Востаничка

Колумната ја пишувам на празникот, именуван Ден на народното востание против фашистичкиот окупатор. Убави бројки на јубилеи се собраа оваа година – 111 години од Илинден, 70 години од АСНОМ, 73 – од првите пушки и 23 години од независноста. Душа дале за говори и свечени академии! Во период од само 2-3 месеци се изнаслушавме за тоа како сме „слободарски народ“, дека сме „свои на своето“, „сами одлучуваме за нашата сегашност и иднина“. Следуваа(т) рефрени за македонската државност, за „брзо растечката (sic!) економија“ која придонесувала за тоа младите да остануваат во земјата, за „светски познатиот модел на соживот и почитување на различноста“… И се разбира, како шлаг на торта е приказната за нашата „мирољубива политика“ и славната Армија! На свечената академија по повод 11 Октомври, претседателот Иванов предупреди на клетите душмани кои сѐ уште работат на негирање на нашиот идентитет и ни порача „да не дозволиме да нѐ занесува секој ветар на лагите, заблудите и лукавството. Мора да бидеме свесни за вистината. Да ги отфрлиме лажните претстави за Македонија создавани за туѓи потреби и туѓи интереси.“ И тука некаде „пука филмот“ и ти доаѓа да се запрашаш: а што тоа славиме? Какви сѐ лаги слушаме поради некаква традиција свечените говори да се голтаат без приговор? Зборот лукавост обично излегува од устата на свештениците, а сега и од највисоки политички позиции! Каде оди Македонија?

Слободарските и борбени традиции сега ги шириме низ светот – од Авганистан и Ирак, па сѐ до Си-рак. Од борци против окупацијата од пред 73 години, неколкупати во недамнешната историја станавме дел на окупаторски сили, па уште и се гордееме со тоа! Во скорешно интервју министерот за одбрана Јолевски зборува за нашите војници како најдобри амбасадори на мирот. Состојбата во Авганистан може да се нарече мир само во орвелијански контекст, и никако поинаку! Особено кога „амбасадорите“ се во униформи и кога наместо со дипломатија се вооружени со вистинско оружје… Додека аргентинската претседателка со своите говори предизвикува земјотреси среде ОН, нашиот претседател застана зад новата американска Алијанса и ѝ објави војна (без крај) на т.н. Исламска држава (која, повторно во орвелијански стил, ниту е исламска, ниту е држава) – но, важно е да бидеме рамо до рамо со „нашите сојузници и пријатели“. Никогаш не ме чудел ваквиот вазалски однос на политичките лидери – впрочем, зарем не е точно дека и покојниот Трајковски ја понуди македонската помош во инвазијата на Ирак уште кон крајот на 2002 година во лично писмо до претседателот Буш? Она што ме запрепастува е што т.н. либерална јавност е помилитантна и од нашите сервилни политичари. Од нив ќе чуете (чиста лага) дека сите земји на НАТО издвојувале по 2% од националниот доход за воени намени (иако на самитот во Велс тоа беше зацртана цел за наредната деценија), а ние не сме ги следеле. Тие му аплаудираа на Иванов за решителниот став кон Исламската држава (иако со иронија му порачаа „добро утро, претседателе“ – демек, дури сега се сетил на опасноста од радикалниот ислам кој ќе нѐ претворел во калифат). А Иванов, кој само до вчера зборуваше за толеранцијата и традициите од милет-системот и кој се колне во респектот за различностите, сега зборува за страв и фронт и исламисти небаре се подготвува за Нобелова награда за мир! Тешко е да се прифати таквата кусогледост со која злото само се повикува, а во битката со надоаѓачкиот „балкански калифат“ се создаваат услови за самоисполнувачко пророштво. Ете, толку од напредните, мирољубиви и слободарски традиции! Светот се менувал, па и ние сме требале да се смениме… Светот навистина се менува (на полошо), ама и ние придонесовме за тоа! Си-рак е делумно резултат и на дејствувањето на нашите амбасадори, колку и да се малубројни, а сојузништвото со оние кои создадоа „академии“ на кои секојдневно дипломираат нови генерации радикални и гневни луѓе е само друг збор за соучесништво.

Иванов порача дека развиената економија ги држела младите во земјата, која блика од перспективи, и тоа директно од Јеил! Имаше барем толку чувство за пристојност ова да не го изјави во Македонија. Во земја во која постои масовен егзодус на сѐ што може и има шанси да се вработи надвор, се нема храброст ни за еден обичен попис на населението! Истовремено, во овој економски рај се планираат уставни измени со кои се создава екстериторијалност на слободни финансиски зони за странски капитал, а ниту Иванов ниту некој друг од владејачката каста гледа некаква опасност за територијалниот интегритет и суверенитет, ниту пак на памет му паѓа дека ова е најдобар начин да се официјализираме како банана-република (во тој дух дури и палми купивме). Толку фалените странски инвеститори бесрамно нудат плата од 200 евра за висококвалификуван труд, а вазалите околу нив бакнуваат рака и ја клеветат ниската продуктивност на македонските работници. Впрочем, тие не дигнале глас ни тогаш кога брутално се кршат работничките права – битно е да се бројат странските инвестиции и да не се избркаат! Кога државата се однесува како макро спрема трудот, дегутантно е и непристојно само на празници да се споменува Рацин и аргатувањето за „туѓи бели дворови“. Пораката на Иванов беше наменета за „предавниците“ кои работат за оние „надвор“, но тоа не го менува ниту фактот дека целата држава работи за оние „надвор“, а човековите права се колатерална штета на таквата соработка. За меѓуетничката идила, не знам што да кажам. Ако таа се огледува во коалиционата влада (која дава два отчетта за првите 100 дена, и физички и инаку далеку една од друга), и ако таа соработка резултира со уставни судии од типот на оној анонимус Сами Мемеди кој како оџа или гатач ги толкува соништата на жените (кои смислата на својот живот ја наоѓале во бракот и децата), тогаш за плачење е работава, а не за славење. Деновиве ја гледаме фудбалската репрезентација, и она што им паѓа во очи на оние кои сакаат да го видат тоа не е очајната форма, туку фактот дека „моделот на соживот“ не успеал ни на ниво на прифаќање на државната химна: додека едните пеат на глас, другите молчат и гледаат долу. Навистина, што прославуваме? Чии и какви традиции? Некои кои ги знаевме бледнеат, а на нивно место се јавуваат некои новокомпонирани во кои не си го препознаваме ниту минатото, ниту иднината. Сегашноста е поразителна; ниту во левицата нема борци за социјална правда, нема пацифисти, нема емпатија за оние кои страдаат, а мораат да молчат и на празник и на делник. Сервилноста пред моќните царува, глупоста се прогласува за мудрост, назадноста за доблест. Оттука и дилемата: дали овде некогаш воопшто имало востанички дух?

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: The Bohemian Blog