MACEDONIALEAKS

По повеќемесечна тизер-кампања на лидерот на опозицијата Зоран Заев, конечно се случи и денот Д. Претходно одобрен од највисоките органи на партијата и најавен, но без информација за точното време и начинот на презентирање на „бомбата“ – тензијата се одржуваше до 15 часот, во понеделникот (09.02) за кој веќе се шпекулира дали ќе остане запомнет како црн или бел. Уште од порано се` навестуваше дека бомбата не е обична, туку кластер, и дека нема да има една детонација, туку ќе пука „на рати“. Исчекувањето растеше, паланката која ионака е секогаш гладна за озборувања и пикантерии сега веќе стоеше на прсти од возбуда. Особено оној дел од неа кој сите надежи ги стави на оваа бомбашка афера. Си посакуваше дури и среќа, нови избори, уривање на власта…

Но, денот почна – како и секој обичен ден во Македонија. Уште едно дете почина поради негрижата и неспособноста на власта. Малата Тамара стана малку попозната од своите други несреќни врсничиња, поради тоа што јавноста во извесен период се беше заангажирала во хуманитарни акции за собирање средства за толкупотребната операција. Ниту акциите, ниту експлицитното ветување на министерот за здравство дека државата ќе ги покрие сите средства за лекувањето не помогнаа – Тамара замина тивко. Веројатно во заборав… Во мигот кога проструи веста се чинеше дека постои капацитет политичкиот циркус и спектаклот на бомбата да бидат засенети со она што вистински треба да го потресе од темел секое општество кое за себе мисли дека е цивилизирано и пристојно. Има ли поголема бомба, поголем срам и поголема причина да се бара ултимативна одговорност од една власт од телевизираното умирање на едно дете? Што повеќе од ова е потребно за да се види вистината за Македонија? Навистина, се крена бран на гнев и барање одговорност, политичка и морална, од оние кои се надлежни за здравјето не само на ова дете, туку на сите граѓани. Ако во државата Македонија има нешто труло, тоа е сигурно здравството (покрај образованието)!

Денот кој почна со траор и гнев, набргу доби друг тек: набрзина најавената прес-конференција на СДСМ започна во 15 часот! Од аспект на медиумската покриеност на веќе најавениот чин – апсурдна ситуација! Во седиштето на најголемата опозициска партија речиси да немаше место од камери, сниматели, новинари – а ниту една телевизиска станица не го пренесуваше во живо она што требаше да биде одговор на обвинувањето на премиерот за „спречен обид за пуч“. (Исклучок беа оние мал број телевизии кои во тоа време имаа вести, па може барем за кратко да се вклучат и да известат за каква бомба станува збор.) Во земја која според сите релевантни извештаи тоне во медиумски мрак поради силната владина контрола, тоа што настанот не беше пренесен (а подоцна дури и маргинализиран во информативните емисии) не треба никого да чуди. Чудно е и несфатливо што опозицијата, знаејќи ја состојбата, не обезбеди пренос во живо (live/online streaming) на чинот за кој сметаше дека ќе го потресе фундаментот на диктаторскиот режим! А такви технички можности имаат и биле користени дури и за помалку важни настани…

„Бомбата“ се состоеше во презентирање на 30-минутна снимка на телефонски разговори на лица кои биле прислушкувани (со лица кои биле, се разбира, само колетерална жртва на таквото следење на комуникациите). Беше кажано дека е ова само мал избор од огромниот материјал кој укажува на следење на преку 20.000 лица (од јавниот живот) во период од неколку години (на власт на Никола Груевски). Во „промотивниот материјал“ се најдоа примери за следење на лидерот на опозицијата, министерката за внатрешни работи и вицепремиерот и министер за финансии, до разговори на лидери на опозициски партии од албанскиот блок, па и на Љубчо Георгиевски. За овој материјал беше кажано дека е предаден до надлежните институции, поради покренување кривична постапка против налогодавачите (премиерот и неговиот братучед, шеф на државната безбедност), а дека истиот не е добиен од странски служби, туку од домашни whistleblower-и.

