Контра)револуција која тече

Прослава на Денот на македонската револуционерна борба во време на контрареволуција е нешто со орвелијански призвук. Владејачката партија во своето име го има зборот „револуционерна“ (од желба да се претстави како директен изданок на оригинерното ВМРО). За политиката која ја води веќе не е доволно да се каже дека е конзервативна, таа e контрареволуционерна. Токму овој празник повикува на отворање на процесот на соочување со историското минато и тешкиот багаж на ВМРО. Тоа е повеќе митски поим, податен за националистите кои во време на празници наменски пишуваат школски состави за „кодот на нашиот ген“, за хеоризмот и за македонштината. Според овие народни поети (кои едвај и да го знаат правописот), секој Македонец е ВМРО! Во историската траекторија на така сфатеното ВМРО нема дијалектика: таа е праволиниска, „исконска“ што би рекле, и води директно до ДПМНЕ, како олицетворение на исконскиот идеал. Бласфемија е и да објаснуваш дека „вулканот“ кој го предизвикала МРО (Македонската револуционерна организација) повремено испуштала лава која течела те десно, те лево, а ефектите повеќе ги чувствувале домашните актери, отколку окупаторите. Во историјата на она што генерички се нарекува ВМРО има елементи од кои денес би требале и да се срамиме, а не да ги глорификуваме. Варијациите на ВМРО биле бројни, а и денес продолжуваат да се бројат. Празников воопшто и не е тема, туку е повод за резимирање: многу поакутни и буквално горливи се модерните облици на контрареволуција во име на генетскиот код (или обратно беше?). Еден духовит слоган се врти деновиве по социјалните мрежи: ВМРО 1903 – мајка им расплака на Турците, ВМРО 2014 – мајка им расплака на Македонците!

Во доминантниот наратив, социјалистичката револуција (т.е. партизанското движење од кое израсна НР Македонија) е само една епизода, која поради континуитетот (недијалектиката) и потребата да се биде на страната на антифашистичките сојузници не може така лесно да се избрише – но, затоа може да се „лустрира“, да се напише одново и да се редефинира како продолжение на борбата на Илинденците (ВМРО?). Сега, со сите полуги на власта во свои раце, контрареволуцијата може перфидно и суптилно (или дури и отворено) да удри по сè што значи индивидуализам, слобода, еднаквост и солидарност. Власта „знае“ што е најдобро за луѓето со кои владее: како да се дисциплинираат (со казни и стимулации за поданиците, но и преку индоктринација низ образованието), како да се одржи лојалноста (со страв или од користољубие), како да се репродуцира режимот (низ избори во кои едвај и да има вистински натпревар). Со легитимитет добиен на избори, таа „знае“ што е потребно за „здрава нација“ (а нацијата е поважна од човекот). По „нутриционистичкиот“ говор на премиерот, кој се репризира одново и одново за да ни влезе в глава, од спалната соба партијата влезе во кујната. Најновата кампања ме потсети на постар виц. Отишол Мујо на преглед, а лекарот му вели: „Не грижи се, Мујо, ќе живееш сто години!“. Мујо одговара очаен: „Лелее, а од што ќе живеам, жити бога?“

Од празник до празник, контрареволуцијата тече! Ако пред некоја година Груевски ги искара жените што наместо да се грижат за семејството и да раѓаат деца се занимавале со „таму некакви си женски права“, сега ги подучи што да му готват на семејството. Во здраво тело, здрав (и лојален) дух! За ова второто се грижи особено образованието. Ретко ѕиркаме во учебниците на основците, па како шок ни дојде содржината за (не)граѓанско образование во која повеќе доминира духот на Хобс, отколку на Лок. Левијатанот (државата, власта и функционерите) се прогласува за највисока вредност пред која човекот треба да изразува лојалност и почит. Лојалниот граѓанин наводноп повеќе ја цени својата безбедност (загарантирана од државата, се разбира) отколку своите слободи и права. И секогаш ја почитува власта! Илустрациите им покажуваат на учениците кој е кој: на пиедестал е поставена фигура на мускулеста (машка, се разбира) фигура, а пред неа стојат човечиња, па дури и еден пион!? Пишува дека во секоја држава населението е поделено на оние кои владеат и на оние коишто и` се потчинети на власта. Се нижат „бисери“ кои е тешко да се набројат, но поентата е една: вие постоите поради власта/државата, а не таа поради вас. На жената не и` се заборава дека го сторила првиот грев, го вкусила забранетото овошје, го довела Адам во искушение и оттогаш страда! Идеологијата е длабоко навлезена (пенетрирала?) и во наставата по биологија, каде ејакулацијата се дефинира како исфрлање на семето (исклучиво) во „родниот канал на женската единка“ (жената дури и нема субјективитет туку е некаква „единка“, за која претходно се вели дека е основа на здравата нација). Ако случајно „светото семе“ биде исфрлено надвор од единката, тоа е веројатно смртен грев или барем расфрлање со националните ресурси. Ах, се разбира, постои и поука за бакнување рака како израз на почитување… И конечно, „шлаг на торта“ е ставот дека правото на живот е лично право на граѓанинот (а не на човекот), и дека него можат да го остварат само оние кои се чувствуваат како личности (!?). Контрареволуцијата настојува да поништи сè што е постигнато на планот на човечката (и женската) еманципација. Ако покрај учебниците, ги земете предвид наставниците поставени со партиски клуч (другите треперат да не бидат сменети, па не смеат ни да штрајкуваат зошто законот смислил „легални штрајкбрекери“) – тогаш ви е јасно какви генерации доаѓаат на универзитет и во општеството. Оние кои сакаат да говорат за гени, нека размислат за долгата традиција на покорност и послушност, на авторитарноста и поданичката култура од лулка до гроб, за немање пример за дисидент во целата македонска историја! Некритичка употреба на зборот на Ф (фашизам) е најчеста кај опозицијата која се служи со него за да профитира и за да биде видена како маченик (иако живее како бубрег во лој, а тоа бесрамно го покажува на своите забави). Да се зборува за фашизам во вакви услови е не само навреда спрема милионите жртви, туку и звучи капитулантски. Но, набројувајќи ги одликите на демократурата, на врв на јазик е зборот Ф (fuck!): бришење на границата меѓу државата, партијата и вождот; воздигнување на патријархалните и верски вредности, пропаганда и контрола на медиумите; повик на линч на политичките и други противници; ширење национална и друга нетрпеливост кон различните, итн. (ЛГБТ заедницата беше нападната токму на празникот, затоа што „провоцирала“, што би рекол брадатиот ТВ бард, „на денот на мажиштата од Македонија, денот на оние со бркови, вуна на градите, влакна по нозете …, денот на надрвените, храбрите, непоколебливите и оние што се саможртвувале за идните поколенија“). Кога возрасните си молчат наспроти сè, тогаш немаат право ни да ги критикуваат студентите кои се навистина како гуски во магла. Но, тие се деца на своите преплашени родители, наставници и на ова контрареволуционерно општество!

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Илустрација за „власт“ од учебникот за граѓанско образование за осмо одделение