Има нешто гнило

Познатата реченица од Шекспировиот „Хамлет“ во Македонија би требала да гласи „има ли нешто здраво во државата македонска?“ Кога пред нешто повеќе од година и половина, хрватскиот колега Жарко Пуховски изјави дека БиХ и Македонија се држави кои и не се вистински држави, тоа ги згрози и изреволтира нашите највисоки државни претставници. Еве, што уште кажа Пуховски во таа своја изјава од 28 август 2014: „БиХ има паралела со Македонија. Тоа се две постјугословенски држави кои всушност и не се држави. БиХ е еден вид на протекторат, а Македонија е некој вид на нејасно распадната држава, која сѐ уште не е ни сосема составена за да се распадне.“ Но, она што ниту тој, ниту добар дел од нашите познавачи не можеа да го знаат лежи во она што ја надминува меѓуетничката кохезија. Деновиве, во време на „бомбојавление“, како кула од карти се распаѓа целата конструкција на државноста: нејзините институции и правен поредок! Ова мора да е изненадување за сите оние кои постојано следеа што се случува на планот на меѓуетничките делби. Иако знаеја дека добар дел од инцидентите и тепачките беше инспириран токму од оние кои седеа во владината коалиција, сепак по некаква инерција (па ова е Балкан побогу!) Ахиловата пета ја наоѓаа во незалечените рани од конфликтот од 2001 година и од системот на споделување на власта кој требаше да претставува лек, чиј рецепт ни го припиша меѓународната заедница во Рамковниот договор.

Иако и натаму тврдам дека консоцијацискиот модел е навистина она што помогна да направиме вештачка држава во која етничките лидери ни ги кројат судбините, сепак корените на денешната сеопшта криза треба да се бараат многу порано. Чудно е ова влијание кое „бомбите“ го имаат токму врз оние кои беа најгласни критичари на режимот на Груевски. Од нив, како од хор, ќе слушнете за „превртување на утробата“, „згрозеноста“ и „гадењето“ од она што требаше одамна да го знаат, ама сега е политички коректно да се шокираат по секоја нова „бомба“ пуштена од СДСМ. Тоа дека Македонија нема институции, дека институциите се празна фасада, е јавна тајна за мнозинството граѓани. Веќе четврт век во своевиден здружен злосторнички потфат секоја елита/секоја власт/секоја владејачка партија ја присвојуваше државата и нејзините ресурси како изборен плен. Партитократија и клиентелизам завладејаа со сите пори на општествениот живот, а тоа беше внатрешна ерозија на државата сфатена како res publica. А 25 години се доволен период за ваквите гладни и бескрупулозни елити да се усовршат во грабежот, во начинот на освојување и одржување на власт, вклучително и елиминација на политичките противници. Еден опозициски колумнист бара спас во „шумарот“ (меѓународната заедница), кој треба да биде клучниот фактор за „една нова транзиција што ни претстои – од автократија, назад кон функционална демократија“. Ќе помисли некој дека некогаш навистина сме имале функционална демократија, чудо едно! Тоа е тоа отсуство на дијалектички поглед на нештата и некаква речиси религиска верба и во шумарот и во партиските приказни дека демократија сме имале, ама сме ја изгубиле.

Да се разбереме, овде нема ангели и демони, нема невини – секој придонел за распадот на државата, за која знаевме дека е распадната според начинот и (не)квалитетот на животот, и тоа на најранливите групи. Да, Македонија е клиентелистичка држава, граѓаните се исплашени, дисциплинирани, импотентни и во крепосен однос кон власта (државата хранителка) која им потфрлала трошки колку да преживеат. И така ги дресираа со години, и едни и други. Тоа пред неколку години го кажа еден стечаец: да, ние сме како кучиња подготвени да му ја лижеме раката на секој оној кој ќе ни потфрли коска или барем ќе ја вети во изборната програма. Власта корумпира, а апсолутната власт корумпира апсолутно; тоа е политичката дијагноза и на денешна Македонија. Без контролни механизми, без опозиција, власта забега до невидени граници. Согласно синдромот на варена жаба и ненормалните нешта стануваа нормални, а се помалку луѓе подготвени да се борат да излезат од казанот. Оние кои излегоа, тоа го сторија со пасош в рака. Кога им раскажувам што се случува, ќерките (едни од оние кои заминаа за да не се вратат) ми велат: „Ама, мамо, ништо ново не ни кажуваш! Се` што тебе ти наликува на драма, одамна сме го слушнале од тебе во друга верзија!“ Оние кои ловат неутралци (како капиталци) се само лоши глумци и големи лицемери кога тврдат дека се згрозени од снимките од прислушкувањето. Простете што не можам да бидам шокирана од нешто што со години го живееме, го анализираме и пишуваме во научни трудови, а е запишано и во сите можни меѓународни извештаи.

Заев не ни ги отвори очите, туку додаде тон на она што при здрави очи не сакавме да го видиме или гледавме селективно. Се прашувам зошто толку време му требаше да ја соопшти вистината за Љубе Бошковски? По кој критериум одлучува која бомба е за загревање, а која е за катарза? Дали е ова политичка кампања или борба за вистината? Дури и високи членови на СДСМ на Фејсбук пишуваат дека им е веќе доста. Во ред, разбравме со кого си имаме работа, но има ли план што по испукувањето на муницијата? Или се треба да се случи народот? Опозициските идеолози заговараат уривање на сѐ до темел, како Картагина, за да се тргне со cleant start. Секој кој преговара (на пример, за закон за високо образование) е или глупав или е предавник, а студентите треба да бараат „сѐ“. Она што навистина создава чувство на гадење (кај неутралците) е подготвеноста на „демократите“ да не поштедат никого, па посегаат и по сопругите и децата на „садистите“. Велат дека целта ги оправдува средствата, со „овие“ не може поинаку. Повикуваат на Нинберг, на што се не. Не сум имала дилема дека оваа власт требаше одамна да замине. Прашањето беше/е: како? Да имаа два прста образ досега колективно ќе си поднесеа оставка и/или ќе побараа доверба на избори. Наместо тоа, тие создаваат здруженија во стилот на ОНО и ОСЗ, хушкаат и возвраќаат со снимки пуштени низ парадржавни канали. Во оваа јавна лустрација in real time, во живо, бомби во септичката јама (ќе) фрлаат и едните и другите, и никој нема да може да се ослободи од смрдеата на гнилежот долго време. Пишувам на Прочка, и иако не сум верник, знам дека овде не се простува до седмо колено; правната држава е во сферата на невозможното, вели Заев. Записите ќе се чуваат на стикчиња и хард-дискови, битката ќе биде беспоштедна, каква што била низ историјата. Пријателка потсети на Петре М. Андреевски: „Не знам кој направил, но беше било направено секој да си одбере по една страна во животот. Всушност, таа страна друг ни ја избира, но сите ја засакуваме како сопствен избор. И едни стојат на едната страна, други стојат на другата. И не знаеш кој стои на погрешната страна. А и не знаеш зошто сите мислат дека се на вистинската. И се гледаат сите така од својата страна, се гледаат. И се мразат со омраза која ја имаат и кон себе си. Така и си завидуваат, така и се презираат или се клеветат. Или можеби се љубат?“

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Eavesdropping; Crisis @ Reworks 2011 / luc messinezis