Ние и Фергусон

Mи пишува редовен читател дека би сакал да ме инспирира да напишам колумна за настаните во Фергусон. За оние кои не се во тек, американскиот град Фергусон, Мисури, гори од протести против ослободителната пресуда за полицаец кој уби невооружено дете, а полицијата се однесува како окупаторска сила. Веројатно очекува од мене да „распалам“ по американските политичари и амбасадори-лицемери, кои нам ни попуваат за демократија, а дома ја кршат. Се прашувам дали е свесен дека Фергусон е повеќе од град; тој е парадигма на социјалната неправда и дискриминација, но и пример за милитаризација на полицијата. Тој е брутален пример на технологијата на владеење на која се потпираат сите власти, некогаш директно, некогаш како закана. Фергусон задира во старата и сеприсутна теза за структурното и директното насилство. Тој е пример за полициска бруталност, а американските корпоративни медиуми иако не го игнорираат, го презентираат како инцидент, а не како нешто што ја разголува суштината на владеењето. За CNN и Fox ударните вести се човековите права во Русија и хитлеровската фигура на Путин: непријателот однадвор отсекогаш успевал да го сврти вниманието од внатрешните проблеми! Можеме да бидеме цинични и да прашаме каде се нивните ен-џи-о-а, имаат ли проекти од УСАИД. Можеме да прашаме каде се нашите активисти да дигнат глас во знак на солидарност со оние од Фергусон, макар симболично. Но, што од тоа? Чуму сеир кога граѓаните од Фергусон се браќа-човечки суштества? Затоа, таа тема му ја препуштам на некој кој не е способен да го види нашиот „Фергусон“. Како што парадигмата Фергусон (во пакет со таа за Обама) е задача на американското општество, дисидентите и алтернативните медиуми, така нашата првенствена задача е да се погледнеме в огледало и да се прашаме дали сме свесни за она што ни се случува нам.

Сето она што е акумулирано и кондензирано, речиси опипливо во воздухот, а на што нема никаква организирана, артикулирана и свесна реакција (со исклучок на студентите), упатува на феноменот „(с)варена жаба“. Ставени во лонец, во кој температурата постепено расте (и така веќе 20-тина години), со секоја нова „реформа“, кампања или казнена мерка, покажуваме неверојатна моќ на прилагодување која се граничи со мазохизам. Со вграден чип на поданичката политичка култура, мнозина мислат дека „родителската“, строга и посветена влада, работи за наше добро, бидејќи со нас поинаку не бидува. Опозицијата глуми отпор, потпирајќи се на некаква модерна тизер-кампања. Прво најава за „бомба“, па следува по некое навестување за нејзината разорна моќ; тензијата и очекувањата растат и треба да нѐ држат со начучулени уши како што тоа сликовито го вели лидерот Заев. Не само што наликуваат на маркетинг-агенти, туку и не гледаат дека со наближувањето на Нова година, големи се шансите „бомбата“ и да не се забележи од звукот на петардите и огнометот. Додека пишувам се појави аферата за фалсификуваните пасоши, ама сега не знаеме дали е ова една од бомбите или е бомбата? Поважно е едно друго прашање: што е тоа што може да ја потресе „жабата“ во нас, која може да ја растера депресијата во која сме потонати?

Зошто (некои од нас) сме фасцинирани од студентското движење? Затоа што тоа е единствениот пример на автентична реакција, која не се сведува на борба за контрола на термостатот! Додека студентите покажуваат знаци на живот (во духовна, интелектуална, активистичка смисла на зборот), нивните професори си молчат мудро. Молчат дури и кога „државните испити“ се оправдуваат со наводна корумпираност на професорите кои делеле оценки „од ракав“, земале мито и вршеле сексуално вознемирување (како што напиша еден владин трубадур). Наместо со механизмите на правната држава таквите професори да се санкционираат, некој проценил дека е позгодно да живеат со презумпција на (колективна) вина и под закани од казна за (недокажано) неетичко и незаконито однесување! Некои послушно ги заклучуваат вратите на факултетите за да ги спречат студентите да дебатираат, а приватното обезбедување воведува ред, брка новинари и забранува комуникација на студентите со јавноста. Молчат професорите, молчат родителите.

Неуморната власт и натаму ги програмира нашите животи: ги скратија работничките права, влегоа во интимниот живот, во спалните соби и во кујните за да создадат здрава нација. Се замешаа во правото да се уреди/реконструира домот, повторно под закана од високи казни. Веќе и не знаеме што е навистина наше, заштитено од државна пенетрација. Државата ни дише во врат и во слободното време: според најновиот изум (за кој би им позавидувале и комунистите) наставниците, родителите и децата ќе мораат да се дружат и во слободното време! Зарем наставниците не се родители? Зарем детските права не го вклучуваат слободното време и правото на игра според сопствени желби и афинитети, без контролата на родителите и наставниците? Зарем државата треба да биде сведок на она малку слободно време кое родителите го имаат за да се дружат со децата кои едвај и да стасуваат да ги бакнат пред спиење во работните денови? Се разбира, ова се само груби потези со кои се оцртува многу посложената и позастрашувачката стварност во која партијата ја укина државата, усовршувајќи ја тоталитарната прагма. Дали „жабата“ во која сме се претвориле ќе најде сила да реагира на осмислен и ефикасен начин – или чека на бакнеж од принц за да живее во бајка? За жал, повеќе шанси има да слушнеме труби за будење во рани зори и слет во чест на лидерот. Понекогаш ќе прочитам текст полн со пцости и вулгарности (најчесто по порталите и социјалните мрежи, кои станаа супститут на некаква вистинска јавност), па се прашувам зошто само тогаш луѓето покажуваат знак на живот. Но, не е за чудење: во услови на општа зомбификација, „жабата“ реагира само на такви поттици: силни, дури и простачки! Само со силен удар в глава, за миг, нештата допираат до свеста или под дебелата кожа навикната на најапсурдни нешта прикажани како дел од „нормалноста“! Но, и дури тоа не го менува синдромот на „варена жаба“: ќе се пушти вентилот, пцостите ќе донесат лажно чувство на бунт и реминисценција на човечност, и потоа пак се втурнуваме во топлата водичка во лонецот.

Во некои европски градови се јавува движење на солидарност со граѓаните на Фергусон. Ние би направиле голем чекор кога би покажале дека сме вистинска заедница, во која опресијата, кршењето на уставот и слободата на поединци или групи е атак на целата заедница. Но, сѐ почнува од поединецот кој (да го парафразирам Меша Селимовиќ) најнапред ќе заборави дека е мал и ќе почне да размислува критички. Тоа е најголемата навреда за оние кои го контролираат термостатот и нѐ третираат како жаба, која одамна капитулирала. И тоа е само почеток…

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Roberto Rodriguez / EPA