Критички поглед на окупацијата/ослободувањето на УКИМ

Расипувачите на забави се навистина незгодни, ама понекогаш корисни. Во време на општи фалоспеви си ја зедов таа неблагодарна улога – но со добра мисла и намера. За време на еден сличен општествен миг, за време на студентските протести во Хрватска (пред 5 години), Жарко Пуховски беше partybreaker-от. Кажа дека не се сложува со начинот на дејствување (бојкот на настава, попречување таа да се изведува, окупации, итн.), и тоа се уште не му го имаат простено, а во одредени левичарски кругови го сметаат за големо разочарување и дури и за реакционерен елемент. Не му ни беше првпат, ниту последен: човек кој е индивидуалец, а има и доблест и храброст да ги именува нештата со вистински имиња, тоа го прави доследно, во секоја ситуација. Но, дури сега ја сфаќам сета храброст која човек треба да ја поседува за да каже нешто непопуларно за она што во јавноста предизвикува еуфорија. Сепак, се осмелив да проговорам нешто од малку поинаква критичка и објективна позиција на некој кој не е член на Пленумот, но кој беше еден од неговите основачи и е се уште негов активен поддржувач. Нешто од ова веќе кажав во фејсбук статус, а реакциите беа – очекувани! Па нека се… Некој мора да внесе и поинаква перспектива, колку да не западнеме во апологија и едноумие. Во секоја „забава“/настан има и партибрејкери, но се надевам дека овие мои размислувања нема да бидат веднаш отфрлени и анатемисани како „саботажа“ и удар на нашите херои, студентите.

1. Чуму окупација/ослободување на Универзитетот?

Водени од глобалните трендови на „occupy movement“, но и сличните пленумски движења во соседните и некои други држави, логично беше дека Студенсткиот пленум од уличните протести и другите герила-акции, ќе се врати дома, на универзитетот и дека таму ќе се обиде да го артикулира своето незадоволство. Всушност, секој вистински бунт почнува дома, но нашиот како да завршува дома. Тоа воопшто не е лоша работа, ама многу работи остануваат нејасни околу целта на неговото дејствување.

Студентите, а потоа и професорите, ја имаа започнато операцијата „окупација/ослободување“ на универзитетот уште пред неколку месеци. Денешните автономни зони, само неколку на број, се само еден од облиците на тој активизам, кој веќе имаше дадено несомнени и (според мене) огромни резултати. Студентите, па и професорите, кои беа под притисок на факултетските раководства поради користење/издавање на една (општа) емаил адреса, кои мораа да бараат дозвола за да одржат состанок, итн. – сега живеат под покривот на универзитетот без никој и да се обиде да ги спречи. Тоа е огромен успех! Студенти (од преходните генерации) беа отстранувани од страна на чуварски служби, а им беа заклучувани врати на факултети (иако ни оддалеку не беа во волку голем број). Нивниот глас беше игнориран и кога протестираа поради почетокот на академската година со богослужба. Доскоро не можеа да сонуваат да бидат третирани како еднакви од страна на професорите/деканите/ректорската управа – сега влегуваат кај ректорот кога сакаат (а стасаа и до канцелариите на претседатрелот и премиерот). Ова го кажувам и како професор кој знае дека огромното мнозинство професори никогаш и не влегло во зградата на ректоратот, а и во некои деканати се чекало на ред. Студентите за првпат почнаа да присуствуваат на службените состаноци на своите институти. Можам да набројам повеќе нешта кои упатуваат на еден заклучок: после ова веќе нема да биде исто на универзитетот. Или се надевам барем дека овие придобивки ќе се негуваат и развиваат и во иднина…

Автономна зона (за дишење) се создаде и во моментот кога власта попушти: премиерот се обврза, а парламентот „како попче“ си го излижа она што го плукаше само неколку недели порано. Тоа беше голема и конкретна победа на битката за автономија и академски интегритет, иако за оние кои навиваа за Армагедон и конечна пресметка со НИВ, ова беше пораз. За жал, врз оние кои го понесоа најголемиот товар се упатија многу отровни стрели, дури и од соборци. Велам, тоа беше некаква „автономна зона“, простор изборен со многу мака, труд и на мускули со една забегана и глува власт. Од таква власт не можете ни да очекувате повеќе, барем не кога од другата страна се членови на академска заедница. Тој простор, му се допаѓа тоа некому или не, на сите нам ни „купи“ време, бидејќи го запре правното дејсто и правните рокови кои се однесуваа на многу суштински прашања. Тоа време кое стои пред сите нас, пленумци или непленумци, не е долго (само 10 месеци) – освен ако некој не мисли дека е доволно за смена на власта.

