Чиста совест

Без платени реклами, Македонија повторно стаса на насловните страници на светските медиуми, а владата на Груевски е ставена во контекст на Штази или Орвел. Мислам дека на малиот диктатор му се припишуваат преголеми моќи, особено кога се најавува дека македонските тајни служби не само што прислушкувале свои граѓани, туку дури и амбасади на шест моќни држави. (Интересно, во ТВ прилозите покрај оваа најава оди слика на амбасадата на САД). Ако второво се покаже како точно, тогаш оставки ќе треба да паѓаат и во државите кои не успеале да ги заштитат своите амбасадори од неовластено прислушкување во една банана-држава. А сите оние кои не веруваат дека Македонија е вистинска држава ќе треба да се преиспитаат: ќе помисли човек дека службите конечно работеле нешто и за државата, освен за владејачката партија и нејзиниот лидер. Шегата настрана, во моментов најмалку ни е потребно фокусирање на националната безбедност и атакот на државата, што е тезата на поддржувачите на режимот (кои се кријат токму зад слоганот за одбрана на Македонија). Многу поважни се човековите слободи и права, кои станаа паричка за поткусурување во меѓупартиската пресметка. Прашањето на злоупотребата на власта треба да се постави токму во контекст на повредите на човековите права. (Не)демократската контрола над безбедносните служби останува високо на агендата за реконструкција на целиот државен апарат, кој очигледно се одметнал (ако некогаш и воопшто бил) од демократските стандарди. До тој момент, очигледно ќе мине доста време. Моментално сме зависници од политички сапунски ТВ серијал. Нацијата не може работа да фати, и исчекува: дали ќе пукне „бомба“, кого ќе го повреди, што ќе открие? Ќе има ли прес-конференција или некое анонимно протекување на информации? Што смислила власта во своја одбрана и по која цена е подготвена да се брани?

Една од најважните теми е правото на приватност и начинот на кој го толкуваат засегнатите. Бард на опозициското новинарство (тој и не крие дека одамна фатил страна) ми се потсмеваше јавно, алудирајќи дека такви како мене сигурно не се меѓу прислушкуваните. Кога одговорив дека веројатно треба да здивнам, бидејќи тој важи за добро известен од партискиот штаб, ме испрати во ментална институција. Така некако и лично ја почувствував диференцијацијата на подобните и неподобните, на прислушкуваните од оние кои не биле достојни за тоа, што автоматски значи дека биле на страна на власта, па затоа не се ни херои ни жртви. Третманот на правото на приватност останува на маргините на политичката драма, особено од некои новинари за кои слушнавме дека се истовремено и жртви, но се и повикани да ги бранат вредностите на демократското општество – или да ги промовираат, ако веќе ги нема. Реакции на сознанието дека биле на листата на прислушкувани беа речиси идентични – сите беа згрозени. Мали нијанси се покажаа кај оние кои изјавија дека се горди поради тоа што режимот ги одбележал како критички настроени, до оние кои ја покажаа човечката страна и рекоа дека се чувствуваат силувано и разголено. Некои дури не ги отвориле папките за да се поштедат од стрес. Само неколкумина ја забележаа апсурдната ситуација во која се најдоа (не само тие, туку и сите 26.000 граѓани): нивниот личен живот е сега „на тацна“, достапен за најголемите партии, на власт или опозиција, сеедно. Од власта можете да барате одговорност, оставки, да тужите – но, што да правите во однос на демократската опозиција, освен да ѝ верувате на чесен збор? Најжално е што токму новинари се подбива со колеги новинари кои не биле на листата на прислушкувани, а сите знаеме дека најпрофесионално си ја вршеа работата (од ТВ Телма, до голем број известувачи од други градови и од помали медуми). Имаше дури и осветнички нарачки упатени до СДСМ да ги објави разговорите на оние кои во ова драматично време се „неутралци“

Најголемо разочарување е претседателот на Здружението на новинарите, кој на прашање на (провладин) новинар во врска со можноста од злоупотреба на материјалите од страна на опозицијата, одговори во мачо стил: „Ако вие сте чист, немате причина да се плашите од било кој… А ако имате швалерка ќе разговарате со вашата девојка или жена.“ Настрана несериозноста и цинизмот, со кој фактички се девалвираше страшната димензија на прислушкувањето, одговорот беше во духот на она што го вели секоја власт која ги следи граѓаните (survelliance state), вклучително и САД. Во поново време и недржавни актери, па дури и компании кои ги следат комуникациите на вработените (Бритиш Ервејз) се служат со истиот аргумент. Директор на Гугл пред пет години изјави дека секој оној кој е загрижен дека некој може да види што прави кога е сам, можеби треба да престане да го чини тоа (затоа што не е морално). Така, приватноста се сведува на неморални активности кои се кријат во темнина. Необично е кога тоа го велат новинари. Редукцијата на приватноста на нашата „темна страна“ е атак врз секој оној кој се противи, бидејќи му наметнува презумпција на вина/грев! Селмани, како праведник (а веројатно и како верен сопруг) не ја слушнал изреката дека мирната совест е обично индикација за лоша меморија. Оној кој тврди дека има совршено чиста совест е веројатно човек кој совеста ја ставил под таква команда, што веќе ја замолчал или изгубил. Луѓето се општествени битија, па имаат потреба да им кажат на другите што прават, мислат, чувствуваат. Во поново време, тоа го прават и со непознати преку социјалните мрежи. Но, за човековата слобода е есенцијално важно да се сочува интимата, можноста за повлекување во катче во кое поединецот е ослободен од општествените императиви, конвенции, очите на другите. Една стара изрека (Теренциј) гласи Homo sum, humani nihil a me alienum puto (Човек сум и ништо човечко не ми е туѓо). Но, овде не станува збор за (без)грешноста на новинарите и другите смртници, туку за повредата на правото на приватност од страна на власта. Како да е тоа малку, па со тие материјали (во огромен обем, како што се тврди) располагаат и оние кои сакаат да станат власт. Но, на некои тоа очигледно не им пречи, немаат што да кријат од опозицијата и се чувствуваат чисти!

Одговорноста и вината за прислушкувањето лежи кај оние кои тоа го чинеле незаконски, со злоупотреба на овластувањата за политички и други цели. Тоа не го исклучува императивот за висока одговорност и совесност и кај оние кои дошле до тие материјали, со помош на лица за кои не знаеме ништо освен дека биле патриоти кои си ја сакале Македонија. Новинарите имаат посебна улога во општеството, честопати треба да го штитат идентитетот на своите извори и имаат со устав загарантирано право на тоа. Но, не смеат да заборават дека немаат право од никого, па ни од колегите, да бараат интимата да биде жртвувана на олтарот на Вистината за Македонија. Бидејќи, опозициската партија е само некој кој се подготвува да стане власт и ништо повеќе од тоа.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Georgi Licovski/European Pressphoto Agency