Казнено-поправен дом

Ако размислиме рационално нема ништо скандалозно во содржина на учебниците по граѓанско образование, во кое на децата им се нуди поданичко воспитание (за кое пишував минатата недела и јас). Презентирањето на власта како семоќна, наспроти лојалниот и послушен граѓанин воопшто не е новина: ние не сме ни имале граѓани за да се плашиме за новите генерации! Своевремено, во „комунизмот“ пеевме тоа како полицијата „тренира строгост“ (пардон, тогаш се викаше милиција). Останаа запаметени и стиховите „правила, правила да би кичму савила“ (правила за да се свие р`бетот). Некаде по воведувањето на „демократијата“ и капитализмот циркулираше добар виц: слушнал еден капиталист дека овде постои еден многу кроток и послушен народ. Купил фабрика и одлучил да ја тестира трпеливоста на работниците. Најнапред го продолжил работното време – реакција никаква. Работниците мирно продолжиле да работат дури и со намалена платата. Следувало укинување на слободниот ден, паузата за ручек, итн. На крајот, веќе запрепастен, сопственикот ги собрал работниците и им рекол дека наредниот ден ќе мораат да се самообесат. Во групата – повторно штама! Изнервиран, сопственикот извикнал: „Па, добро, има ли барем некој нешто да праша?“ Се појавува една подигната рака: „А јажиња вие ќе ни дадете или да си донесеме од дома?“

Подаништвото и стравот в коски постојат од многу поодамна, далеку и пред „комунизмот“, а она што се наоѓа како содржина во денешните учебници е само точен опис на стварноста и на доминантната политичка култура. Наспроти желбата на поединци да веруваат дека овде бил „урнат“ тој тоталитарен режим за да се воспостави демократија (веројатно себе си се доживуваат и како некакви херои на транзицијата), фактите зборуваат за имплозија на системот, а нејзиниот епицентар дури и не беше во Македонија. Како што малку придонесе за распадот на федералната држава, таа уште помалку мина низ демократска преобразба. Она што денес го прави владејачката гарнитура е само „надградба“ на веќе солидно поставените темели на послушништвото, опортунизмот, стравот и неагилноста на маса луѓе кое беа дополнително осиромашени од „демократијата“. Штетата врз новите генерации од учебниците ќе биде сосема занемарлива, ако се види како се однесуваат нивните родители, и кога ќе се сфати дека тие најмногу учат од „успешните“ и нивниот пат до спокоен и реалитивно богат живот.

Правото е најмоќниот инструмент на секоја власт. Нашата врши дерегулација на економската сфера (согласно барањата на економскиот неолиберализам, за што и добива пофалби за „дуинг бизнис“) и има послушничка позиција спрема надворешните центри на моќ (а тоа не се НАТО и ЕУ), дури и буквално распродавајќи ја територијата и ресурсите. Кон граѓаните се однесува обратно – врши хиперрегулација. Откако се вративме кон познатиот модел на симбиоза на партијата и државата, и откако државата стана најголемиот работодавач и мајка-хранителка, сега се поставува и „моралната“ позиција таа од своите „деца“ да бара да ја издржуваат! Друг извор на ресурси и нема. Затоа, откако себе ќе се изземе од правилата кои ги наметнува (вклучително и судиите), таа регулира сигурен извор на приходи преку воведување давачки, даноци и казни на оние од кои живее – сопствените поданици! Многупати зборувавме за идеолошката пенетрација, односно оправдувањето на хиперрегулацијата и градењето на „нацијата“, „новиот човек“, „новостарите вредности“, но многу помалку се зборува за профитабилноста на ваквите политики. Тие не само што обезбедуваат саморепродукција на режимот, туку е вносна и од финансиска смисла (што е всушност нешто што создава дијалектичко единство). Законот во Македонија не е оној на Лок или Русо. Хобс е во право: законот не го креира мудроста, туку Власта!

Како сопственикот од вицот, така власта ги проширува своите барања. Кратењето на работничките права и женските права, дискриминацијата на маргиналните групи е гол факт. Правната држава (во Бизмаркова смисла) секој ден во секој поглед напредува. Откако без отпор воведе серија „реформи“, сега доаѓаме и до погубни (иако на моменти трагикомични) решенија како оние за казнување ако се користи помош на сосед кој живее надвор од радиус од 500 метри, до оние за велосипедските ѕвончиња итн. Во време на очај, човек се фаќа за хуморот како за сламка за спас на менталното здравје: законодавецот, на пример, пропишал дека нема да се казнуваат оние кои за себе вршат дејност за која не се лиценцирани, па така нема да ме казнат ако одлучам сама да си го исчистам станот или ја преведам својата статија! Во духот на слободата, и мајка ми нема да биде казнета ако направи пита, бидејќи спаѓа во најблизок род, но некоја тетка или стрина веќе ризикува неколку илјади евра. Најголемиот молк е оној во врска со правилата за оданочување на „хонорарците“ и на оние кои иако невработени повремено ќе добијат некаков приход за извршена работа. Откако се изземаа себе си, властите обезбедуваат не само следење на „сивата економија“, туку и сигурни приходи во буџетот. Народот рекол дека се кине каде што е најтенко, а најлесно е под закана од високи казни да им бркнете во џепот на најсиромашните, во износ од 35-40 отсто од заработеното. Анализата на многу законски решенија покажува дека е казниво дури и да си сиромашен, па единствена надеж е да веруваш во селективноста на правото ако имаш партиска книшка да те чува од казни. Легислативата сѐ помалку служи за уредување на односите во функција на општото добро и човековите права, а е претворена во еден гломазен казнен систем. Што и да се стори (или не стори) е под закана на драконска казна. Брзината со која се воведуваат казнените одредби, внесува дополнителен страв! Граѓанинот покорен е и исплашен. (Да биде апсурдот поголем, тоа е оној ист граѓанин кого секојдневно го убедуваат дека е голем Македонец/Албанец). Тој е всушност е потенцијален деликвент, а политичката заедница во која живее (политичкиот дом) почнува да наликува на казнено-поправен дом. Со најава за казнување на оние кои не пријавуваат дела сторени кај соседите, се негува новата генерација „кодоши“. Големиот Брат може да е спокоен: неговите поданици се надгледуваат самите себе. Граница меѓу Законот (Lex) и Владетелот (Rex) не постои. Авторитарните системи не се наклонети кон отворена репресија – зошто би го правеле тоа сѐ додека можат на самоволието да му дадат „правна“ форма и да го „објективизираат“? Правниот лавиринт кој секојдневно се доградува е средство за уривање на еднаквоста, за заштита на моќните и претставува директен упад во човековата слобода. Почитувањето на Законот поради страв го делегитимира и законот и правдата која тој ја наметнува. Тој престанува да биде брана од неправдата, туку станува примарно средство за опресија со моќта да ги натера луѓето да дозволат пренесување на нивните материјални добивки на другите, ги блокира во граѓанските акции, ги контролира медиумите, ја уништува личната репутација и ги става во колективен или поединечен кафез.

Напишано за Нова Македонија