За македонските леваци

Ако не се лажам, седум дена подоцна, никој освен невладиното (левичарско) здружение „Солидарност“, не испрати никаква, па ни дипломатска и куртоазна честитка до новиот премиер на Грција. Освен тоа, наспроти моите очекувања, победата на СИРИЗА не само што не успеа да го прошири дискурсот и да поттикне дебата која нема да почне и заврши со „проблемот со името“, туку ја демаскира и онаа малку поинтелектуална и ненационалистичка групација, која има себеперцепција за македонска левица. Изговорот на власта е дека СИРИЗА не покажала знаци за промена на антимакедонската грчка „црвена линија“. Заев и Шекеринска се веројатно во уште поголема недоумица: нивниот „социјалистички“ партнер од европската левица (ПАСОК) доживеа тотално фијаско и воопшто не влезе во грчкиот парламент, а политичари од типот на Ципрас или Варуфакис (кој за себе отворено зборува дека е марксист) веројатно им се чинат како „комуњари“. За официјалниот став и одиум на македонската (наводна) левица најречит беше Стево Пендаровски (четвртиот столб на социјалдемократите, како што го нарекуваат). Тој во дебатната емисија во која се следеа резултатите од изборите (браво за напорот на ТВ Телма за овој исчекор) настапи како гласноговорник на корпоративниот капитал, како Фридманит, и уште Натофил и еврофил во едно. Накусо, тој не само што онака беневолентно одмавнувајќи со рака ја отфрли како несериозна изборната програма на СИРИЗА, туку и ја стигматизираше како најголем непријател на сето она во што тој и неговата партија веруваат (НАТО, ЕУ, капитализам – и толку!). „Куририте“ и „Републиканците“ побрзаа да спинуваат мој став за оваа работа, ставајќи ја во контекст на професорскиот пленум – веројатно затоа што тоа им е поголем бауч од радикалната левица. Си имаат тие домашни маки, па внесуваат раздор. Да, точно е, ако е ова македонската левица, ми доаѓа да се убијам од мака. Не дека Ципрас ни ја откри оваа тајна, туку само помогна во разголувањето на сета неолиберална суштина на оние кои немаат ни морален ни политички кредибилитет да зборуваат за сиромаштија, за политика контра приватизацијата, за солидарноста со најранливите, за критика на корпоративната ЕУ и банкстерите, итн.

За секој оној кој се радува на ветрот на промените започнат од југот (дури и кога е загрижен и со голема доза на скепса околу настојувањето оваа опција да успее да го смени сфаќањето на политиката), најголемото разочарување во изминатите денови не се ни владата, ни ВМРО-ДПМНЕ, ни СДСМ, ни другите делови на естаблишментот. Најголемото разочарување се оние кои се претставуваат како радикални леви филозофи, љубители на Жижек и Лакан, предвесници на некаква револуција (главно на социјалните мрежи) и застапници на интернационализмот. Ај што се фатија за името, небаре СИРИЗА дојде на власт да го реши спорот и ние сме и најголемиот проблем, туку покажуваат толкава доза на злорадост за секој (погрешен) чекор на новата грчка влада, што сум убедена дека со таква жестина немаше да реагираат доколку (случајно) победеше Златна зора. Некој ќе рече: со право! Од фашисти очекувате се` најлошо, но од камаради-левичари очекувате – чуда! И сега овие салонски и интернет-револуционери (кои редовно си гласаат за такви како Пендаровски) „партал“ го прават Ципрас што води државна политика. Се повикуваат на странски авторитети (така е полесно, нели?), но и на сета корпоративна медиумска пропаганда против лицемерната и популистичка СИРИЗА. Прво, зошто коалиција со партијата на „Независни Грци“? Па се цитираат сите антисемитски и други десничарски слогани со кои оваа партија успеа да освои толку места во парламентот колку и Комунистичката партија (на сталинисти и маоисти застанати во времето). Врескаат дека немало доволно жени во кабинетот и на другите позиции, а забораваат да споменат дека министерот за здравство е слеп. Ни збор за прекинот на традицијата на давање заклетва пред свештеници во земја во која државната власт била во брак со црквата. Го нападнаа и поради ставот во однос на Украина и санкциите против Русија, иако забелешката до Советот на ЕУ беше во однос на процедурата (Грција не беше ни прашана, а нејзината согласност земена „здраво за готово“). Не е далеку денот кога Ципрас ќе биде наречен путинист, што се разбира е полошо одошто да му бакнуваш рака на Нобеловецот за мир кој убива деца со дронови.

Денешниве радикални левичари е добро да се потсетат на мудрата мисла на стариот добар Карл (од „18 Бример на Луј Бонапарта“): човекот ја создава својата историја, но не онака како што самиот посакува, туку во условите и околностите коишто се директно наследени од минатото. Вистина е дека ниту СИРИЗА, дури и да освоеше апсолутно мнозинство, немаше да може да ја менува историјата на својата земја, поради повеќе причини: освојувањето на власта не е исто што и освојувањето на моќта. Наследените проблеми од минатото, вклучувајќи го и национализмот и силното влијание на олигархијата и црквата, заедно со силното влијание на странскиот капитал, не оставаат многу простор за менување на нештата, вклучувајќи ја и свеста на граѓаните. Грција е можеби бунтовно општество (дури и една поговорка зборува за „Гркот во апс“), но победата на СИРИЗА не значи и дека е тоа ослободено од национализам, патријархалност, балканизам (во негативна смисла на зборот), ксенофобија и други болештини. Владата на Ципрас, затоа, дури и кога би сакала не може да реши со декрет прашања кои се длабоко вкоренети како нешта од „национален интерес“ (не само македонското, туку и кипарското и некои други). Фактот дека еден од условите за склучување коалиција со Независните Грци била токму крутата државна политика кон прашањето со името е добар знак; тоа зборува дека на СИРИЗА се гледа како на партија подготвена да ги развие односите со северниот сосед. Она што охрабрува е што во СИРИЗА и нејзините први луѓе има за првпат и такви кои се загрижени за националните малцинства, за човековите права, за ЛГБТ заедницата – за прашања кои постојано беа туркани настрана од другите влади. Доколку под оваа влада почне да се имплементира Конвенцијата за национални малцинства, тоа ќе биде одличен прв чекор во приближувањето на двете држави на вистински начин.

Во време кога владата на СИРИЗА наликува на Давид во битка со корпоративниот Голијат и кастата на олигарси дома и во Брисел, јас лично не можам да им забележам што за извесно време нема да го отвораат прашањето на името. Всушност, промената на Европа е многу поважна, бидејќи таа нова Европа заснована на интернационализам и солидарност нуди многу повеќе за сите нас. Многу повеќе од членство во НАТО. И од обично членство во периферијата на ЕУ. Додека не се стабилизира и консолидира владата на Ципрас, нас не треба да не загрижува ништо друго освен состојбата во Македонија. Бидејќи, како што тие таму ќе треба да се изборат со сопствениот национализам, иста таква битка не` чека и нас овде. Бидејќи за танго се потребни двајца – така вели претседателот Иванов, нели?

Фотографија: Yorgos Karahalis/Bloomberg