Ванковска: Побуната почнува дома, а наш заеднички дом е универзитетот

Во прилог интегрално ви го пренесуваме интервјуто со Билјана Ванковска за порталот Glory.mk кое датира од 17 декември 2014.

Иако имавте премногу прашања на оваа тема, би Ве замолил да ни искоментирате како од професорска гледна точка гледате на идејата за воведување државен испит и како тоа ќе влијае врз квалитетот на студирањето.

БВ: Веднаш да ви одговорам на вториот дел од прашањето: државниот испит нема ама апсолутно никакво влијание врз квалитетот на високото образование! Дури и ако се согласиме дека во високото образование има многу проблеми, слабости па и неквалитет, државниот испит не е „лекот“. Еве, да замислиме дека државниот испит е воведен, дека студентите го полагаат, повеќе или помалку успешно, може ли некој да објасни како тоа ќе влиае на наставниот процес, на професорите, на материјалниот стандард на студиите, на корупцијата и непотизмот (за кои се обвинуваат универзитетите деновиве)? Затоа, логично е да се постави прашањето: што навистина лежи зад идејата за воведување државен испит? За мене лично, но и за голем број колеги, дилема нема: тоа е само уште еден облик на државен интервенционизам, контрола и манифестација на моќ (да се знае кој е главен), израз на недоверба но и колективна клевета врз сите универзитети и сите професори (кои се виновни без докази, и кои сега треба да се дотераат на ред). На овој начин како што е замислен државниот испит се гази правото на образование, но и правото на универзитетите да издаваат дипломи – без положен државен испит во втора и четврта година, студентот може да ги има сите 10-ки од студиите, но нема да може да добие диплома (т.е. нашата диплома е неважечка и со помала вредност од оценката која ќе ја става некое бирократско тело составено од лица со пониски академски знаења од нашите). Ова не значи дека во инфлацијата на универзитети, дипломи, магистериуми и докторати нема неквалитет – го има, ама нему му кумуваше токму власта, која сега одбива да отвори сушптинска дебата, а веднаш преминува на „брзи интервенции“ и тоа врз студентите, а не врз местата кои продуцираат неквалитет.

Јавно ги поддржавте студентите. Мислите ли дека се исплати поддршката и дека студентите ќе го обелат образот на вас и на вашите колеги кои го направија истото без размислување, што е за голема почит.

БВ: Студентите од Студентскиот пленум и сите оние кои им се придружија (тука заслужува да се спомене и Студентската унија на Албанците) заслужуваат голем респект: во кус временски период успејаа да се мобилизираат и да развијат таква силна и логична аргументација, за што мнзоина треба да им симпат капа. Притоа, организираа два масовни протести без никаков инцидент, со силни пораки, ама без згразен тревник или деструкција (каква што може да се види во многу европски држави). Мојата поддршка беше мотивирана од фактот дека се сложувам и со нивните ставови и со начините на дејствување. Но, гледајќи ја по малку заспаната академска фела, интертните или исплашени професори, наставнички-совети, деканати и ректорати (кои и во овој миг дебатираат со министерот Адеми зад затворени врати, а при тоа не беше ни организирана поширока дебата на универзитетите), морам да кажам дека студентите не` посрамија. Наместо како авангарда и прва линија на отпорот во одбрана на универзитетската автономија да станат професорите (ги има илјадници само во Скопје), нас не` разбудија студентите. Но, и покрај тоа што сум многу критична кон колегите, сепак не` има еден добар број кои сме мобилизирани во одбрана и на сопствениот интегритет и инспирирани од студентите правиме напори да ја анимираме и домашната и странската акдемска јавност.

Како гледате на тоа што претседателот, кој воедно е и професор, не се изјаснува со никаков став во врска со државниот испит.

БВ: Претседателот Иванов е, за мене и за многу други колеги, бивш професор. Тој ионака подоцна дојде во академската фела, а потоа и замина во политички води, но сепак очекувавме и 2011-та (наивните очлекуваа и сега) да се огласи како професор кој знае што е автономија и кој знае што е демократска дебата, делиберација и креирање на јавни политики. Тој не само што не го направи тоа, туку стои нем, и веројатно само го чека указот за прогласување на законот. Сепак, ова не е неговиот најголем политички „грев“ – тој ќе остане запомнет како претседател кој ги аминувал сите закони изгласани во Собранието, дури и најдубиозните, со што себе се смести во партиските кругови, а не постапи како претседател на сите граѓани.

