Професорски пленум

За првпат во нашата историјата, река студенти испрати јасна и артикулирана порака до властите (ама и до пошироката јавност) на беспрекорно демократски начин. Следуваа медиумски настапи на стамени, елоквентни и умни млади луѓе, кои на она што наликуваше на „маса“ му даде белег на интелект и индивидуалност. Случајно или не, некои забораваат на студентските движења (првенствено Слободен индекс) кои претходеа и го трасираа патот на созревањето. На студентите денес не им е лесно: фасцинантниот одзив (за која се желни не само армии невработени, социјални случаи, стечајци, други маргинализирани групи, туку и некои кои сакаат да профитираат) им натовари бреме. Од нив очекуваат чуда, т.е. она за што тие самите не се способни или подготвени да се борат. Во поетски стил млада колешка напиша: „Студент – колку тоа гордо звучи!“ Но, што има гордо во тоа да си денес студент? Што е гордо во тоа да се живее во субстандардни услови? Што е гордо во тоа да ти втеруваат страв во коски и деканатите и властите? Што е гордо во тоа што и државните универзитети на тебе гледаат како на извор на приходи, а по наредба на власта ги заклучуваат вратите на факултетите за да спречат студентски средби? Во ова општество се урнати елементарните вредности, па попусто е да се повикуваме на Горки. Денес не е гордо ни да си Човек, а на сцената (како статисти) доминираат „понижените и навредените“. Да биде поинтересно, амбасадата на САД побрза да провери да не станува збор за комунисти, во време кога Иванов настапи во стилот на Тито („со студентите треба да се разговара“). Споредбата на овие протести со оние од 1997 година, во кои се бараа гасни комори за Албанците и се бранеше образованието на македонски јазик (поточно, македонштината), е дегутантно. Тогашните студенти (сега дел од власта, а во коалиција со оние за кои бараа гасни комори) добија поддршка од не мал број професори. Раководителката на новоформираните мировни студии зборуваше за „нашите кутри и храбри деца“. Ако сме воспитале такви генерации, не ни се пишува добро, си помислив, и побрзав дома таа лекција уште еднаш да им ја повторам на ќерките. Гледано во ретроспектива, направен е огромен исчекор кон подобро: студентите обелија образ, ама и ни одржаа лекција. Откако се изјаснија низ превентивна акција (или рано предупредување), прашање на денот е каде се нивните професори? Зошто ги немаше на протестот? Имаат ли став за најавениот „државен испит“ или наивно веруваат дека ќе бидат консултирани пред донесувањето на законот? Познавајќи ја кроткоста на професорската фела, власта веќе донела одлука – сега само размислува за моделот (оној што постои е очигледно неприменлив).

Дали се професорите способни за Професорски пленум? Дали професор звучи гордо? Да се разбереме, не мислам дека професорите треба да маршираат или скандираат пред Адеми. Друга работа е што на таков евентуален повик би се појавиле толку мал број луѓе, што би служеле повеќе како илустрација на тезата за триумфот на стравот и конформизмот во оваа фела. Всушност, за професорите важи истиот повик како и за студентите: „Окупирајте го универзитетот!“ Може да звучи чудно, бидејќи постојат форуми, органи и тела низ кои можеме да се изјасниме и да испратиме порака до власта, министерот или јавноста. Но, за разлика од студентите, ние чекаме владата да го направи првиот чекор, па дури потоа да реагираме. Искуството покажува дека и да има реакции, тие ќе бидат млаки и краткотрајни. Универзитетот едвај дише под тешката рака на власта, тој е дел од проблемот, а не од решението. Наставничките совети се толку банализирани што се сведуваат на тековни прашања за кои се одлучува речиси автоматски. Секој обид да се побара материјална расправа за законски измени, процеси и состојби – пропаѓа во бунар. (Од бунар барем ќе добиеш ехо, овде и тоа го нема.) И по 30-тина години стаж, не можам да се сетам на дебата „во базата“ во врска со тоа што се случува на Сенатот, ректорската управа, па дури ни за она што се одлучува во деканска управа… Се уште, на пример, не ми е јасно кој донесе одлука за затворање на Родовите студии и за отворање на Семејните. За разлика од Студентскиот пленум кој функционира по хоризонтална основа, на универзитетот владее хиерархиски принцип и авториратен дух. Дебата едноставно нема, освен ако не се земат предвид негодувањата по бифеата и кабинетите! На УКИМ нема простор на кој би можеле да се среќаваат и разговараат професори од различни факултети, а да не се сенатори! Ние не се ни познаваме. Внатрешна демократија има или во една недолична форма (лобирање, користење демагогија или византиски игри пред избори за декан) или по прашања за кои не може и не смее да се одлучува со просто пребројување на гласови. Односот кон студентите е прашање кое речиси и да не се поставува. За илустрација, на мојот факултет се води истрага за да се открие кој е „предавникот“ кој на студентите им ја „издал“ службената емаил адреса преку која тие им се обратија на професорите во врска со протестот. Поштата служи за комуникација, а таа ги опфаќа и студентите. Нивната пошта не е спам – заслужува да се прочита и да се одговори! (Се разбира, јас бев „предавникот“. Со нетрпение очекувам деканот да ме повика на разговор.)

Професорскиот пленум би бил место на кое професорите би разменувале мислења за екстерното оценување, но и за погубноста на Болоњскиот процес, промена на законот за високо образование, за непостоечкиот фонд за истражувања, за студените училници и бедните библиотеки, за туристички екскурзии наместо учеството на меѓународни конференции, за дискриминацијата на жените во поглед на пензионирањето, за статусот на полухонорарци (дел од личниот доход ни се исплаќа како авторски хонорар иако се тоа работи кои сме должни да ги извршуваме во работното време)… Би можеле да проговориме за нашиот кукавичлук со кој ги криеме некадарните и неодговорните, од кои некои се и за кривични санкции. Но и за понизниот однос кон се што доаѓа од политичката сфера: од вработувања до нови наставни програми! Дебатата мора да го опфати и прашањето за стандардот и статусот на студентите. Дијалог е потребен повеќе од кога било! Императив е да го оживотвориме (оживееме) принципот на автономија на универзитетот, и дури потоа ќе имаме кредибилитет како коректори на општеството и власта. За почеток, можеме ли да се изјасниме како колектив во врска со владината цврста намера да воведе уште еден начин на контрола и дисциплинирање на наставниците и студентите? Ваквите облици на евалуација и држење под стрес е нешро за што основачот на критичката педагогија Хенри Жиру вели дека нема никаква врска со образованието, туку со политиката на опресија. Отпорот кон таквите мерки не е само поради нашите студенти (за кои веќе знаеме дека ги образуваат како лојални поданици во пониските степени на образование), туку и за нашата заедничка слобода. Без таква слобода и без критичко мислење – универзитетот ја губи смислата на своето постоење.

Напишано за Нова Македонија