Кога светците маршираат – повторно!

Како и пред месец и половина, кога понеделничката колумна се поклопи со првиот студентски марш, еве ме и денес пред нов. Правото на мирен протест денес ќе го искористат сите оние кои се загрижени и погодени од спроведувањето на новите мерки за оданочување на хонорарците. Се проценува дека оваа мерка погодува популација од 100-тина илјади луѓе. Ќе се изненадите кога ќе слушнете дека меѓу нив се и универзитетските професори и соработници, кои дел од примањата за своите редовни (тековни) задачи го добиваат преку авторски агенции како хонорар. Да нема забуна: ова е против наша волја, бидејќи не станува збор за „тезги“ или нешто што се врши надвор од работното време, туку за она што е наша професионална обврска (испити, предавања на магистерски и докторски студии, оценување на тези, пишување рецензии и сл.). Денес во протестната поворка шетаат и професори и асистенти, ама и дел од администрацијата. На еден голем факултет како Филозофскиот, со голем број институти, професори и студенти, со години не е вработено ниту едно ново лице на административните позиции (за академските и да не зборувам – вработувањата се мислена именка, освен за студии по мерка на власта). До неодамна за многу драги ликови меѓу нив, кои со соработувам со години, бев убедена дека се вработени, сé додека не ми кажаа дека се ангажирани со договор, со неизвесна судбина, и со срамно ниски примања. Со оглед на тоа што нема ни вработувања во наставната дејност, најпогодени од оваа мерка ќе бидат демонстраторите, нашите најдобри студенти, сега докторанти – оние кои ионака работат повеќе од ентузијазам и желба да создадат академска кариера одошто за пари! Рамо до рамо во поглед на социјалната беда се и лицата од техничкиот персонал, оние кои се грижат за хигиената на просториите во кои работиме. Причината поради која го обзнанувам ова не е да укажам на осиромашувањето на универзитетскиот кадар (во споредба со сета сиромаштија во земјава, и плата од 30.000 денари за редовен професор пред пензија не е така мала), колку да ја демаскирам тезата дека оваа мерка има за цел да ги стимулира работодавачите да ги вработат хонорарците и да се регулира сивата економија. Напротив, со години запуштени и препуштени на себе (и принудени да „заработуваме“ со запишување на што поголем број студенти, а особено магистранти и докторанди) и ние, на универзитетот кој е под една друга опсада деновиве, е дел на магепсаниот круг на сиромаштијата во ова општество. Затоа, ако меѓу хонорарците бидат забележани и од владините медиумни заокружени ликови на професори или студенти, тоа нема да биде изненадување. Студентите само ја антиципираат својата тажна судбина. Да се вратам на провокативниот наслов… Овој здив на некаква нерасцутена пролет во пресрет на зима како да ја поткрева надежта за промени, благодарение на бранувањето на студентите (професорите интензивно се будат), а на кое му се придружуваат и хонорарците (се надевам денес ќе бидеме во импресивен број, ама и со ист стил на изразување протест). Во земја во која на протести се одело само по наредба, од партиски интерес или етнички страсти, ова е вистинска реткост. Ова е заводливо време во кое одѕвонуваат звуците на „Светците маршираат“ и стиховите „некои велат дека овој свет на неволји е единствениот кој ни е потребен, но јас го чекам она утро во кое ќе се разоткрие новиот свет.“ Претерано е и да се помисли дека неколку масовни протести се предворје на нов свет, уште поапсурдно е да се мисли дека сите што протестираат се светци или револуционери. Но, никој не може да им го одрече граѓанскиот статус и легитимните интереси. Друго прашање, кое често ми го поставуваат особено оние кои со скепса гледаат на протести од секаков вид, е: дали биле претходно искористени сите средства за да се остварат правата или опоменат властите? На таквите прашања обично одговарам дека имаме власт која прво се криеше од медиумски дебати, а сега се крие буквално од секого. Игнорира секаков обид за конструктивна дебата! Замислете ја дрскоста со која министерот му дава на најголемиот универзитет во земјата во рок од само два дена да се прозинесе за пакет од пет закони, а притоа ги крши и законските одредби за јавен увид и јавна дебата! Имаме министер кој мисли дека студентите вршат упад на факултетите кога се појавуваат на јавна трибина закажана на територијата на универзитетот, па затоа си ја преселува на обезбедена територија на државата! Одбиен е и дијалог со група синдикати и здруженија кои не побараа укинување на законот за хонорарци (иако можеа), туку само суспензија на неговото спроведување. Ние на универзитетот тоа прашање дури и не сме го поставиле гласно. (Како што сме и недолично тивки кога станува збор за дискриминацијата на жените-професорки во однос на одењето во пензија.) За глувоста на власта се виновни сите оние кои предолго молчат, поткрепувајќи го нивното уверување дека може да мине се` што ќе посакаат, само ако подвикнат, етикетираат или се заканат. Сега кога се протестира масовно (ама кога е дојдено нож до коска) не не` земаат сериозно, се инаетат и демонстрираат моќ. Од друга страна, свесни се дека и покрај масовноста на протестите, сепак мнозинството е тивко и исплашено. До мене стасуваат безброј нарачки: професорке, напишете нешто за нас, средношколските наставници!

Колумната за протестите како слепа улица се` уште не ми ја простуваат некои активисти и опозиционери. Но, не станува збор за оспорување на уставното право на мирен протест и слобода на изразување и на незадоволство. Но, протестот ќе остане навистина во слепа улица од која ќе може да се излезе само со глава в ѕид, по (пре)висока цена – доколку не се осмислат креативни чекори за принудување на власта да попушти, уште пред да дојде до протестот. Зошто вака дрско се однесуваат кон универзитетот? Затоа што им се може, затоа што нема отпор! Ако веќе не можеме да смислиме поинаков свет од овој закотвен во капиталистичка логика, и тоа во еден примитивен полуфеудален облик, тогаш можеме да создаваме мали џепови на слобода и активизам, кои ќе се разликуваат од она што е на класичниот репертоар на политичките партии и невладините организации. Теоретичар пишуваше за забеганиот свет, но ние си имаме работа со забегана власт – и изгубена опозиција. Помеѓу нив постои огромна бездна, исполнета со фрустрации, но без артикулација и идеја како да се најде излез. Овие протести се исклучителни поради својата ненасилна природа, ама и силна порака. Но, колку и да се исклучителни, тие не можат да донесат решение сами по себе. На власта ќе и биде попаметно да ја слушне песната за да ја избегне олујата. За паметна власт ова ќе биде знак за аларм и ресетирање на политиките. Сите индикации се дека легитимитетот на владејачката гарнитура е повеќе од сомнителен, а внатрепартискиот раскол (во ДУИ) внесува нова фрактура. Во ваква ситуација мора да се размислува за вистинска понуда за наредните избори, кога и да дојде до нив. Алтернативата, навистина лошата алтернатива, е деинституционализација на системот, делегитимација и градење на паралелни светови и враќање во предполитичка состојба.

Напишано за Нова Македонија