(О)дрон

Слика 1: Полска го победува светскиот првак во фудбал Германија, среде градот со траорни спомени од нацистичкото гето! На трибините еуфорија од невидени размери: скандирање, солзи, развеани симболи… Но, на теренот фудбалерите се поздравуваат и разменуваат дресови. И – толку! Слика 2: Во Лвов играат Украина и Македонија. На трибините спектакуларна глетка: преполн стадион, сценографијата во националните бои, се пее цело време – кој и да помисли дека е тоа земја која се распаѓа, и во која додека се игра фудбал на другиот крај (источниот) умираат цивили? Пукаат петарди – една дури и го прекина натпреварот поради закана од повреда на играчите на теренот. Се прашува човек: зарем не им е доста од експлозии? Не мина долго, а уште „поинвентивен“ настан го потресе регионот – фудбалска војна за која некои рекоа дека била кул и со имагинација. Комплиментите се должат на тоа што провокаторите се послужиле со најнова технологија: во духот на преемпција бил обезбеден дрон, кој по националистичкото скандирање на публиката е пуштен над стадионот во Белград, па онака неочекувано го повредува сувереното небо на небескиот народ! Случка која може метафорички да се нарече српски 11 септември! Инаку, националистичката порака и имагинација е стара, средновековна: „дронот“ вее „знаме“. Инаку, разумен човек ќе разбере дека ниту дронот беше дрон, ниту знамето – знаме. Беспилотното летало е не толку скапа играчка за големи деца, т.е. за неранимајковци кои дадоа идеја како таа „креативно“ да се употребува за разни намени (вклучително и за терористички напади на места со многу луѓе). Зборот „дрон“ вознемирува по себе: по сите цивилни жртви во Авганистан, Пакистан, итн., дронот стана едно од најпогубните оружја. Но, фасцинацијата со неговата појава на небото на непријателот е безгранична. Албанска пријателка смета дека е многу духовит и апсолутно романтичен фејсбук статусот – „го чекам принцот на бел дрон“, не разбирајќи дека станува збор за црн хумор, ако е воопшто хумор. Ако Албанците беа итри и современи на белградското боиште, домаќините беа многу традиционални: прво свиркаа на интонирање на химната (што и не е некој нивен специјалитет, овдешните Албанци свиркаат на македонската), скандираа и повикуваа на линч (па дури и тоа сме го виделе, на пример, во ракометен меч со Хрватска), за по инцидентот да тепаат со сè што им падна под рака. Она што е навистина скандалозно, не се примитивците од навивачките групи и атмосферата – тие беа предвидливи и ќе беше чудо да беше поинаку. Скандалозно е кога полицијата не може или не сака да ги заштити гостинските фудбалери, но и кога е неспособна да ја заштити безбедноста на граѓаните (Македонци, Срби, Албанци или Грци). Фудбалерите едвај спасија жива глава (а ги штитеа српските фудбалери), но станаа херои и тоа буквално во сите делови на имагинарната татковина – од Црна Гора до Македонија. Се славеше сè до Виена. Никој нормален не може да сфати како може некој да се радува на неславен крај на спортски настан, кој ги подгреа стереотипите за Балканот во западната јавност? Скандалозно е што јавноста, оние кои се сметаат за добри луѓе и нехулигани, така лесно се потпалува.

До фудбалскиот меч всушност не смееше ни да дојде и УЕФА е директно одговорна за она од што сега се згрозува. Токму пред посетата на албанскиот премиер на Србија и навестувањето на некакво макар политичко „помирување“, фудбалската војна покажа колку е лесно да се осуети макар и симболичен политички чин и да се манипулира со општата атмосфера. Двете држави се вратија 100 години назад, а со себе го повлекоа целиот регион. Одекот на симболичната битка е пресериозен за да се игнорира, особено кога насилниците си личат како јајце на јајце. Паликуќите добро испланираа – и станаа единствени победници! Како колатерални жртви сега се нижат и невини Албанци и Срби и Грци; некаде запалена пекара, на друго место каменувани куќи. Македонија навидум мина лесно само со вандализам и материјална штета од „прославата“. Овој биланс не ја дава вистинската слика за она што ионака тлее и чека да воскресне. Дронот покажа дека старите соништа за кои сакаме да веруваме дека се мртви можат да се спакуваат во модерен облик и дека синтетичка крпа не мора да е дел на Молотов коктел за да предизвика беља. Во фудбалската војна во Белград (како и во секоја друга) прва жртва беше вистината: доволно е да се погледнат насловните страници на весниците и слушнат аналитичарите-паликуќи. Победник немаше, а Балканот покажа дека е проклетија. Настрада и минималната шанса за нормализација во политичките односи. Спортот е погрешен терен за да се почне со нормализација и УЕФА тоа мораше да го знае – тој е само симулација на вистинската и очигледно незавршена војна, особено во умовите на младите.

Некои интелектуалци објаснија дека се работи за обична прослава и за факт дека албанството е посилно од чувството на припадност кон посебните држави. Дискусијата на социјалните мрежи и надвор од нив се вжешти најмногу во врска со крпата (банерот, ако милувате) со нацртана карта на Голема Албанија и со два историски лика, а која погрешно беше наречена знаме. Мнозинството Албанци тврдеше дека (цитирам) тоа е „знаме што го оличува сонот на сите Албанци“, „симбол за кој илјадници гниеле во затвори“, и сл. Најзапрепастувачки беше коментарот на една телевизија која го оправдуваше фудбалерот кој се втурна со сила да го одземе „знамето“ од рацете на фудбалерот кој го спушти: тоа знаме е светиња која српска рака не смее да ја допре (!?). И се прашува човек: до толку ли ги заслепи национализмот што не видоа дека тоа не беше знаме, а и да беше – вреди ли за тоа да се тепаш и посакуваш смрт? Ние не сме ништо подобри (иако успеавме да играме со Грција ракомет без поголеми инциденти, освен што се свиркаше химната и се пееше за Солунско поле), а имаме и џиновски крпи за кои се тепаме по трибини, наместо да играме на терен. Финалето на Фудбалскиот куп се одигра без публика, откако едните ја свиркаа националната химна, а другите возвратија со навреди. Додека го пишувам ова, сите очи се свртени кон дербито на првенството (Вардар и Шкендија) – ќе има ли нова фудбалска војна?

Ова е само интермецо до следната крвава страница на историјата – ваква мисла ми пролета за време на трибината за РЕКОМ и помирувањето во Куманово (пред дронот). Презентерите настојуваа да стават фокус на жртвите, но дискутантите имаа поважен проблем: зошто на главната маса, покрај малите знаменца на Македонија, ЕУ и Германија (поради германската фондација која го овозможи настанот) го нема албанското. Да заплаче човек од мака: поважно ли е хартиено знаменце од загинати и исчезнати? Умна изрека вели: нацијата е општество обединето околу заблудата за сопственото потекло и наследство, како и со заедничката омраза кон своите соседи. Србија и Албанија се држави кои не делат граници ама се во исто соседство, но ние сме си соседи дома – во тоа е разликата… и опасноста! Одронот сериозно се заканува, а ќе станува сè поголем со продлабочувањето на сиромаштијата.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Marko Djurica/Reuters