Точка на топење

По сето она што го одбележа крајот на (неславната) 2014 година, и по првите навестувања за тоа што нѐ чека во иднина, само најголемите оптимисти или ПР-мајстори веруваат во нешто ново и среќно. Всушност, толку повторуваниот говор (кој требаше да биде честитка!?) на премиерот Груевски јасно стави на знаење дека тој и неговата влада се за континуитет – континуитет не само на она што го наумиле како „реформа“, туку во начинот на владеење. Јасно се игнорира фактот дека Македонија стана земја на протести и на отворени писма, во кои разни интересовни групи и здруженија соочени со глувоста на институциите, и во отсуство на парламентарна опозиција, почнува да комуницира преку јавни алтернативни средства. Тоа не е ништо друго туку деинституционализација, ама и делегитимација на политичкиот систем.

Мнозина би забележиле дека студентите, а потоа и професорите, ја „киднапираа(т)“ јавната агенда и го одвратуваат вниманието од некои посуштински прашања. Зарем целата јавност треба да се вознемирува за еден (т.е. два) државен испит и некакви „импакт фактори“? Што е со сиромашните, невработените, социјалците, болните? Факт е дека прашањата на високото образование (сосема невообичаено) заземаа високо место во обраќањето на претседателот Иванов пред Собранието, подеднакво како и во новогодишната честитка на премиерот. Тука се на припомош и владините медиуми (кои веќе не се ни провладини, туку партиски билтени), кои за време на празници „ловат“ и стигматизираат лоши професори (за разлика од некои добри), водат отворена хајка и лов на вештерки. Јавноста која не е ни запознаена со пакетот на закони, ниту засегната, веќе и во кафемуабети почнува да се зборува за трудови со „импакт-фактор“ (поточно, списанија со фактор на влијание). Умешноста на владината пропаганда е токму во таквото спинување на приказната, или поточно жонглирање со повеќе приказни на групи со легитимни интереси, кои немаат друг начин да бидат слушнати освен да се самоорганизираат. Во заднина се водат операции својствени за тајни служби кои ја откриваат „точката на топење“ на ректори, проректори, декани, или дури (најсрамно и најкукавичко) и на млади доценти и асистенти. Во јавноста, пак, како во поемата на Мартин Ниемелер, некои прашуваат дали професорите заслужуваат солидарност сега кога дојдоа по нив… И повторно, примерот од кој треба да се учи е оној на студентите: тие веќе манифестираа солидарност со прекаријатот, но и со професорите. Професорите ќе треба најнапред да ја зајакнат внатрешната солидарност пред нападите на авторитарната власт (внатрешното вреднување по академски квалитети е нешто сосема друго и од тоа нема бегање), а потоа и да видат дека не се единствените кои пишуваат отворени писма до глувата власт.

Во говорот пред Собранието, колегата Никос Чаусидис во брилијантен манир ја даде дијагнозата – метастазиран канцер! Можеби некои помислија дека е ова онака генерална дијагноза, која се однесува на македонското општество, но не и на академијата. Вистината е малку посложена, а и болна. До отпор кон авторитарната власт која е на чекор од македонска верзија на културна револуција може да дојде само ако членовите на академската заедница признаат: да, виновни сме ние! Виновни сме за ситно профитерство, за соработка со сите политички и бизнис елити, виновни за градење систем на вредности во кои да се биде министер (или барем пишувач на уставни амандмани) беше повредно од тоа да се биде професор! Виновни сме за тоа што дури и во академската фела не успеавме да ги одбираме најдобрите меѓу нас да бидат раководители, декани, сенатори или ректори. Местото кое треба да почива на мерит систем и на вредности одамна стана сцена за византиски игри и кокетирање со политичките и/или етничките елити. Сепак, ова се однесува само на малцинството (за мнозинството членови на академската заедница не ни може да се најдат доволно функции и привилегии), па затоа проблемот е во мнозинството. Не е првпат да кажам дека зборот кетман е најсоодветен за опишување на голем дел од академската заедница. Тука спаѓаат оние кои се помирени со состојбите, или дури и кои се горди на вештината со која ги потиснуваат и кријат своите ставови, притоа да ги доведат во заблуда сите околу себе. Според Милош, кетманот знае да живее со сопствената контрадикција: зборува едно, а верува во друго, адаптирајќи се доброволно на секое ново (па и на најглупавото) барање кое доаѓа од „горе“. Но, тој длабоко верува дека ги измамил тие што се на позиција на моќ, а за себе верува дека е слободен мислител и критички интелектуалец. Деновиве, на контралистата на професори кои ја поддржаа владата, дури и по цена на сопствена штета, се најдоа и лица кои тврдеа дека никогаш не им била побарана согласност да се приклучат на таа листа. Демантираа – ама само на социјалните мрежи, за веднаш потоа да се „доизјаснат“ дека тие всушност се на страна на реформите, а дека својот критички став го изнеле во некоја постара колумна. Тоа е таа контрадикција со која кетманот живее спокојно, а верува дека другите му ја купиле приказната. Всушност, секој кетман користи исто образложение: тој е слободна личност која самостојно донела одлука да се покори пред диктатите на општеството или на моќните, затоа што „ионака не може ништо да стори“. Кетманот верува дека е доволно итар да остане свој и умен, а сепак да ужива во комфорна позиција во однос на естаблишментот. Тој не е неук за да не ја види стварноста, односно ја освоил внатрешната слобода, ама одлучил да не го споделува тоа, затоа што е мудар и рационален. Тој нема ни желба ни храброст да се бори за слободата како таква, најмалку за слободата на другите, понемоќни од него.

Во сенката на оваа наметната слика за високото образование како ургентно прашање кое може да се реши само со укинување на универзитетот како таков, но и поради скапо платените медиумски кампањи за квалитетно високо образование, останаа десетици илјади жители завеани во снег, без електрична енергија и вода. Апсурдот е доведен до крајни граници: неспособна влада, влада која не може да се справи со првиот снег, е тотално фокусирана на „импакт факторот“ и на универзитетите! Нејзиниот импакт фактор е фактор на сила и застрашување, а не на рацио и владеење низ правото и преку правото низ демократска процедура. А ние, професорите, наместо честитка на граѓаните им должиме извинување, што без своја вина станавме повод за уште едно непродуктивно и хушкачко трошење буџетски пари – сега насочено за битка против умот и здравиот разум, за дисциплинирање на непослушните, и веројатно за последната пресметка со универзитетот. Некои имаат лична точка на топење, температура на која попушта рбетот. Но, кај некои ефектот е обратен: колку тие притискаат, толку отпорот расте. Како што вели Фуко, каде што има моќ, има и отпор.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Adam Metcalf/Flickr