Професорите имаат морална должност да стојат до студентите

По студентската лекција по демократија и активизам, на ред се професорите, но тие не смеат да го „киднапираат“ студентското движење. Тоа мора да се чува од секакви обиди за политичко и НВО-профитерство, а такви веќе има, вели професорката Ванковска

Додека трае дебатата зошто професорите молчат за екстерното и што ќе се случува со оваа реформа, Ванковска зборува и за другите проблеми во високото образование – прво Болоњската декларација, која според неа треба итно да се напушти, до тоа дека универзитетите немаат пари ни за вода ни за струја, а камоли за истражувања и за вработување подмладок.

T: Како гледате на протестот на студентите кога ќе ги сумирате впечатоците неколку дена потоа? Дали пораките беа вистински и дали стигнаа до адресата на која беа упатени?

– Иако минаа само два дена, признавам дека сè уште сум восхитена: да се види онолкава маса луѓе, која чекори стамено, пристојно, без навреди, уништување, а со јасно артикулиран став, па уште и со убава доза на креативност и хумор – тоа е глетка која досега не сум ја видела! Јас ова го сфатив како движење кое кулминира од повеќе причини, а екстерното оценување беше само поводот. Фундаменталната порака беше „ова е почеток“, а властите ја слушнаа. Бојкотот од голем број медиуми и оправдувањето дека „зад студентите стоел некој“ покажуваат страв. Бидејќи ова беше во основа превентивна акција, се надевам дека пораката стаса и дека МОН ќе размисли пред наредните чекори.

Т: Студентите протестираа против екстерното тестирање, нешто што Владата и Министерството за образование го најавија, но го нема како конкретен предлог. Дали, од она што беше кажано, го сфативте концептот на евентуалното тестирање?

– Во овој контекст сосема се сложувам со колегите кои рекоа дека засега немаме конкретен владин концепт и предлог. Владините претставници се истрчаа со некоја небулоза, па ретерираа – но остана да виси намерата некој однадвор (т.е. надвор од академската фела) да ги преоценува студентите. Поучена од искуството на носење закони, не се сложувам дека треба да бидеме пасивни и да чекаме тие да го направат првиот потег. Од автономијата на универзитетот (уставен принцип) направија празно слово на хартија, па „раното предупредување“ во вид на јавна реакција на сите засегнати (а тоа се и студентите и професорите) е нешто што заслужува напор. Кај нас нема дискурсивна демократија, нема процес на соочување на аргументи, нема почит за оние што не се на позиција на моќ, па затоа мора да се наоѓаат алтернативни начини да се испрати порака: овој пат нема да слушаме, ќе се спротивставиме – или ќе платите висока (политичка) цена!

T: Ако начинот на екстерно тестирање што се заговара не е соодветен, како најдобро да се измерат оценките што професорите им ги стават на студентите? Која опција, според Вас, би била правична и за едните и за другите?

– Најнапред, се поставува прашање зошто надлежните институции не си ја вршат работата, вклучително и Одборот за акредитација? Ако имате пролиферација на докторати и универзитети, сосема е логично да очекувате пад на квалитетот на високото образование. За професори кои ставаат оценки надвор од правилата на академскиот процес треба да следуваат санкции, а не товарот на оценување да се префрла на студентите. И конечно, ако се сложуваме дека треба да има одредена селекција, таа се врши на два начина: прво, со приемен испит кој ќе го спроведат факултетите и ќе си ги одберат студентите (зарем мислите дека секој може да се запише на Харвард?). Второ, пазарот на работна сила е тој што ќе направи селекција на дипломираните. Кај нас е проблемот што нема пазар на труд, кога државата е најголем вработувач, а таму не се вработуваат најдобрите студенти, туку партиски војници. Јас сум остар критичар на состојбите на универзитетот и сметам дека е нужна саморегулација, во рамките на она што ни го дава автономијата.

Т: Каков е Вашиот впечаток од долгогодишната работа во високото образование – дали оценките на факултетите се реални?

