Сириза: баук или надеж

Грција во фоксуот на светската јавност: најнапред поради „грчката трагедија“ (финансиската криза), а сега поради политичката разврска. Последен пат кога некои избори биле следени со толку голем интерес беа оние на кои Обама победи за првпат. И сега како и тогаш, отсекаде одекнува зборот надеж. Обама поттикнуваше зборувајќи за „дрскоста на надежта“, а „надежта доаѓа“ е слоганот со кој чекори Алексис Ципрас. Ова е јасен знак дека ситуацијата е очајна: без очај надежта не би била со толку висока вредност во еден демократски политички систем! Така, надежта е повеќе налик на сламка за спас, верба во чудо, очекување за драматична социјална промена среде хуманитарна криза. За надеж во политичкиот речник вообичаено нема место, но кризата на капитализмот е толку длабока што за „нормалност“ е потребно да се случи чудо. Дали надежта може да биде есенција на разумна политичка позиција и на јасен поглед на светот или е само wishful thinking? Наративот за надежта несомнено асоцира на антиката, но повеќе поради Пандора (надежта се наоѓаше во нејзината кутијата од која излегоа сите зла), отколку поради агора. Во времето на обамаманијата, бев осамена со скептичниот став (колумната „Обама наречен надеж“) – сега знаете и зошто.

За разочараните и сиромашните, не само во Грција, туку и во целата европска периферија, СИРИЗА е знак за нова зора, но за евро-кастата во Брисел и другите престолнини таа е баук кој кружи над Европа. Сѐ како да асоцира на Комунистичкиот манифест (од надеж или страв), но дали е така? Идејата за диктатурата на пролетеријатот, наспроти предвидувањата на Маркс и Енгелс, победи во една од најнеразвиените земји, во полуфеудалната Русија. Потоа се прошири во она што стана социјалистички блок, повеќе преку извоз и имитација отколку како резултат на автентично работничко движење. Крајот и на таа илузија го знаеме, како и цената која е платена. Падот на комунизмот (како што го нарекуваат на Запад), заедно со целосната политичка и морална деградација на левицата (која западна во национализам), создаде свет во кој идеологиите се блендирани и дозволени сѐ додека не го оспоруваат капиталистичкиот фундамент. Левичарите станаа импотентни, парализирани и исплашени да не отидат премногу лево. Сѐ до скоро…

Со СИРИЗА како (релативен) фаворит, изборите во Грција станаа многу повеќе од тоа. Тие се истовремено и симптом за болеста, но треба да бидат и лек (барем така мисли новата левица). Ова е уште едно сведоштво за распаднатиот брак на либералната демократија и капитализмот, за дебтократијата и управувањето по пат на застрашување од баукот (на социјалната правда). Заедничкиот настап на лидерите на СИРИЗА и на ПОДЕМОС среде Атина беше порака за поинаква Европска унија (Европа?). Во сите земји потресени од глобалната криза на капитализмот, доминантна општествена група (класа по себе, ако не и за себе) веќе не е пролетераријатот (работничката класа), колку што е тоа прекаријатот. Партиите на радикалната левица успејаа да го присвојат и превртат главечкум тачеровиот ТИНА принцип (There Is No Alternative). Наместо единствената можна и пожелна алтернатива во вид на либерална демократија и слободен капитал, голем број грчки граѓани мислат дека немаат друга алтернатива освен СИРИЗА. Таа треба да биде доказ дека е можен поинаков систем.

Постои и струја која мисли дека програмата на СИРИЗА не е радикална (за разлика од реториката) и дека набргу ќе стане дел на мејнстримот. Чекор понатаму се оние кои сметаат дека таа нема да го изгуби револуционерниот жар, туку дека тој никогаш и не постоел: Ципрас е типичен пример за харизматски опортунист кој лови во матно (Пападакис). Неверниот Тома во мене се сеќава на изреката: да се менуваа нештата на избори, тие одамна ќе беа забранети. Инглесијас е во право кога вели дека изборната победа не е исто што и освојување на власта и социјална промена. И потсетува на Аљенде… Но, ако ултрадесничарите ги користат изборите, тогаш левицата сигурно има повеќе причини да го стори истото и да не ја препушти битката на истрошените елити и на хејтери.

Ова е ретка можност на Грција да не гледаме низ призмата на „спорот со името“, иако мнозина ги интересира само дали Ципрас ќе биде подобар од Самарас. Но, додека го гледате Груевски како јаде бурек и како секој добар макро раскажува за тоа како ја нудел земјата на странските компании во Индија (очигледно, еден Субрата не ни беше доволно) – не можете да одолеете и да не им се восхитувате на Ципрас и Инглесиас. Тие зборуваат за социјална правда, за солидарност, за враќање на дигнитетот на сите оние кои работат, а не можат да живеат живот достоен на човек. Груевски и сличните на него, навидум моќни, зборуваат како мали поданици на неолибералната каста, подготвени да сторат сѐ за да ја сочуваат власта. Радикалната левица настапува како субјект подготвен да го менува светот во кој Груевски, како економист, ужива. Социјалдемократите сонуваат за средна класа! Толку!

Кај нас нема кој да формира лева коалиција; за разлика од Грција кај нас левата идеологија е прохибирана. Посакувам вистинска левица која ќе ги избрише етничките делби за сметка на класното единство, ама никој да го направи првиот чекор. Огромен број граѓани не сакаат да бидат заложници во политичко-идеолошка битка на партии кои се сијамски близнаци и по идеолошката матрица и по начинот на владеење. Нема силни синдикати, има свиткани кичми и страв. Но, има и такви кои викнаа „Х/Ајде“, но тоа е мејнстрим, спонзориран од странски донатори, кои не би сакале да видат раѓање на нешто радикално, лево и антикапиталистичко. Оваа граѓанска мобилизација е за смена на власта, без промена на системот!

СИРИЗА ќе застане на чело на коалициона влада на бранот на надежта и моралниот ореол кој го носи, што и не е силен фундамент. Во нејзината програма нема ништо (пре)многу радикално, социјалистичко и интернационалистичко, но има расфрлање со тези за национален дигнитет, национално понижување, воени репарации од Германија! Едвај и да се кажа нешто за кршењето на малцинските права или за она што може да го наруши единството на демосот фокусиран на празниот стомак. Ципрас е харизматичен – и треба да загрижува, а не восхитува! Приврзениците се ентузијастични, но дали се стрпливи? Не постои волшебно стапче. Најважното кај радикалната левица е политичкото претставништво на оние кои се фактички исклучени од политиката, понижени, очајни или дури и гневни (лидерот на ПОДЕМОС беше член на Indignados-ите, главно млади луѓе, велеа „не сме ние против системот, тој е против нас“).

И покрај тоа што нема да можат да ги исполнат ветувањата, тие го направија првиот чекор: успејаа да инспирираат, да направат синергија и го трансформира гневот во акција за промена. Дејствувањето на овие партии е многу поразумно и попродуктивно од спонтаноста и хоризонталноста (протестите како цел за себе без ефектуирање во планска акција водена од одреден поглед на свет – или нивна злоупотреба заради смена на актерите но со одржување на системот). Не сакам да бидам расипувач на забави, во мене и натаму ќе се борат симпатиите со скепсата, но му посакувам многу мудрост на буревесникот во Грција!

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Milos Bicanski/BalkanWeb.com