До крајот на денот македонската чаршија се занимаваше со скандалот на прислушкување – се` друго беше за миг турнато во сферата на помалку важното! Вклучително и смртта на Тамара! Трикот со лебот и игрите се` уште успева, иако игрите сега ги обезбеди опозицијата, онаа која всушност треба да е загрижена поради немањето леб. Ова е добар пример за проучување на социјалните психолози, но и лаички може да се направи пресек на она што најмногу ја „заголица“ јавноста: снимката помеѓу двајцата членови на актуелната влада! Членовите на опозицијата присутни на презентацијата на инкриминирачкиот материјал (кој зборува за грубо кршење на уставните принципи, приватноста, злоупотребата на државни средства на нелегален начин за следење на политички неистомисленици и сл.) паднаа во делириум и со овации го следеа јавното презентирање на муабетот помеѓу двајцата сопартијци/ министри на владејачката партија. И малкумина се сетија дека ако опозицијата била вистински загрижена за аферата на прислушкување, не би смеела со таква отворена радост да го дочека доказот дека и Груевски ги држел на узда/слушал и своите најблиски соработници. Тоа беше реакција на луѓе кои се среќни поради дел од операцијата „прислушкување“, секогаш која нејзина цел биле оние од „другиот табор“, нивните непријатели. Едвај некој и да помисли дека Заев, со цел да се покаже себе си како најголема жртва, фактички го (зло)употреби и своето малолетно дете и пушти снимка на својата ќеркичка во разговор со него!? Тоа е во најмала рака индикација за бескрупулозноста и подготвеноста да се оди до крај по секоја цена! Единствено што не е јасно, зошто – ако веќе сакал да докаже дека му ги следеле и интимните кругови – не понудил снимка на разговор во кој сопругата му порачува да купи компири на враќање дома?

Во чаршијата – игри без граници! Нашиот народ обично молчи и трпи, ама кога ќе се заигра му проработува смислата за хумор, која понекогаш не зборува за богатство на духот, туку за негово отсуство. Големата слика се губи пред малите пакости и личните дисквалификации. Оние, пак, најгласните критичари на режимот доминира лицемерието: толку искрено глумат запрепастеност и шокираност од сознанието дека секој секого прислушкувал во балканскава крчма, што човек се прашува дали се тоа истите тие луѓе кои со години зборуваат за фашизам, деспотизам, диктатура (без некоја посебна причина за изборот на квалификациите кои се вртат). Сите оние, вклучувајќи ме и мене, кои рекоа дека гората се затресе, а се роди само уште една афера, се обвинети за релативизирање на злостиорствата на власта, и се разбира – за нејзини бранители! На Македонија ова дури и не и` е првпат да се занимава со афери на прислушкување: разликата е во тоа што „сваког дана у сваком погледу, све више и више напредујемо“ – во техничка смисла на зборот! Она што техниката не можела пред десетина години, сега може многу лесно (и масовно). Опозицијата тврди дека биле прислушкувани 20-тина илјади луѓе, а некои побрзаа со весела математика (која не е далеку од вистината, колку и да е непрецизна): ако тие 20 илјади луѓе во период од две години телефонски комуницирале со (во просек) 50 различни личности, тогаш станува збор за еден милион слушнати граѓани! Половина Македонија, а можеби и дел од дијаспората. Некои, како Героски и Макрадули се подбиваат на моја сметка и мислат дека сум безначајна или арогантна, но јас сум една од оние кои долго време верува на претпоставката дека е прислушкувана. Честопати во разговор со колеги/колешки знаеме да ги поздравиме слушателите и да се понадеваме дека ќе научат нешто од кажаното. Тоа е тажната вистина кога живееш во земја во која човековите права, а особено приватноста не вредат ни пет пари, а немоќта да се бориш со Левијатанот прави да го игнорираш за да функционираш/живееш колку-толку нормално. Себе си се тешам дека тоа што го зборувам на телефон секогаш сум подготвена да (им) го кажам во камера. Но, имам и колеги кои одамна ми кажале дека не ми се јавуваат од страв дека така и тие ќе бидат прислушкувани, а јас веројатно ќе кажам нешто политички некоректно. Но, токму на денот на пукањето на бомбата, пријателка ми вели: „многу ми е гајле што ме слушале! Па и нека ме слушнат на телефон што мислам за нив, кога веќе немам друг начин да бидам слушната – и ги опсу!“ Млада и брилијантна докторандка во полушега на социјалните мрежи напиша: Прислушкувањето е нова алатка на демократијата. Додека си зборуваш со некој на телефон, наеднаш му се обраќаш на премиерот со предлог ‪#‎democracy‬ #stayingInTouchWithCitizens #positive #thinking.

