Пуч

Саботната прес-конференција на премиерот Груевски фрли во сенка сѐ друго, вклучително и мојата тукушто напишана колумна. Наводно, спречен е државен преврат од страна на лидерот на опозицијата (со уште три други лица?!). Не минаа ни неколку часа а светските агенции пренесуваа сензационалистичка вест, небаре опозицијата заедно со војската и полицијата тргнала да ја урива владата! Се разбира, ова беше сѐ освен прес-конференција. Кусото обраќање полно со национален патос ги остави новинарите со прстот в уста, неми и без ниту едно прашање. За волја на вистината, чинот веќе беше најавен од владините мегафони преку социјалните мрежи уште минатата недела, а кога тие ќе кажат нешто, ни баба Ванѓа не им е рамна. Дури и непосредно пред објавата и полициската акција, владините медиуми веќе ја беа проширија веста, па причината за појавувањето на премиерот пред камерите, преку вонреден прекин на програмата, требаше само да го даде драматуршкиот тон на она што следува и со што сега би требале да се преокупираме. Вработените од владините медиуми биле известени уште рано наутро за „големиот настан“, а останаа и да дежураат до доцна во денот – веројатно чекајќи ги оние „спонтани“ протести против предавникот на Бихаќка. Обраќањето на Груевски било емитувано и по трговските центри, бидејќи Големиот брат морал да биде слушнат и сфатен сериозно. Интересен е и самиот тајминг, сабота во 14 часот. Тие работат 24/7, не одмараат и ни ја чуваат татковината од непријателите и нивните странски поддржувачи! Во моментот кога премиерот ја спомна споредбата помеѓу Македончето и Македонецот, стана сосема јасно дека стравот е движечката сила на оваа акција, бидејќи национализмот (националната безбедност, ама и гордост) се последното прибежиште на исплашениот владетел! Акцентот е на странските служби со кои (наводно) соработувал лидерот на опозицијата – што треба да биде крунски доказ за велепредавство и за јавна осуда. Ако нас професорите носителот на извршната власт нѐ канеше во законодавниот дом, сега на јавноста ѝ вети и обвителен акт и транспарентно судење (ако се државни тајни во прашање, ова е невозможно, се разбира). Сета власт во едни раце – дерфиниција на автократија!

Без оглед на сѐ, Заев игра споредна машка улога во оваа фарса! Тешко е на него да гледате како на херој или на жртва! Тој е виновен што неговата партија вегетира, самораспуштајќи се по пролетните избори во 2014 година. Единственото нешто што го држеше политички жив беше таа несреќна „бомба“ најавена во ТВ емисија месеци наназад. Беше јавна тајна дека „бомбата“ (дури и да постои и да е разорна) имаше улога на паричка за поткусурување и за договарање на техничка влада отколку што принципиелно требаше да ја разголи корумпирана влада (не само децата, ами и возрасните знаат дека царот е гол). Времето минуваше, Бошко Буха порасна, но не одлучи што да прави со заплетот кој сам го создаде на непромислен начин. Бидејќи, ако располагате со докази (и аргументи, како што самиот додава!?) со таква моќ, а молчите, се пазарите и калкулирате како да профитирате – тоа е соучесништво! Гледате како да дојдете на власт, тактизирате, а не се борите за вистината и правдата! Во објаснувањето зошто внимателно ракува со „бомбата“, и Заев ја нагласуваше националната гордост и срамот кој би и бил нанесен на Република Македонија!? Двајцата партнери во политичкава оперета, всушност, играат со ист шпил карти, целта им е идентична, само што едниот одговори со минофрлач на најавената бомба – и истата ја деактивира! Македонија е држава и не може да се срами, ама ние граѓаните сме измамени, заложници на две елити.

Груевски му се потсмеваше на Заев, го охрабруваше да ја обелодени „бомбата“. Тешко е да се верува дека не знаел или не насетувал за што станува збор. Но, зошто дури сега презема мерки? Можно ли е заканата да станала реална, а Заев навистина моќен да ја активира „бомбата“ и да изврши државен преврат? Ваквата теза предизвикува смеа, или како што вели мој колега „Заев може да направи пуч колку што јас можам да направам салто“. Заев изигруваше „бомбаш“ (самоубиец?), а институционална опозиција престана да постои, но животот не престана да тече! Напротив, непостоењето опозиција која би го артикулирала и канализирала незадоволството и гневот на сѐ поголем број општествени групи создаде алтернативна, непартиска, вонинституционална, но многу поавтентична опозиција на власта. Не знам дали тоа била одлука на Заев да стои настрана, и да постапува според една древна изрека „со нечинење, сѐ е сторено“ или можеби се потпирал на операција „Надеж“ на Црвенковски (мобилизација на сите незадоволни, но главно преку ангажманот на невладините организации, опозициските медиуми, независните интелектуалци). Јасно е само дека СДСМ нема моќ да покрене толкав број социјални движења.

Додека опозицијата се шуткаше, се молеше кај странците, а потоа и ги колнеше што не се вмешале, Македонија почна да се менува и да се буди. За само неколку месеца се создадоа нашите Indignados-и: синдикати, штрајкови, пленуми (студентски, професорски, наставнички, средношколски), а прекаријатот веќе нема што да загуби. Откако државата е должна како „Грчка“, почнаа да ги кршат ланците на ропството. Наспроти опозицијата која вели ние сме против Груевски и неговиот режим, овие групи со автентични и легитимни интереси го велат обратното: не сме ние против системот, тој е против нас! Тука лежи вистинскиот извор на стравот на Груевски, а не кај полураспаднатиот СДСМ или Заев. Неговиот систем е блиндиран и отпорен на бомби (дури и проектили фрлени на гипсаната фасада на владата не пукнаа). Но, има страв од екот на пораките „Доста беше молк“. Стравот расте поради млади и политички некорумпирани луѓе. На Груевски сега очајнички му треба државен непријател – Заев. Од оваа ситуација очекувања имаат двете страни: ВМРО-ДПМНЕ очекува обединување на граѓаните против предавникот, кој за да дојде на власт соработувал со странски тајни служби, ги прислушкувал разговорите на владините претставници и се обидел да се пазари со нив. Заев и неговите сопартијци повикуваат на фронт на одбрана, ја повикуваат меѓународната заедница, но и народот да се дигне да ја брани опозиција. Но, Груевски знае што прави: Заев не е херојски лик за чие ослободување би се дигнале граѓаните! Тој не е ни Кежаровски, ниту е лик на вистински одважен левичар со моќ да ги собере граѓаните на својата страна. Да можеше, немаше да шета со „бомба“. Ова се случува во време кога во општеството врие, и прашање е дали свртувањето кон старите непријатели е најдобар начин да се деактивираат оние општествени сили кои вистински го делегитимираат режимот, а кои немаат никаква врска со класичната меѓупартиска битка.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Вечер