Професорски пленум – Премиер: 3:0

Можете да кажете било што, но денес Владата и премиерот загубија со службен резултат 3:0 од една солидарна, голема и почитувана група професори! Некои опозициски медиуми веќе излегоа со друг резултат, но ако не го виделе она што денес го стори Професорскиот пленум, или не се добро информирани, или се злонамерни.

Најнапред, политичар/премиер кој е познат по својот манир да доцни дури и на поважни средби, денес се „нацрта“ пред хотелот Александар Палас предвереме, само да ја осуети намерата на членовите на Професорскиот пленум да не учествуваат на фарса од дебата. Се разбира, нашата намера да одржиме прес-конференција и да образложиме зошто „тази дебата не е дебата“ и е и бесмислена и нелегитимна, а таа беше уредно најавена преку медиумите. Нашиот личен став беше во духот на она што колешката Силјановска брилијантно и духовито го срочи за време на синоќешниот пленум: „Ако им влеземе сега во хотел, утре ќе побараат од нас да влеземе и во апартмани.“

Прес-конференцијата беше одржана според планот. Присутни не многу професори, но доволно за да ја пополниме сцената. Се прочита соопштението со лаконски наведените причини зошто одбиваме да дадеме легитимитет на фингирана дебата (која на своја кожа подоцна ја искуси и ректорот Стојковски). Почнаа провокативни прашања од медиумите, особено за нашите следни чекори и за тоа што мислиме за нашите колеги кои се кооперативни и ќе учествуваат на дебатата. На дел од нив одговори колешката Силјановска, а на последното се надоврзав, кажувајќи дека нема да дозволиме политички да ја делат академската заедница, која е легитимно да има различни ставови и да соочува аргументи, ама не под покровителство на Владата која не` дели на „добри“ и „лоши“, на „наши“ и „ваши“ и тоа во вонинституционален формат. Во тој момент, не бев ни свесна дека премиерот стои отстрана и чека момент да ми упадне во збор.

Несомнено, политички гест (веќе виден во недамнешната политичка историја) од Груевски. Ова не е безначајна работа – бидејќи во 2011 година, вака „храбро“ настапи министерот Тодоров (и тогаш Силјановска беше во првите редови да му каже се` в лице). Овојпат, премиер кој не ни беше предвиден како учесник на дебатата се појавува на прес-конференција на еден (како што тој вели) „таканаречен професорски пленум“. Тоа веќе не е знак на ароганција, колку што е признание за нашиот ЈАВЕН ИМПАКТ (фактор). Да му беше сеедно, ќе си држеше конференција со послушните професори и ректори.

Тој го почна дуелот, непосредно со мене, и драги мои Пленумци, немаше време за демократска пленумска дебата и консултација, за да му одговорам на предизвикот морав да реагирам инстинктивно. Она што мнозина се прават дека не го виделе и слушнале беше моето отворено кажување дека „хотелите се за туризам, а не за парламентаризам“. Додека зборував, тој слушаше и цупкаше по снегот. Кажав тоа што мислев дека треба да му го кажам – но како на премиер кој ја крши постапката и не` смета за малумни. А не како на политички опонент! Некои веќе почнаа да ме парчосуваат дека сум била апологет затоа што не сум му одвратила дрско и што сум рекла „ние не сме против Владата“. Точно е: професорскиот пленум ниту е политичка партија, ниту ќе урива влада! Ние браниме достоинство, автономија на универзитет и академски слободи! Ако тоа не умееме да го одбраниме, тогаш нема да можеме за ништо вредно во животот да застанеме.

Знаете кога му дадовме втор гол? Кога пред сите камери покажа дека тој е папет-мајсторот, оној кој ги движи конците на целата камарила: од бројното обезбедување, до нашите јадни ректори и професори, кои дури и не беа исконсултирани дека дебатата се презакажува во Собрание! Па, со нив не треба ни да преговара, ни да ги кани – тие реагираат „где он оком, они скоком!“ Епа, на моето укажување дека хотелот е несоодветно место и дека законот е во Собрание, тој веднаш како домаќин и на Собранието (знаеме кој пали, а кој гаси) – со широка насмевка не` покани таму. И тоа закажа средба за 15 минути! Во ниту еден миг, во мојата глава немаше двоумење дека нема да не види уседнати на журка во куќа чиј домаќин тој не е! Сепак, следуваше куса консултација со присутните колеги што да се прави. Набргу тргнавме кон Собранието, подготвени за вториот медиумски настан.

Таму го дадовме третиот гол! Наместо да влегуваме на забава без никаква смисла, по снегот и студот колешките одржаа блескави говори пред уште поголем број камери. Поентираа прецизно и брилијантно! Ќе речете: ама Шител не покажа така, Курир не` направи партал! Па, треба ли на умни луѓе да им се објаснува што е конструирана слика за реалноста? Па, зарем од нив очекувате да не го работат она за што се платени? Многу поинтересен е односот на опозициските медиуми, кои се подеднакво настрвени кон овој дуел и веќе прогласија 5:0 за премиерот во однос на Ванковска (небаре јас сум „импакт-факторот“ во ова општество)! Но, тоа е друга приказна.

Факт е дека во текот на денешниот ден постапивме согласно договорот (односно ставот дека не прифаќаме никаква дебата, најмалку материјална дебата по однос на законските решенија, а бараме повлекување на законот и донесување нов). Добивме двоен настан кој медиумите го пренесоа – тоа е реклама без пари (иако мнозина мислат дека е тоа лоша реклама, јас не се согласувам). И трето, покажавме дека сме некаков фактор (овој збор се’ повеќе ми се допаѓа): бидејќи рашетавме еден премиер со цела свита од еден крај на градот на друг, а пак не му седнавме на топло, како што сторија дел од нашите колеги и ректори. Студентите си го изнесоа ставот преку нивниот претставник, кој даде куса изјава – иако ми е жал што не застанаа со нас на прес-конференцијата, но тоа беше нивна одлука која ја почитувавме, за да си го сочуваат идентитетот. Покрај тоа, имаше едно момче со порака на голем лист хартија кое стоеше на наша страна пред хотелот, па дури и додека Груевски зборуваше, тој искористи да ја покаже пораката (но, кој ја виде е друга приказна).