Сите се Шарли?

Зарем не е бизарна потребата на некои да мантраат и да се идентификуваат со оние кои во моментот се видени како најголеми жртви на најбрутални злосторства, ама селективно и во стил на хорско пеење. По 11 септември, како по знак на диригентска палка сите се декларираа дека се Американци. Дури и оние Американци кои се срамеа од тоа што нивната земја е над правото и моралот во вршење масовни злосторства, преврати, за Чиле, за Никарагва, за тортури – некако потивко ги изговараа критиките за да не бидат линчувани во ера на масовна хистерија… Во нашите простори, гледавме толпи кои извикуваа „сите сме ние Норац/Готовина/Младиќ“ – луѓе обединети зад националистичка идеја според која нашите се јунаци, дури и кога на рацете носат крв на невини цивили. Во Македонија, во еден драматичен миг, сите беа Мартин Нешкоски, жртва на брутална полициска сила (иако, во првите мигови на забуна момчето беше наречено Даниел, па корекцијата беше направена веднаш по откривањето на вистинскиот идентитет). Простете ако заборавив уште некое име со кое прекуноќ се идентификуваа цели групи и така се „гребеа“ од нивните жртви, дела, или недела.

Разбирливо, сега сите се Шарли! Дури и шарлатаните… Велат, тоа било најмалку што може да се стори во момент на колективна тага; тоа било во знак на солидарност и сочувство за убиените париски карикатуристи. Всушност, станува збор за потреба од колективна идентификација со она што во мигот е страната на Доброто наспроти страната на Злото. Штом изјавите дека сте Шарли (иако можеби до пред 2-3 дена не сте ни знаеле што е Шарли), веднаш се чувствувате подобро, праведнички. Кога во ист миг ќе видите редакции на македонски медиуми, или поединечни новинари, како се сликаат со напис напишан на француски, а рамо до рамо всушност стојат најголемите пропагандисти (од двете страни на партиско-политичкиот спектар) – тоа кај пристоен човек буди чувство на гадење. Всушност, иста таква изјава даде и карикатуристот на Шарли, Вилем Холтроп: „повраќаме од тоа што сите овие луѓе одеднаш се декларираат како наши пријатели“. Ете, гребаторите сега се поистоветуваат со храбри новинари/карикатуристи, кои се подбиваат на авторитети, на моќ, на идеологија и религија, но ние знаеме дека се бедни прислужници, доктори за спинување, луѓе без трошка солидарност за колеги-новинари избркани или осудени. Тука се и оние кои можеби поим немаат што е сатира (за што е потребна храброст, ама и интелигенција и интегритет), ама се одлични во плукање, девалвирање, па дури и во копање по коските на покојниците за да ги деградираат живите.

Но, Шарли Ебдо е часопис, не е личност. Можете да изразите сочувство и жалење за смрт на луѓе, ама не за ентитети. Забележувате ли дека имињата на жртвите се заборавени – никој не знае ни да ги наброи? Познавачите велат дека колку и да е цинично, но факт е дека Шарли ќе преживее токму поради масакрот. Весник кој се наоѓаше на работ на банкротот, сега собра неверојатен износ на донации кои ќе го одржат во живот. Популарноста и видливоста во светски рамки порасна уште повеќе – бидејќи во еден брутален свет, крвта и скандалите се она што ги продаваат весниците. Што е со селективноста во ваквите масовни идентификации: зошто никој не вика „Сите сме ние Палестинци/Арапи/Либијци/Ирачани/Роми/Авганистанци“? Зарем жртвите од Бејрут или Баграм немаат имиња? Зошто се сега сите Шарли, а не се Викиликс или Асанж – нивната деконструкција на лагите, покажувањето на вистината за воените злосторства сторени од западните демократии, е сепак похеројски чин од објавување на провокативна карикатура, зар не? Или Асанж треба и буквално да биде убиен?

Сепак, централното прашање е она за тенката црвена линија која ги одделува говорот на омраза и од светоста на слободата на мисла и говор, без кои нема ни човекова слобода, ни општествена. Во време на општа хистерија (Франција е под напад, сите сме Французи, карикатуристите се олицетворение на доблеста и храброста, итн.), тешко се слуша гласот на разумот. И не само што е тешко, туку е и ризично: ако не си Шарли, мора да си поддржувач на Ал-Каеда! Како и по 11 септември (т.е. оттогаш наваму), разумот е протеран од ваквите дебати. Во цивилизирано општество на јавно кажан збор не смее да се одговори со крвопролевање. Постои и нешто што се вика право да се навреди во јавниот дискурс, за што демократиите мораат да имаат висок степен на толеранција. Светските карикатуристи одговорија на уникатен начин на масакрот: со карикатури, кои носат порака, пркос и интегритет. Во моментов е, сепак, најважно како на новонастанатата ситуација ќе одговорат политичките елити и мејнстрим медиумите, и дали терористите повторно ќе победат? Квазисоцијалистот Оланд зборува за „акт на невиден варваризам“, без трошка грижа на совест што Западот, и Франција во првите редови, ги вооружува, обучува и контролира платениците од Либија до Сирија. Или како што пишува Пепе Ескобар, „убивањето цивили во Триполи или Алепо е прифатливо. Но, не го чинете тоа среде Париз!“ Тоа нѐ згрозува! На внатрешен план, битката се води околу тоа кој ќе профитира повеќе: претседателот (со катастрофален рејтинг, а-ла Буш) или Марин Ле Пен? Станува збор за нијанси, кој и да „победи“. Жртвата е веќе позната: светот втурнат во уште една спирала на насилство и делби, на протести и контрапротести, на фундаментализам и уривање на мостовите за дијалог меѓу различните. Дали Франција ќе ја повтори грешката на САД?

„Јас сум Шарли“ го губи од вид фактот дека магазинот ниту е свет, ниту беспрекорен модел. Освен ако за „покојниците“ не се зборува само најдоброто, а на Шарли Ебдо му се простат расистичките карикатури во контекстот на постоечкиот zeitgeist и „судир на цивилизации“! Тој постепено ја поместуваше границата на слободата на говор за сметка на предрасудите и стигматизацијата. Под превезот на либералните слободи се нормализира она што е дел на култура на насилство. Шарли е повеќе од контроверзен. Избркаа од работа човек со претекст дека го навредил еврејството. Нивна цел не се само муслиманите, туку и другите религии, но и припадниците на црната раса и жените (неодамна, дури и киднапирани нигериските девојчиња). Насилството врз карикатуристите е злосторство врз луѓе кои користеле перо, и треба да се осуди силно! Истовремено мора да се осуди расизмот низ сите суптилни форми на изразување. Чомски нѐ потсетува на бомбардирањето на српската телевизија од НАТО, а убиството на новинари тогаш беше легитимна воена цел. Волтер нема ништо заедничко со нормализација на стереотипите како наводен „тест за демократичност“. Карикатурата не секогаш е бенигна, како што покажува и историјата на линчот на афроамериканците во САД, која започна со кампања водена преку карикатури. Не брзајте да се поистоветите со нешто што почнува со истата фраза „И јас сум …“ пред да се запрашате за што навистина сте подготвени да се борите!

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Christian Hartmann/Reuters