Она што навистина згрижува е тотално непостоечката елементарна правна култура и знаење за законодавниот процес. Дури и студентите кои до пред самата „окупација/ослободување“ излегуваа со кристално јасни и артикулирани барања, одеднаш не можат да се препознаат. Пред медиумите излегуваат со барања за „укинување на целиот закон“ – иако таков правен институт (укинување) не постои (закон се менува со нов закон)! Беше кажано дека Студентскиот пленум бара „формирање на нов закон“, а процесот на носење закон (law-making) не може да се формира или расформира бидејќи не се работи за здружение/тело/институција. Битно е дека она што беше договорено кај премиерот – беше и исполнето за само четири дена. Битката беше добиена, но не и војната, се разбира. Одредена вознемиреност настана кога на дневниот ред на собраниската седница најнапред се најде само еден закон, а не пакетот како што беше договорено со премиерот, но и тој пропуст беше експресно решен. Дури и без протести, туку со проста интервенција во дневниот ред. Некои се згрозија со неподносливата леснотија со која законите се ставаат на дневен ред, се симнуваат, или менуваат – а не е јасно што очекуваа од ваков парламент, во кој дури опозиција е само Солза Грчева, заедно со Лиле Поповска и уште неколкумина (барем кога станува збор за високото образование)!

Во овој момент, додека го пишувам текстов, целиот процес на натамошно преговарање околу новиот закон е ставен во мирување – бидејќи студентите инсистираат работната група да се состане во просториите на еден студентски дом, а не на друго место.

Навидум во својот зенит, сепак почнува да се наметнува впечатокот дека оваа акција на „окупација/ослободување“, која започна пребрзо или предоцна (зависи од позицијата на гледање) мора што поскоро да најде нов reason d’etre! Нужно е таа или да се прошири на повеќе факултети/универзитети/градови, или ризикува да биде оаза/енклава, која ќе згасне откако ќе се исцрпат физичките и други капацитети на оние кои засега го држат животот и духот.

2. Од кого/што треба да се ослободи Универзитетот?

Одговорот е едноставен: од прангите кои ги имаат инсталирано властите (државата) низ сите години наназад, а сега најургентно од законските реформи кои ја укинуваат и потребата од постоење универзитет како таков. На државата етатистички Левијатан не и` е доволно да го контролира универзитетот, туку и сака да го супституира! Како и зошто досега сето тоа и` успеваше? Едноставно: поради поданичкиот и пасивен однос на универзитетските водства, деканатите, Наставничките совети, професорите, но и студентите. Онаа карикатура од студентска организација – Студентскиот парламент – отсекогаш била со сомнителен легалитет поради нерегуларни и политизирани избори, и поради ниската излезност и незаинтересираност. Таму седат yes-sayers-и, климоглавци и партиски полтрони, кои аминуваат се` што доаѓа одозгора (било да е тоа деканат, ректорат или МОН), учествуваат на спортски натпревари и некакви забави, ама не ги гледаа ни руинираните студентски домови. Она што пред некоја година беше искра (Слободен индекс), сега стана пожар.

Но, универзитетот мора да се ослободи не само од влијанието на државата/власта, туку и од сопствениот неквалитет кој се толерира и за кој солидарно се молчи со години. Неквалитетот е, за жал, вгнезден и во редовите на студентите и на професорите. Најголема штета е што тој критичен став го преземаа владините трубадури и професор(к)и, со празни CV-ја, со што секое споменување на овие проблеми приличува на провладин став, па ретко кој се осмелува да го истакне.

Во акцијата на двата пленума за жал изостанува суштинска дебата – бидејќи главниот акцент е ставен на дејствувањето, а не на промислувањето. На пример, несфатливо е што и покрај четиримесечна мобилност, во фокусот се државниот испит (студентите) или критериумите за напредување (професорите), а изостанува најсуштествената дилема: болоњската декларација или т.н. ЕКТС систем и хиерархиската поставеност на универзитетската организација! За разлика од нивните колеги во другите држави, кои во своите окупации и критики зборуваа за неолиберализмот, комерцијализацијата и уништувањето на знаењето со оваа европска декларација која универзитетите ги сведе на школи за курсисти, ние таа тема не сме ја ни отвориле. Не сме ни направиле проценка за нејзините штети! Ги слушам студентите кои протестираат и велат дека нивните оценки се засноваат на разни активности (есеи, презентации и сл.) согласно Болоња, а и тие и ние знаеме дека сето тоа се сведува на самозалажување. Мнозинството фингира пишување есеи (а и во четврта година пишува прецедател, наместо претседател) и си купува на кило од дуќанчиња препишани трудови (дури и магистерски и докторати), а презентациите се сведуваат на читање од книга или ливче.

