Окупирај го универзитетот!

Моите студенти маршираат. Оваа колумна е во знак на јавна поддршка не само на оние собрани околу Студентскиот пленум, туку и на сите оние кои во текот на годините никнуваа, згаснуваа, и повторно се раѓаа, како што се Слободен индекс, Излез, Сократовци… Денес е Меѓународниот ден на студентите, чие потекло е поврзано со борбата и жртвата на чешките студенти (но и нивните професори) против нацистичкиот режим во 1939 година. Тој се одбележува ширум светот на различни начини – од радикални до тривијални (забава, спортски турнири, пикници). Во Грција тој е државен празник во чест на студентските протести против хунтата и упадот на војската во универзитетот во Атина (но, тоа студентите не ги спречува да се во првите редови на широките народни протести). Всушност, зад овој ден не само што стојат различни содржини и агенди, студентските движења не можат да си го дозволат луксузот да чекаат на еден наменски ден – од 1968-та, преку Тјенанмен, „Гневните“ од Мадрид, движењето на „чадорите“ во Хонг Конг или деновиве во Мексико, каде кризата ескалира од убиството и исчезнувањето на 43 студенти (наречени „нормалисти“ поради името на новниот универзитет, кој е познат по негувањето на критичката мисла и борбата за социјална правда).

Кај нас традициите поврзани со студентските движења и активизам се куси и кревки, ако воопшто и ги има. Сепак, денес овие млади луѓе ќе ни го обелат образот. Ќе речат некои дека поводот (протест против воведување државни испити) е далеку од револуционерен. Најважно од се е дека е легитимен: се однесува на нешто што ги засега нивните права, а што е уште еден можен, можеби и финален, клинец во ковчегот на универзитетската автономија. Додека ја пишувам колумната, не можам да го предвидам одзивот. Скепсата дека е можен масовен и ефикасен протест е длабоко всадена дури и кај оние кои ги поддржуваат барањата на студентите. Посигурно е да се обложите дека власта ќе остане глува и слепа, дека повторно ќе се применат испробаните тактики на игнорирање, поделби (контрапротести), компромитирање (за наводно партиско замешателство) со ентузијастично учество на медиумите задолжени за валканите работи, па дури и притисок. Ако се појави релативно мал број студенти, и ако иницијативата биде дочекана со подбив („студентите никаде ги нема, исплашени се“), организаторите тоа не смеат да го сфатат како свој пораз. Овие студенти барем се обидуваат да мобилизираат, да обединат (по основа на заеднички интерес), да артикулираат став. Најгласни во критиките ќе бидат оние кои молчат на работните места, во општините и партиски одбори.

Кога пред мојот кабинет се појавија неколкумина претставници на Студентскиот пленум, имав дежа ву чувство: имињата и ликовите други, но зборовите и сјајот во очите оние истите кои сум ги гледала порано, во неколкуте слични иницијативи. Радува што постои некаков континуитет; секоја генерација изнедрува умни и храбри млади луѓе подготвени да се изложат на непријатности, да се самоорганизираат и да направат последен обид да спречат уште една погубна замисла за „оправање“ на образованието кое го уништија токму овие кои сега го поправаат. Во секоја генерација ќе се најдат такви кои ја вршат и нашата незавршена работа, се обидуваат да ги поправат грешките за кои ние, професорите, сме најдиректно одговорни. Додека ги слушаш, им се восхитуваш, и во себе се срамиш од фелата, која е замолчана, послушна или прагматична откако фатила партиска заветрина. Она што го порачуваат овие млади луѓе е дека не се разочарани само од власта (па и од опозицијата која во вакви мигови се обидува да профитира од нивниот напор), туку најмногу од професорите. Едно момче ми вели: нѐ учат што е слобода, а кога се обидуваме да ја избориме, тие се кријат во кабинетите или нѐ советуваат да бидеме потивки! Другиот студира право и вели дека му е смачено од владеењето на неправото. Третиот е на политички науки, но вели дека повеќе научува низ овој алтернативен ангажман и обид да допре до институциите, отколку од книгите; завршува велејќи дека не жали ни за изгубената колоквиумска недела, ниту за семестарот, а ако/кога ќе се соочи со неуспех на иницијативата, со мирно срце ќе си замине од земјава. Барем се обидел. Коинциденција (или стана правило?), но додека замислена се враќав дома, таксистот ми кажуваше дека за неколку дена заминува на Нов Зеланд.

За екстерно (пре)оценување на студентите веќе пишував. Ова прашање не е ни почеток, ниту крај на напластените проблеми кои никнуваат (или се уриваат како оние куќи на хоророт наречени студентски домови) на (гнојната) почва на која егзистира образовниот систем. Проблемите се системски, долгогодишни, но дебата нема дури ни на факултетите и на наставничките совети… Не е за чудење кога на министер „фројдовски“ му излетува изјава дека на јавна дебата не се поставувале прашања и давале критики. За чудење е што дури и за тековни работи на факултетите се одлучува во тесни кругови и по хиерархиска логика, а негодувањето ќе чуете најмногу во бифеата и кабинетите, онака со кафемуабет. Кога професор, кој неодамна зборуваше на меѓународна конференција за универзитетот и демократијата, ќе упати апел до колегите на заедничката емаил адреса, одговорот е – штама! Ако денешниот марш не создаде масовна сцена, за тоа најмалку се виновни организаторите. Некои ректорати преземаа мерки налик на полициски управи: бунтовните студенти беа повикани на сослушување и закана од суспензија. Мнозинството студенти се членови на „младите сили“ на партиите. Маршот е само симболички чин – тоа го знаат и организаторите – но е и мало херојско дело на Студентскиот пленум, кој првпат успеа да создаде јадра на сите универзитети. Но, по денешната протестна прошетка, мора да се вратат назад. Никој не очекува да станат дел од „Окупирај го Волстрит“ или „Окупирај ја демократијата“. За почеток нека си го „окупираат“ универзитетот кој е нивен дом. Како што критичката мисла и бунтот најнапред се раѓаат во протестот против родителите, така и студентскиот треба да се изгради во битката со „менаџерските“ управи (најчесто сензитивни на пораките од власта), кои си го посвоија единственото место на кое можат да водат дијалог меѓу себе, со професорите, деканите, јавноста. „Официјалните“ студентски организации се партиски филијали, без легитимитет. Ако демократијата бара плурализам, тогаш неа треба да ја има и во студентското организирање. Универзитетската автономија има и територијална/физичка димензија, ама не само кон надвор. Срамота студентите да поднесуваат молби преку архива, и тоа две недели однапред и за секоја средба одново, со цел да користат училница во вечерни часови, кога универзитетот зјае празен. Повеќе права имаат чуварските служби од студентите! Тоа е не само чин на ароганција, на дисциплинирање, туку и на соучесништво во затирање на секој облик на слободно студентско организирање.

Напишано за Нова Македонија