Кластер-бомбата на опозицијата пукна и ќе пука во наредниот период, создавајќи материјал за македонската паланка од најразличен вид и квалитет. Но, имајќи ја во предвид сета тежина и длабочина на општествената криза во која тонеме веќе дваесетина години уште сега може да се предвиди каков ќе биде исходот откако муницијата ќе се испука. Своевремено Вацлав Хавел ја спореди лустрацијата со фрлање бомба во септичка јама! Никој и ништо не останува чисто, а смрадот ќе продре насекаде. Ова е различна ситуација, бидејќи не се работи за расчистување со минатото, туку со сегашноста. Точно е дека опозицијата, кога веќе дошла до таквите сознанија, морала да ја обзнани ваквата масовна и бескрупулозна злоупотреба на власта, но се поставуваат неколку сериозни прашања. Прво, мора да се расчистат дилемите кои со своите контрадикторни изјави ги создаде самиот Заев, а се однесуваат на потеклото/изворот на информациите. Тоа дека Македонија е како буре кое тече од сите страни е дел на фолклорот, но од безбедносен аспект тоа воопшто не е наивна работа. Ако станува збор за „свиркачи/информатори“, тие дефинитивно не работеле поради јавниот интерес, човековите права и сопствената совест – туку поради партиската блискост со опозицијата! Во Македонија нема ниту некаков мал Бредли/Челси Манинг ниту има Сноуден – нема некој со храброст и доблест на себе да преземе ризик и по цена на сопствен живот затоа што тоа од него го бара совеста. Второ, зошто беше потребно толкаво одолговлекување (од октомври до февруари) за да се објават собраните материјали? Постојат најмалку две логични објаснувања: прво, за да се издејствува формирање на техничка влада и одење на предвремени избори (за што е обвинет Заев од страна на Груевски) или дека половина СДСМ морал да го преслушува огромниот материјал на (како што пресметавме) речиси еден милион разговори. Второво, на некој начин го потврди Заев кога на прес-конференција, на новинарско прашање за негово евентуално апсење и судбината на материјалите, одговори дека сите околу него ќе останат на слобода за да го лиферуваат материјалот. Тоа веќе навестува дека не само што владата прислушкува, туку и опозицијата имала најмалку неколку месеци да ги слуша тие 20.000 граѓани и да се изнаслуша работи за кои веќе не знаеме кога и како и со која цел можат да бидат искористени во иднина. Трето, зошто е потребна сапунска серија и пукање во серијал, ако целта на опозицијата е да поентира (како што рече Заев по нејзиното објавување Груевски за три дена ќе падне од власт)? Зошто ваков избор/селекција на снимени разговори, кои се далеку од бомбастично освестување на исплашениот македонски и албански народ? Дали ова ослободувањето од слепилото треба да трае и трае, односно дали неговата цел не е прокажување на недемократската власт или некаков терапеутски третман врз јавноста која не само што треба да ја види лошата страна на власта, туку и да ја засака опозицијата иако таа не нуди ништо освен афери (оваа е една од многуте, само што е поспецифична од другите)? Героски, како добро упатен (embeded journalist) во аферата тврди дека „интересното допрво доаѓа“. Да, како во кинеската клетва за интересните времниња, ама на овој тип луѓе тезата со која живеат е онаа „што полошо, тоа подобро“ (за нивното враќање на загубените позиции). Селекцијата на она што се презентираше во првото „пукање“ е приказна за себе: наместо силно удирање в глава на анестезираните граѓани, кои веќе и живеат помирени со вистината за состојбите, добивме чуден микс во кој освен фактот за постоење на прислушкување (потврда доби она што го претпоставувавме) немаше никаков шокантен доказ за ужасното лице на власта. Очекувавме преговори за името, некои го споменуваа Смиљковско езеро, трети се обложуваа на коруптивни зделки, а мене пак ме интересира има ли нешто од/за Николче Младенов? Дали Заев и натаму се пазари, калкулира, намерно одолговлекува?

