Професорски пленум

Промена на тактиката и таргетот: Груевски нѐ обвини нас, членовите на новоформираниот Професорски пленум, дека сме ги „хушкале“ студентите да протестираат затоа што наводно сме биле исплашени од научните предизвици. Сме биле „стаљинисти“ – вели човек на кој комунистите можат вода да му носат! Толку сме биле перфидни што сме ги изманипулирале, па дури можеби и организирале, уште пред и самиот Адеми да го смисли она полуписмено концептче. Нѐ обвинува дека ги искористиме студентите како „жив штит“ во одбрана на нашата некомпетентност, па дури и корумпираност. Но, се чини не може да нѐ обвини дека не сме биле далекувиди: уште пред Владата и да ги усвои законите (кои воопшто не беа ставени на увид на јавноста како што бараат прописите), пред самата таа да ги измени – некаде на половина пат од владината седница до Собранието – сме ги антиципирале повисоките критериуми за избор во звања (коишто, замислете, се сместени во завршни и преодни одредби!) Обвиненија се нижат, во стариот добропознат манир на културна револуција во македонски услови. Статистички податоци се вадат од ракав, и некако Словенија им се гледа како најсоодветна, која ни е слична само по територија и број на население – и тука споредбата завршува!

Некои колеги почнаа да размислуваат како да ги побијат невистините и да докажат колку трудови имаат објавено и каде, не сфаќајќи дека станува збор за класичен и евтин спин. За да не удрат непосредно по студентите, бидејќи таков атак тешко ќе се просто од историјата, полесно е да ги застрашат и компромитираат професорите. Тие ионака со децении се тивки, а стават и во дефанзива. Кога конечно се разбудивме, и кога покажавме дека како личности и како учители имаме интегритет, дека со студентите заедно ја сочинуваме академската заедница и мораме да бидеме солидарни во одбраната на автономијата, не смеме да им дозволиме да не дефокусираат владините загари. Зошто на еден збунет Адеми би му ги покажувате биографиите и трудовите? Колку повеќе ќе покажуваме, толку попонижени стануваме; не е власта таа која има компетенции да ги мери научните постигнувања. Нашите „судии“ (или евалуатори, како што е модерно да се каже) се нашите колеги, во земјата и во странство, но и нашите студенти кои секојдневно нѐ слушаат на предавања. Премиерот, инаку докажан патриот, нели, со потценување, па и подбив ја споменува Битола, а Тетово не го ни есапи за живо. Но, ако веќе нѐ обвинува за страшливост и неспособност, можеме ли ние да направиме паралела со неговото одбивање да излезе пред медиуми, на дебати со политички противници, па и да не сослуша нас?

Професорскиот пленум е различен од Студентскиот, не само според членството (кое иако расте, никогаш нема да може да ја достигне масовноста на студентската популација), туку и според агендата и начините на дејствување. Ние не протестираме само за државниот испит: ние бараме да бидеме она што сме, Учители! Она што Словенија го негуваше уште кога се бореше за независност, Груевски сака да го понижи и уништи. Чесно признаваме: студентите нѐ поттикнаа и ни одржаа јавен час по академски дигнитет, граѓанска храброст, активизам и ненасилен отпор кон една забегана власт! Ова е трета колумна која коинцидира со протест на кој го изразуваме нашиот револт и индигнација со Отворено писмо до пратениците, потпишано од преку 300 членови на академската заедница, кои сакаат да бидат слушнати како Учители (бивши, сегашни и идни). Тука се академици, врвни научни авторитети во своите области, но и доценти и по некој храбар асистент. На оваа листа не се оние кај кои вие, политичарите и вашите сопруги, магистрирате или докторирате (а кои, секако, имаат досег само до Табановце, но тоа чудно не ви пречи). Заедно и солидарно ги потсетуваме парламентарците дека се наши народни претставници, а не туѓинци-угнетувачи. Но, ако тие кон нас се однесуваат како да се угнетувачи, ќе мораме да се браниме со сите академски и граѓански средства.

Покрај апелот да се прекине општата расправа по законите, со што ќе се овозможи почитување на духот и словото на владеењето на правото, но и дебатата нема да има тон на јавно стигматизирање и судење, ниту ќе се употребуваат инквизициски методи (виновни сте додека не докажете дека сте невини). Инсистираме на сосема нов закон за високо образование, донесен во демократска атмосфера и низ конструктивен дијалог на засегнатите. Имаме јавна понуда: ќе прифатиме барањата за исклучиво вреднување на статии (а не монографии, книги и учебници, дури и ако се објавени во странство), доколку се откажете од државен испит за студентите. Може да удрите по нас, ама да ги оставите студентите на мира? Дали сте подготвени да се откажете од креирање на академски програми, формирање на рецензентски комисии, наметнување на ваша литература за студиските предмети, повикувањето странци да бидат декани и ректори (т.е. да не менаџираат)? За да можеме воопшто да зборуваме за научно-истражувачка работа ќе мора се обврзете дека наместо во споменици и музеи со восочни фигури ќе почнете навистина да инвестирате во наука. Ах, да! И под итно да не претплатите на Веб оф Сајнс (колку да видите колку тоа чини, а дека ниту еден универзитет го нема). Наместо да ги туркате сите на факултети, имате обврска да создадете услови за егзистенција и достоинствен живот и на лицата со средно (па и високо) образование. За да можеме да ги презентираме нашите трудови во странство, па и да научиме од тамошните колеги, треба да обезбедите средства. На Филозофскиот факултет професор има фонд од 300 евра годишно за меѓународни конференции, токму како за до Врање, Благоевград, Солун (ако тоа не е предавнички чин) и Тирана. Но, најнапред, обезбедете топли училници.

Законите кои се на пленарната седница имаат повеќе недостатоци одошто може и да се набројат во колумна. Тоа го кажаа сите универзитети. Во елаборациите кои веќе нема каде да се испратат и кој да ги чита (бидејќи се брза со изгласување на законите), постојат факти за погубноста, дискриминирачкиот карактер, па и нехуманоста на многу одредби (како, полагање пред камери). Овие закони не се обични: тие се упатство за газење на се што е мислечко, нешто што го немало ни во најтемните денови на комунизмот (барем во Македонија или СФРЈ). Свесни сме дека е започната контраофанзива во вид на собирање „контрапотписи“ за поддршка на законот, а како одговор на Отворено писмо, туку и дека партијата креираа научни кружоци („тројки“) кои ќе пишуваат трудови за списанија со импакт фактор со што ќе се развива ВМРО-вска „наука“. Ова не е Монти Пајтон. Се чини погрешна тезата дека државата сака да го супституира универзитетот. Партијата замислува како академска заедница, која ќе „штанца“ трудови на кои ќе се потпишуваат по неколкумина партиски војничиња. Лидер е некој кој е писмен, а со себе води неколкумина неписмени како коавтори.

Напишано за Нова Македонија