Накусо, универзитетите треба да се ослободат и од сопствената хипокризија, од партизираните раководства, но и од погубните законски рамки. Што поскоро!

3. Како се окупира/ослободува Универзитетот?

За тоа како се окупира/ослободува универзитет, искрено, немаме многу искуство. Студентите имаа тренинзи со проучување на искуствата на сличните настани во Србија, Хрватска и Словенија. Но, тоа се сведува на онаа ерупција, или на моментот на кулминација, а не на подолготрајно дејствување и тоа на различни „фронтови“.

Во време кога е попопуларно да се изведуваат уметнички перформанси и други неконвенционални акции на универзитетот (вклучително и спиење во вреќи, небаре некој ќе влезе во аулите да им го земе универзитетот на студентите и на гостите), станува крајно непопуларно да се спомене зборот закон или институција. Одговорот е: не им веруваме! Со нив не се преговара! Тие се лажговци и диктатори! Ако треба (како што пишува еден мој бунтовен млад колега) добро е да има и бунт поради бунт! Кога бунтот станува цел за себе, а уште е и романтичен, возбудлив – освојувате симпатии кај јавноста која веќе никому не верува и има потреба од нови и чисти херои, ама притоа како колатерална жртва се принесува смислата и насоката на целиот протест! Бидејќи, универзитетот треба да живее и после бунтот! Перформанси, концерти, читачки клубови, филмски проекции и алтернативна настава – сето тоа може и треба да биде дел од нашата нова нормала, која ќе го замени досегашното сивило, здодевност, чувство на принуда. Бунт треба да се негува на часовите, во дискусиите и битките на аргументи и погледи.

Сепак, од приоритетно значење е да не се заборави дека стегите за автономијата се вградени во системот, односно во законските и подзаконските акти, ама и во актите на универзитетот. Политиката може да биде во границите на правото само ако е врамена и втемелена во закон. Нихилистите и револуционерите (со или без наводници) работите ги поставуваат или-или, а не и-и. Живот на универзитетот може и треба да му се вдахновува секогаш, без оглед дали водиме битка за нов закон или не. Но, во овој момент битката за носење закон/и е од приоритетно значење. Тоа е така затоа што сега, за првпат по многу години, е создадена и критичка свест за погубноста на законот и моментумот за негово менување.

Можете да ми се лутите колку сакате, ама јас не гледам причина за спиење во аули и училници! Студентскиот (па и професорскиот) пленум имаат легитимен интерес во ширење на своите редови и мобилизација на свои колеги, но немаат право насилно да прекинуваат настава и да ги бркаат од училниците оние нивни колеги кои не се согласуваат со таквите форми на отпор. Професорите добро знаат дека фактички не можат да штрајкуваат (немаат ни синдикат, ниту смеат да не ги извршуваат своите работни обврски). Реално тие не го прават тоа… Исто така, и своите студенти не можат да ги делат на пленумци или непленумци. Таква диференцијација не смеат да прават ни студентите меѓу себе. Пленумот не е општонародно движење, ниту ги претставува сите студенти: има таму се уште и многу апатични/аполитични, приврзеници на Студентскиот парламент илои едноставно луѓе кои ја поддржуваат каузата на Пленумот, но не и нивниот начин на борба, барем во оваа фаза. Идејата на слободата подразбира и различност, живеење со различностите, толеранција, па и преиспитување на револуционерните стратегии и тактики… Колективот не смее да ја гуши слободата на поединецот да размислува поинаку. Уште на првиот ден на окупацијата еден колега извика „луѓе, фаќајте страна!“ Не искоментирав, ама се прашав: па, нели сме сите на иста страна? Јас немам друга страна освен посветеноста на мојата академска работа, а таму колегите не можам да ги делам според тоа дали се членови на Пленум, симпатизери, или тивки посматрачи. Тоа што не сум веќе член на Пленумот, не значи дека немаме исти цели и вредности. Се поставува прашањето: ако фаќаме (една) страна, тогаш кој станува на таа другата? И како ќе се „пресметуваме“ со нив? Самото омасовување и ширење на Пленумите, по дефиниција, значи и создавање сојузништва и прифаќање на различностите, и во поглед на погледот на нештата, (не)согласувањето со одлуките, начинот на дејствување. Вклучувајќи ги и не-пленумците, ако веќе така треба да се декларираме…