Рековме дека во Македонија не живее Сноуден, но тоа не значи дека Груевски владее на изолиран остров. Ниту дека Македонија е толку неинтересна за странските служби, што е смешно и да се помисли дека тие работат на собирање информации. Ако тоа не се САД (без оглед со која цел им е онаа огромна амбасада која претставува најголем разузнавачки центар во поширокиот регион) и дури и ако поверуваме дека тие немаат никаков интерес од следење на македонските граѓани, сепак останува фактот кој го обелодени Сноуден за договорот кој американската влада го има случено со банана-републиките како нашата за следење на информациите на своите граѓани, за потребите на хегемонот. А бидејќи искушението е големо, за некој како Груевски тоа е одлична можност, додека ја врши работата во „глобалната војна против тероризмот“ да ги прислушкува сите од кои се плаши (како секој автократ, тој нема доверба ни во луѓето кои го опкружуваат и му се поклонуваат). Второ, балканските нерасчистени сметки и незавршени конфликти, не исклучуваат работа на разузнавачки и контраразузнавачки служби. Она што оваа афера го покажува е дека Македонија не е држава, затоа што нема безбедносен сектор кој работи според устав и закон. Напротив, тој не е во функција на одбрана на виталните интереси на Републиката, туку е елемент во сеопштата битка за чување/освојување на власта. Тоа го докажува и она „спонтано“ воскреснување на системот на општонародна одбрана и општествена самозаштита, со загрижени граѓани (и за срам, и професори и интелектуалци) кои формираат некакви здруженија за одбрана на Македонија. Државата станува парадржава, а функцијата на одбраната и заштитата се „поопштествува“ (да употребам збор од стариот вокабулар). Македонија не е заедница собрана околу исти вредности и цели – таа е во состојба во која секој секому е волк (прислушкуван/прислушкувач, предавник или патриот).

И што по овој пуч/бомба? Заев уште во октомври рече дека Македонија ќе била посрамена во светот, па тој и го чувал срамот со чувањето на материјалот. Но, еве пукна бомбата, пукна и срамот (се најдовме во светските медиуми, повторно по лошо). Прашањето е сега кој ќе ја очисти септичката јама која се прелева? На ова никој не дава јасен одговор. Се уште, големите актери се зафатени со взаемно обвинување (blame-game), никој нема одговор како да се излезе од оваа состојба. Нема ни политичка сила, ни програма која ќе ги мобилизира сите оние на кои и без бомбата им беше јасно каде живеат.

За тоа време децата како Тамара се` помалку ќе бидат вест (иако постојано допираат очајнички апели за други дечиња на кои им треба помош). Тука се поплавените подрачја, кои служат повеќе како декор за вредните министри, и сцени кои се покажуваат од птичја перспектива. Уништените домови на луѓето од цела Македонија се тажна слика на фактот дека секогаш се кине кај што е најтенко. Тие несреќници не се вест! Не знам дали ќе бидат/останат вест хонорарците, невработените, студентите, итн. И тоа нема да биде вина само на политичките протагонисти на големата сцена, туку и на медиумите и на гладијаторската јавност, која ќе седи и исчекува нешто ново од бомбашкиот серијал.

Фотографија: Eyecandy Images