Како ја коментирате дрскоста на владата сепак да ги изгласа промените во виското обазование?

БВ: Не станува збор за дрскост, туку за ароганција која ја носи неконтролираната политичка моќ. Тоа е нивен начин на владеење. Истото го прават без оглед дали станува збор за стечајци, работници, хонорарци – или за студенти и професори. Но, овојпат откако побрзаа и не дочекаа да заврши дебатата за т.н. концепт на министерот Адеми, а веќе започнаа законодавна постапка, се очекуваше да се соочат со некаков громогласен одговор од ректоратите. Не за друго, туку за шлаканицата која ја доби целата академска фела, која беше во фаза на некаква анализа на идеите на министерот. Тоа не се случи – остана гласна тишина, па сега и студентите и ние размислуваме што понатаму.

Има ли можност засилените студентски движења предводени од Студентскиот пленум да успеат овие измени да не се усвојат?

БВ: Во нормална демократска држава, власта би ја примила гласната порака која ја испратија 10.000 студенти, би ја испочитувала и би разговарала со сите чинители пред да донесе некаква одлука која ги засега сите. Но, пред нас е власт која е арогантна и која мисли дека разговорот би ја девалвирал. Од студентите деновиве се очекуваат чуда и јас постојано повторувам дека тоа е преголем товар ставен на нивните плеќи. За да се постигне некаков компромис, дијалог и консултација, не можеме да чекаме на студентите да ја одработат нашата задача. Доста е професорите да се кријат зад студентите или да им аплаудираат – сега треба да поведат своја битка со власта. Да немаме илузии дека власта, особено во отсуство на опозиција во парламентот, може законот да го смени буквално кога сака. Но, штетите ќе ги почувствува скоро: веќе се акумулира огромно незадоволство од сите кои не се слушнати, а чии интереси се засегнати! Голем протест веќе се подготвува за 22-ри декември. Власта може да воведе каков закон сака (иако не знам како ќе го спроведе во живот), но се` поблиску е до паѓање на „екстерно оценување“, на наредните избори.

Горди ли сте на своите студенти кога ги гледате во колкав број се спротивставуваат на овој т.н. режим?

БВ: Веќе реков дека сум горда што покажаа неверојатна зрелост, интелигенција, енергија и храброст. Останаа стамени пред сите дисквалификации, обиди за застрашување, па и поткупување. Особено сум горда што за првпат во толкав број ги гледам како решително настапуваат и пред деканатите и другите универзитетски раководни тела. Пред неколку дена за првпат двајца студенти седнаа на иста маса со нас професорите на мојот Институт, за време на седница, и ни ги изнесоа своите ставови, но и ни поставија тешки прашања: дали сте подготвени да преземете нешто во натамошниот тек на акцијата. Не случајно, една од моите први колумни на оваа тема имаше наслов „окупирајте го универзитетот“ – вистинска револуција во нашето заедничко сфаќање и живеење на универзитетот ќе се случи тогаш кога нашите студенти ќе ни кажат в лице кога сме плашливи, неодговорни, корумпирани или кога не правиме се` што е потребно за нивното образование. Побуната почнува дома, а наш заеднички дом е универзитетот. Студентите нема да го урнат режимот, но веќе му порачаа – царот е гол! Сега тоа би требало да го направиме и помеѓу оние кои се неодговорни, партизирани, или дури и некадарни, а кои се кријат зад титули. Со или без државен испит, имаме многу сериозни теми за разговор и на универзитетот и во општеството.

Би излегле ли повторно на протест доколку има нов?

БВ: Се разбира! Не ме исплаши тоа што ме „заокружија“ со црвен фломастер – напротив, ми направија комплимент. Местото на професорите е до студентите, особено кога тие протестираат за легитимни нешта и кога не сејат омраза и гнев. Ќе излезам и на протестот на прекаријатот закажан на 22 декември. Но, сепак предупредувам дека само со протести нема да ги решиме проблемите. Ќе мораме да размислиме за разни други креативни форми на дејствување и бранување. Ова веќе не е работа која се однесува само на државниот испит, кој на дел од јавноста може да и` изгледа и како тривијално прашање – овде станува збор за потребата да се биде дел од политичкиот процес, станува збор за студентска и граѓанска партиципација и одговор спрема една трвдоглава и авторитарна власт.