Уште помалку разбирање имам за повиците за донации од граѓаните во храна, вода, средства за хигиена, вреќи за спиење… Знам дека ова е можеби најчувствителната точка на критика на студентите. Студентите станаа недопирливи – пробајте да упатите збор критика, и ќе видите што ќе ве снајде. Но, јавноста ја разбирам: тоа се наши деца, тие се наши јунаци, а за децата и последниот денар ќе го дадеме, особено кога заслужуваат. Не ги разбирам членовите на Студентскиот пленум, па и на Професорскиот! Тоа се тие истите кои само до вчера собираа донации за поплавените подрачја. Сега веќе никој не зборува за луѓето кои изгубија се`, а сите се насекирани дали децата имаат за јадење и пиење. Прочитав за сцена во која сиромашна женичка, рано наутро, дошла на Факултетот со кесичка во која имало четири крофни, кои сакала да им ги подари на студентите, и жалела што нема повеќе да им даде. Момчето кое ја раскажуваше оваа сцена кажа дека му се насолзиле очите и му дошло да ја прегрне женичката. Јас се прашав, па како не му текна да ја прегрне и да и` ги врати крофните заедно со една кифла од оние кои веќе ги собраа?! Нека звучи и грубо: ама студентите не се под опсада! Тое се оние наши исти студенти кои ги гледаме секојдневно, но сега решиле да живеат во аулите наместо во своите домови/станови. Какви тоа хуманитарни потреби се создадени од окупацијата/ослободувањето? ПОлитички и јавни симпатии собираат само оние на кои тоа им е потребно – студентите реално немаат потреба од тоа; ја добија поддршаката на своите професори, а треба да ја побараат меѓу своите колеги кои сешак сочинуваат silent majority (тивко мнозинство).

4. Со која цел се окупира/ослободува Универзитетот?

Дали окупацијата е цел за себе? Се разбира дека не е… Всушност, парадоксот лежи и во самиот факт дека деновиве се` почесто не` возбудува идејата за и практиката на Автономната зона, а не таа за автономен универзитет! Целта, или задоволството, не смее да произлегува од тоа што релативно мала група покажува истрајност и креативност да го окупира само Филозофскиот/Филолошкиот факултет, додека животот и работата на Правниот, Економскиот, Архитектонскиот, Педагошкиот, Земјоделскиот, Природно-математичкиот факултет итн. се одвива вообичаено. Како да процениме кога целта ќе биде остварена ако се` е концентрирано на една зона (или две-три помали зони)? Со месеци наназад зборувавме дека пожарот треба да се прошири и во тетово, Штип, Битола, Охрид, па и секое друго помало место кое стана универзитетско. УКИМ е центарот на случувањата, ама не целиот – и тука нема што да се крие. Впрочем, тоа го покажа и новинарот на Алџезаира.

Окупацијата/ослободувањето во оваа радикална форма го сфаќам како крајно средство на притисок врз власта – но се поставува прашањето: притисок за што? Во врска со кои конкретни барања? Дали државниот испит смее да биде алфа и омега на сиот протест? Или другата крајност: веќе не разговараме за државен испит, туку за студентски стандард, студентски домови, демократија, права на животните, итн.

Некои (не без скриена агенда) одамна трубат дека професорите треба да се држат настрана од овие чисти млади луѓе кои знаеле подобро од сите нас и покажале дека се поспособни за мобилизација и притисок. Им се поклонувам за многу одлични и храбри нешта кои ги направија, ама дозволете да не се согласам дека ние, професорите, треба да се држиме настрана кога станува збор за нештата на кои сме го посветиле својот живот. Сосема е легитимно што опсегот на прашања за кои ние треба да одлучуваме и настојуваме и бараме подобри решенија е многу поголем од она што ги засега студентите. И да сакаме, во оваа битка, немаме идентични позиции, па ни интереси. Прашање е и дали ќе се сложиме, на пример, дека квалитет на високо образование не може да се постигне со масовност, со голема проодност, со запишување на студенти со низок просек на оценки? Можеби за студентите Болоња е ОК, ама за нас не би смеела да биде.

5. До кога ќе се окупира/ослободува Универзитетот?

