Подгрбавено образование

Одмерувањето што е позначајно да се одбележи во колумна – новиот грб или хајката против студентите и професорите – е губење време, бидејќи сето тоа е дел на иста авторитарна идеолошка матрица. Таа промовира назадни (наводно конзервативни) вредности, конструира лажни симболи, гради величие со празни флоскули и гипсани барокни фасади, а покажува инстинктивно гадење кон сé што е прогресивно, бунтовно и различно. Примери? Сликата на десетина илјади студенти (и неколку стотици други граѓани) наспроти недовршената барокна фасада на владата зборува повеќе од томови книги! Иднината наспроти минатото, суштината настпроти (лажната, гипсана) форма! Сакате збор-два за новиот државен грб? Среде општа социјална фрустрација, пауперизација и кршење кичма (со казни и даноци), без нормална политичка атмосфера и без опозиција, без никаква реална и акутна потреба – се очекува восхит од лавче со круна! Само уште тоа недостасува за да се почувствуваме горди и задоволни!? Земја со слаби државни традиции и без никакво ројалистичко минато (напротив, нашиот клучен историски наратив почива на Илинден и на „првата република на Балканот“ – колку и да е романтизиран и конструиран, како и секој национален наратив) сега пополнува „празнини“ и го свртува јавниот дискурс кон симболи и страсти! За државен симбол се стилизира симболот на владејачката партија – тоа е порака за себе. Легитимитетот за ваквиот потег стасува инстантно: главни консултанти се хералдичарите (здружение), но печат врз националниот инжењеринг стаса набрзина од академската фела (историчарите), во време кога нивните колеги маршираа со студентите. Ако ме прашувате за тоа кој и каков грб е важен: тоа е искривеното грпче на малата Тамара. Оваа влада, нели, не сака свиткан грб (пред меѓународната заедница), но дозволи целата јавност да се вознемири поради здравјето на дете на кое му беше потребна итна операција. Со веќе видената ароганција, убедена сум, ќе не нагрбат со нов државен грб – им се може, со убедливо мнозинство во собранието, во кое нема опозиција ни за лек (тие сé уште со „бомби“ се занимаваат). Ако Скопје 2014 не можат да го видат сите, сега како некои модерни Квазимодовци ќе мораме да патуваме (заминеме) со смешни пасоши – името не го даваме, ама грбот можеме и од комшиите да го позајмиме или на „Пежо“ да наликуваме. Колку и да е прашањето на државен грб нешто што е дел на заедничкиот идентитет и за што треба да има поширока дебата, одбивам да наседнувам на таква дебата според онаа „селото гори, а баба се чешла“. Има овде многу позначајни и позагрижувачки нешта кои нé гушат.

Со четничкиот багаж и имиџ, Бора Чорба е последниот кој заслужува внимание, но нé потсетија на него. За волја на вистината, некои стихови останаа запомнети како бунтовни во време на едноумие. Насловот (но не и стиховите) „Како је лепо бити глуп“ беше искористен за колумна, за да се навредат (мрзливите, глупави и заведени) студенти кои наводно прават пофалба на незнаењето. Настрана што суштината на протестот е далеку од државниот испит (жално е што не ги слушнаа и не ги видоа), туку и стиховите се евтино спинувани. Песна беше бунт против режимот и апатијата, против голтањето на сé што се сервира: „Колку е убаво да си глупав, подобро е да се сокрие умот, да се молчи и да се плива… Не се занимавај со политика, спиј, работи, молчи, јади, и не верувај никому, легни, стани, седи! Косата гори под шлемот, се валкаме по прашината, никој поим нема дека одамна сме ставени во машина… Колку е убаво да си глупав, мавни со глава, паси трева… баш те боли што ти прават, кој те лаже, кој те краде!“ Епа, 10.000 луѓе покажаа дека им е доста да ги третираат како објект, доста им е да пасат трева и да не прашуваат кој им ја зема иднината!

Доминантната идеолошка матрица почива на длабок антиинтелектуализам. Кршењето на кичмата и покажувањето „кој е газда“ е значајно: дисциплинираните умови се згодни за саморепродукцијата на авторитарниот режим преку образованието и медиумите, за гушење на секоја артикулирана критика, за етаблирање академски капитализам. Вистина, учените (и недоучените) не ретко доброволно се подложуваат на ваков третман и се нудат од убедување, а не од страв или лична корист. Кај учениците се всадува чип на послушност, а околу нив се создава рамка која треба да ги држи социјално малолетни и зависни (преку студентски кредити или преку континуирано преоценување од наставници-испрашувачи кои го квантифицираат со бодови знаењето и имагинацијата, или од државниот ум оличен во службениците). Академијата не е во ланци (како што мислев) – таа не дава отпор; таа е дел од проблемот, а не од решението.

Во моментов, универзитетската заедница мудрува над т.н. концепт за државен испит изложен на две странички есеистички текст потпишан од министерот. Рокот за изјаснување е десет дена, а фамозната хартија е хиерархиски дистрибуирана од ректорати, до деканати, институти, итн. Содржината и формата на „концептот“ е навреда по себе, деградација на умот кој треба да умува над модел налик на квизот „Милионер“. Државниот испит (за додипломски, постдипломски и докторски студии!) е практично олицетворение на Лисмановата теорија на необразованоста. Тој е само облик на „државна Болоња“, нејзина надградба, со која знаењето е изговор за контрола и унификација на мислењето! Студентскиот пленум веќе направи правна и логичка деконструкција на ова писание, (почестувајќи го повеќе од тоа што заслужува, бидејќи авторите тешко и дека ќе го разберат). Но, на нивната трибина ги немаше деканите и ректорите кои требаше само белешки да фаќаат и да попримат од нивната одважност и дигнитет. Затоа, додека ги пишувам овие редови, само регистрирам вести дека еден или друг факултет смогнал сила да го отфрли предлогот на владата! Ставот на мојот факултет сé уште не е артикулиран, иако деканот веќе на провладина телевизија кажа дека го пренесува ставот на сите професори (дека ќе дебатираме сериозно). Боцевски се фаќа за пушка кога ќе слушне за универзитетска автономија (со пушка на уставен принцип!?), а може да биде мирен: автономијата е одамна мртва. Со државен испит или без него, таа умре уште кога не успеа да негува слободна и критичка мисла кај студентите, кога без поговор го прифати Болоњскиот процес и идиотизацијата на цели генерации, кога критериумите за избор во звања ги скрои државата, а не науката, кога едни програми се заменија со други подобни за власта (наместо родови – семејни), кога власта наметна литература (карикатурално лоши преводи на странски учебници), откога студенти полагаат во орвеловски амбиент пред камери, откако се замолче пред акредитирањето неспособни, ама политички подобни универзитети и професори. Единственото вистински живо и автентично денес се оние кои покажаа дека им е доста да бидат глупави и неми. Како је лепо бити глуп, во онаа извртена форма, може да биде химна на владејачките елити и нивните поданици.

Напишано за Нова Македонија