Една од катастрофалните последици на Болоњскиот процес е тоа што сакајќи да го квантифицира знаењето на студентите (со бодови), тој стана дехуманизиран и механички. Ние едвај и да имаме директен однос со студентите (тие се мнозина, ние немаме ни асистенти, ни доволен број професори, па работиме и со по 200 одеднаш). Тие заборавија да зборуваат, да се изразуваат, да покажат колку размислуваат логички. „Болоња“ го деградира високото образование и од нас бараше да правиме курсисти, а не академски граѓани и стручњаци во своите области. Бидејќи секој од нас оценува поединечно, јас не можам да знам како тоа го прават колегите – јас се трудам да ја саботирам „Болоња“ секогаш кога е тоа можно. Но, кога оценуваме како комисија (магистерски, докторски тези) сум имала многу ситуации во кои сум издвојувала мислење и сум настапувала со негативна оценка. Но, попусто! Значи, голема вина има и кај нас – прво, што ја прифативме Болоњската декларација без поговор, и со страв дека ќе бидеме видени како евроскептици ако ја критикуваме. Некои од нас беа пророци и предупредуваа до што ќе дојде, но немаше кој да слушне. Сепак, кога нè обвинуваат дека вадиме лош кадар, должни се да излезат со анализи и факти. Јас ќе кажам само дека сите мои студенти што заминаа во странство со диплома од УКИМ се извонредно успешни како магистранди и докторанди на најелитни универзитети во светот. Каде е тогаш нашиот неуспех?

T: Кои се проблемите во високото образование за кои сметате дека се приоритетни во моментот?

– Проблемите на високото образование се системски и долгогодишни. Болоњската декларација веќе ја споменав – таа треба итно да се напушти. Би ви зборувала за нискиот стандард на универзитетите во смисла на научноистражувачката работа, но вистинито, ама жално најприоритетно е тоа што се бориме со базични нешта како греење или водоснабдување. Нема средства ни за хартија ни за тонери, а да не зборувам за библиотечен фонд. Нема подмладок, а сè повеќе вработувања се вршат под партиски притисок. Универзитетот стана место на послушници. Ние што имаме голем број студенти сме сведени на „селски учител(к)и“, а оние што не се од општествените науки немаат средства за работа и истражувања во скапите лаборатории. Од студентите очекуваме да учат, па и да бидат активни. Што би рекла една моја поетски настроена колешка „О, студент – колку тоа гордо звучи!“ Вистината е обратна: студентите се деградирани како човечки суштества и нема ништо романтично во живеење во руинирани студентски домови.

Факултетските управи се љубезни кон нив кога се појавуваат како „муштерии“, ама не и кога тие бараат факултетот да го користат како свој дом, за свои активности (тогаш им се заклучуваат вратите). Навистина ми е тешко накусо да ги набројам сите ургентни нешта, но најжално е што Студентскиот пленум ќе мора да се занимава со истите прашања со кои се бореа и Слободен индекс, и Излез, и Сократовци. Ситуацијата се влошува затоа што универзитетот не е најдоброто во општеството, туку е негова лика и прилика. Се слеа во општата криза и сивило, па затоа одделни изблици нè восхитуваат и ни покажуваат дека има уште сили за борба за подобро општество засновано на заслуги и знаење, а не на партизираност и моќ.

T: Дали очекувате поголема реакција од професорите за солидарност со студентите?

Студентите ни одржаа лекција по демократија и активизам. Сега е на ред професорите да си ги отворат своите подруми и на виделина да ги извадат сите наталожени работи пред кои молчат или ги толерираат. Наша морална должност беше/е да стоиме до студентите во процес кој нè засега, и за жал само дваесетина од нас го сторија тоа јавно. Другите се однесуваа како ова да не ги засега. Сепак, ќе нагласам дека ние не смееме да го „киднапираме“ ова движење. Ова движење мора да се чува од секакви обиди (за политичко или НВО-профитерство), а такви веќе има. Некои веќе почнаа да си земаат заслуги за „младите кокичиња“. По примерот на овие млади луѓе, можеме да отвориме дебата на хоризонтална основа, бидејќи мнозина од нас се разочарани од хиерархиската и бирократска структура која задушува секаков отворен дијалог, а која е склона на поданички однос кон власта без оглед на (не)рационалноста на нејзините предлози. На пример, несфатливо е да нема дебата дури ни за тоа што законодавецот нè сместува во хонорарци – прашање кое засега многу категории во ова општество.

(С.С.З/Телеграф.мк)
Фотографија: Facebook / Марјан Забрчанец