Барањето дека окупацијата ќе продолжи се` до донесување на нов закон е бесмислена: нели баравме анализи, делиберација и сериозна работа пред да се донесе закон? Нели велевме дека овие од власта си носат закони како што ќе им падне на памет? Нели рековме дека сме подобри од нив? За колку време мислите, драги студенти, дека се пишува закон? За две недели, за еден месец? Ок, може – ама ќе биде ЛОШ, ќе биде импровизација – бидејќи дури и професорите од правен факултет немаат ready made засконски текстови!! Закон во вонредни околности не се носи – дури и кога тие околности се вака возбудливи како окупацијата!

Еуфоријата на оние кои би се бунтувале поради бунт звучи заводливо во време на длабока политичка криза. Студентите велат дека им е преку индекс, и дека тие не биле свесни колку се тие бесни. На мнозинството му е преку глава и е бесно, ама ако станува збор за политички бунт против сето постоечко, тогаш чесно е тоа да се каже и да се пристапи кон други средства на дејствување. Оние типови на кои не им е место меѓу студентите, ама ги среќавате како дел на инвентарот во Автономната зона, оваа идеја и тоа како им се допаѓа.

6. Значењето на процесот на создавање закон и недовербата/нихилизмот

Општествениот, социјално-економскиот, и особено политичкиот миг се такви што и на студентите од самиот почеток им ја наметна потребата постојано да кажуваат „нашата единствена книшка е индексот“, и дека не се борат за власт, туку за автономија на универзитетот и за подобро утре. Но, сакале или не, оваа академска битка не можеше да се одбива во вакуум и без влијанија од неа кон останатите, и обратно. Уште при првото појавување на Студентскиот пленум во колумните и другите обраќања укажував дека постои опасност јавноста да им ги натовари на плеќите сите нивни очекувања. И тоа навистина се случува – во ситуација на длабока антагонизираност, незадоволство и кулминација на гнев и очај, јавноста од студентите навистина го бара невозможното! Од нив направи месии, кои ќе ја ослободат Македонија од сите зла. Во јавната перцепција тие се синоним за сето она што би сакале да го имаме, а го немаме: морална чистота, пожртвуваност, одважност, интелигенција, интегритет, кохезија, креативност и решителност до крај да се борат за своите цели. Единствениот проблем е што веќе не е јасно дали јавноста ги поддржува во име на поквалитетното високо образование, или во име на целосна трансформација на општеството и особено политиката.

Демократија е да бидеш слободен и безбеден да кажеш нешто што не е популарно и во согласност со мнозинското мислење… Затоа, јас ќе ја искористам слободарската атмосфера на УКИМ за да кажам дека состојбата во која Автономната зона се` повеќе наликува на хипи-комуна не е во функција на основната идеја поради која се мобилизиравме во пленуми. Сега приоритет е отворање дебата, врз основа на која ќе се дефинираат принципите и целите кои би сакале да ги содржи новиот закон. Роковите течат, а ние не сме ни почнале со суштинска расправа! Се чини, поважно е кој кому ќе му покаже мускули, и каде ќе се одржи состанокот на работната група. Барањето за отворање инклузивен процес на работа на СОСЕМА НОВ ЗАКОН (кој ќе го замени оној од 2008 со сите негови 15-16 измени и дополнувања) е исполнето формирањето на работната група од страна на УКИМ, во која учествуваат и претставници на двата пленума, но и на другите универзитетски структури. Но, да не се залажуваме: тоа нема да биде ниту нивна ексклузивна задача, ниту пак УКИМ или некој Пленум е единствено повикан да пишува нов закон. СИТЕ НИЕ, кои сме или не сме дел на пленумите, имаме право и должност да учествуваме во јавната расправа! Битката нема да биде лесна, бидејќи додека се забавуваме со новоосвоената слобода, МОН или некој друг ќе смисли нов предлог на закон за кој не можеме да веруваме дека ќе биде подобар од досегашните. Ако не ние, кој? Е па, ако е така, да почнеме со работа на нов закон! Алтернативните акции не треба да се стават ад акта, ама не смеат ни да го окупираат сето време и капацитети. Од друга страна, влогот (високото образование и автономијата) е премногу висок за да биде заложник на променливоста на ставовите и спороста во одлучувањето на кој и да е хоризонтален облик на дејствување. Работната група (или подобро, групи) мора да биде составена од лица со знаење (и правно и инакво), ама и со лица кои ќе имаат слободен мандат – да сочинат драфт за кој потоа демократски ќе се изјаснуваме во текот на јавната расправа.

Фотографија: Радио МОФ