Студентите не се глувчиња во владината образовна лабораторија!

Обидот на власта да ги етикетира студентите и професорите кои го поддржуваат маршот против најавените реформи во високото образование е одраз на несигурност и страв, смета универзитетскиот професор Билјана Ванковска. Според неа, студентскиот протест е легитимен и умно се дистанцира од секаква политичка позадина. „Дејствувајќи за сопствените интереси, студентите ни` одржаа лекција по демократија на сите нам, повозрасните. Нивниот пример дејствува како инспирација, или тригер и за останатите групи кои се чувствуваат онеправдано. Таа ланчана реакција е тешко да се спречи, бидејќи македонското општество е обично пасивизирано до степен на мазохизам и трпи и тивко негодува, а сега има пред себе млади луѓе кои покажуваат што е граѓански капацитет и граѓанска храброст“, вели Ванковска во интервју за Фактор.

Фактор: Премиерот Груевски вели дека студентите биле излажани дека станува збор за екстерен, а не за државен испит и притоа ги стави во ист кош студентите и СДСМ. Свесно ли се прави обид да му се даде политичка димензија на студентскиот марш со цел да се амортизира незадоволството од најавените реформи во високото образование?

Ванковска: Терминолошката конфузија ја внесе владата, но неа не ја сметам воопшто за суштинска бидејќи станува збор за едно исто. Народот би рекол: не врат, шија! Кога евалуација (преоценување, да бидеме попрецизни) врши државно тело тоа за автономниот универзитет дејствува како екстерно/надворешно мешање во најсуштествената функција поради која тој постои! Но, оваа реторика и разликување се внесуваат со цел да се прикаже дека вината е во нас, критичарите (професори и студенти), кои не сме ја разбрале идејата на реформата.

Владата е всушност таа која нема идеја: се истрча со најава, за сега да крои законски измени! Но, студентите се организираа правовремено за да дејствуваат превентивно и да испратат порака дека не се експериментални глувчиња во владината образовна лабораторија. Таа масовна, ама првенствено артикулирана и аргументирана позиција на Студенсткиот пленум е нешто што ниту владата, ниту јавноста досега го нема видено. Ќе се сетите дека провладините медиуми најнапред занемеа, за да потоа почнат со „лов“ на поединци како „непријатели“ во студентските редови, а сега ловот е проширен и на професори (меѓу кои сум и јас). Несигурноста и стравот кај власта е видлив токму сега кога студентите се етикетираат: најнапред како инфантилни, како неуки и мрзеливи, за на крајот да станат олицетворение на нивниот архетипски „непријател“ (СДСМ и фондацијата Сорос). Тоа е израз на страв кај власта, ама и обид за застрашување на младите – ако не бидете послушни ќе ве сметаме за политички опоненти за власта и за иснтрумент на некаква завера против власта.

Фактор: Дали најавениот протест исклучиво е против воведувањето државен испит или од севкупната ситуацијата во која Македонија се наоѓа земјата, а опоизцијата маршот го користи во обид да придобие политички поени меѓу граѓаните?

Ванковска: Студентите се експлицитни: протестираат против најавената мерка! Тоа е не само легална, туку и легитимна позиција на една општествена група која се ангажира за остварување на своите интереси! Тоа го прават на беспрекорен начин, и како граѓани (полнолетни) и како студенти, членови на академската заедница. Користат убедлива реторика и креативна и духовита кампања, а покажуваат и повисоко ниво на политичка култура во тој дијалог од самата власт, која се користи со недолични етикетирања и дисквалификации! Тие јасно се дистанцираа од сите партии и партиски филијали, но умно укажаа дека прават разлика меѓу нивните барања и дејствување (што е по дефиниција политичко) од една страна, и партиската политика и битка за власт, од друга страна. Но, дејствувајќи за сопствените интереси, студентите ни` одржаа лекција по демократија на сите нам, повозрасните. Нивниот пример дејствува како инспирација, или тригер и за останатите групи кои се чувствуваат онеправдано. Таа ланчана реакција е тешко да се спречи, бидејќи македонското општество е обично пасивизирано до степен на мазохизам и трпи и тивко негодува, а сега има пред себе млади луѓе кои покажуваат што е граѓански капацитет и граѓанска храброст.

Во вакви околности, сосема е природно кај власта да расте стравот, а кај опозицијата надежта дека работите одат во нејзина полза. Сепак, засега не гледам директно инволвирање на опозицијата (со исклучок на некои невладини организации блиски до неа, ама во доста ограничена форма, бидејќи нашите млади се очигледно алергични на сите партии и се чуваат од нив како „ѓавол под крст“). Неинволвираноста на опозицијата е делумно резултат на нејзината длабока внатрешна криза: водството на СДСМ и лидерот Заев се преокупирани со „политички тероризам“ и скандализирање на јавноста со некаква „бомба“. Второ, тие се под директен притисок на меѓународната заедница во однос на бојкотот на работата на парламентот (каде им е местото).

Кога СДСМ би имала моќ да мобилизира волкава енергија и спонтано движење како студентското таа не само што не би била во политичка кома, туку би станала вистинска левица. Јас тоа не го гледам кај нив. Ако во масата од 3000 студенти има и членови на подмладоците на партиите, тоа е нешто што е сосема природно: тие можат да се разликуваат по своите идеолошки гледања на светот, но да споделуваат исти студентски интереси! Колку што можам јас да забележам, во Пленумот можам да препознаам дури и студенти кои идеологијата на ВМРО ја сметаат за поблиска од таа на СДСМ.

Фактор: Од Студентскиот пленум соопштуваат дека нема да дозволат да бидат прибрани под ниту едно партиско милје, потенцирајќи дека нивните барања ја надминуваат партијата . Поддршка, академската заедница доби од неколку други универзитети низ земјава. Дали во реториката на премиерот Груевски препознавате загриженост, но и изненаденост од единството кое го демонстрираат младите?

Ванковска: Да, тоа е едно од последните пораки на Студентскиот пленум. Власта игра на картата на спинување и сака да го рашири „црвот на сомнежот“ кај пошироката јавноста, а од опозицијата да направи монструм, национален непријател или нешто од што сите треба да се бранат и дистанцираат за да не бидат на „лош глас“. Тоа е таа нездрава и недемократска атмосфера која доминира во Македонија, по буквално сите прашања, па сега ја гледаме и во контекст на високото образование.

Мене ми е жал што оваа политика на озлогласување на се` што не е на линија на власта ја поддржуваат и некои интелектуалци и универзитетски професори. Еден од нив деновиве на социјалните мрежи запраша: зошто студентите не си направат партија? (Нему му се чинело дека ова е налик на партиско дејствување!) Оние кои со симпатии гледаат на Пленумот, пак, како потајно да се надеваат дека е ова зачеток на некоја „трета опција“.

Мислам дека е тоа неправедно спрема студентите: ниту смееме да ги етикетираме и да им подметнуваме кукавички јајца, ниту од нив да очекуваме чуда, да го очекуваме она што ние како повозрасни не сме успеале да го направиме! Но, неправедно е и на овие млади изградени личности да им го одземеме правото на свој поглед на свет! Тие се политички суштества, и имаат право да се изјаснуваат и за други проблеми. Со право, на власта и` праќаат порака дека ако продолжи вака, дека тие судбината ќе си ја бараат подалеку од Македонија. Наивно би било да се очекува дека главен проблем на студентите е само државниот испит. Кога уште на почетокот предупредија дека „Ова е само почеток“, јас тоа го сфатив како почеток на нивното вклучување во носењето одлуки кои ги засегаат како студенти (на пример, студентските домови, студентскиот стандард, итн.), но и грижа за иднината (невработеноста, сиромаштијата која ги чека кога ќе ги добијат дипломите, партизацијата при вработувањата, дискриминацијата, комерцијализацијата на образованието).

Фактор: На првиот Студентски марш пред речиси еден месец можеше да се видат и млади девојки со шамии на главата. Дали со тоа се испраќа и сингал и за нарушениот меѓуетнички соживот?

Ванковска: Убедена сум дека за првпат студентите не прават разлика меѓу себе, туку се обединија по заедничка основа и барање на заедничко решение. Кај дел од девојките тоа беше видливо поради начинот на облекување, но имаше и многу момчиња. Впрочем, на поворката која тргна од пред платото на УКИМ набргу, на првата раскрсница, и` се придружија студентите на Штуловиот и Тетовскиот универзитет. Тоа навистина буди надеж за иднината на земјата, во генерална смисла на зборот. Сега веќе во нивниот материјал за кампањата (плакатите) се користат јазиците на сите етнички групи, што е навистина убаво да се види.

Фактор: Дел од унивезритетските професори молчат. На што се должи ваквата нивна дистанцираност и колку се точни информациите дека дел од деканите на факултетите вршеле притисок да не се излегува на протести?

Ванковска: Мнозинството молчи – од опортунизам, комформизам, елитизам, но и од страв да не бидат етикетирани. Не` има одреден број професори кои сме гласни и недвосмислени во однос на оваа реформа, мнозинството можеби се сложува со нас но си стои по страна и дискутира по кабинетите и бифеата.

За жал, јас не успеав да го убедам дури ни деканот на мојот Факултет да свика една стручна трибина на која ние како професори би се изјасниле за реформите. (Видете, на нашиот факултет постои и институт за педагогија, а не му се слуша гласот, како и на другите!) На два дена по студентскиот протест, нашиот Наставно-научен совет започна со честитки за студентите – ама за оние кои биле вклучени на спортски настани и освоиле некакви пехгари! Ниту збор за тоа дека студентите ни излегоа по улиците! На УКИМ состојбата е сепак порелаксирана – студентите се изборија во внатрешноста на факултетите да се среќаваат и разговараат. На другите универзитети им се заклучуваат вратите и се под притисок небаре се државни непријатели!

И конечно, како тече времето, почнуваат да се јавуваат и оние наши колеги кои се согласуваат со премиерот за политизацијата на студентите и за потребата државата да го среди високото образование бидејќи тоа е лошо. Критиката на високото образование е оправдана и треба да ја водиме постојано, но во ваков миг да им се зададе низок удар на студентите од нивните професори (дел од нив, за среќа) – тоа го сметам за непримерено и неетичко однесување. Ако нештата не се добри, тогаш професорите нека си ги расправаат нештата на своите Наставнички совети, сенати, и други форуми, а ако се сведоци на корупција и непотизам нека се одважат да го кажат тоа гласно, да се обратат до институциите и да побараат санкционирање на своите колеги (со име и презиме) кои евентуално ги кршат и законите и етичкиот кодекс. Жално е што се засилија сега кога власта врши притисок, а тоа се пркршува на грбот на студентите.

Ќе завршам со тоа дека универзитетот за жал не може да биде подобар од општеството во кое егзистира: во него се пресликуваат и најдобрите и најлошите нешта, и кај професорите и кај студентите! Но, затоа гласноста и критиката треба да бидат наше оружје во секојдневието, а не само кога студентите ќе се одважат, па сето тоа се прави за тие да се дисциплинираат.

Горазд Чомовски/Фактор
Фотографија: ФОКУС