Далеку е сонцето

Велат, ноќта била најтемна пред разденување. Но, некои веќе го гледаат новото сонце над Македонија. Другите велат дека никогаш не се ни стемнило. Настрана ваквите погледи налик на она што некому му се снило, излезот од длабоката политичка и општествена криза останува непознаница. Извесно е само дека status quo ситуација е невозможна. Владејачката партија може да зборува што сака и да манифестира моќ во дисциплинирањето на членството, но легитимитетот и легалитетот ѝ се сериозно нарушени. Од друга страна, опозицијата единствено што успеа е да ја делегитимира власта и да разбуди основано сомнение за мандатот добиен на избори. Доказите за тоа, сепак, ќе мора дополнително да бидат верификувани од вешти лица во судска постапка, и никако поинаку, и покрај повиците на “експертите“ дека јавноста мора да верува во она што го презентира опозицијата (особено, по споделувањето на оној разговор кој „по грешка“ се нашол во оптек). Но, делегитимацијата на власта не значи легитимација на опозицијата. Тоа што ниту таа, ниту граѓанските протести не можат да го направат е автоматски да ја сменат власта без осмислена стратегија, а вон институциите. Опозицијата ја чека долг пат пред да прогласи победа. Таа сега капитализира и се претставува како морален победник, но на власт се доаѓа само преку избори и никако поинаку.

На големата „дебата“ во Универзалната сала Заев испорачана неколку барања проследени со бурни овации, но до денес никому не му е појасно како се планира нивното оживотворување, на кој начин и во кој рок. И покрај разочарувањето од јачината на „бомбите“ кај дел од јавноста (поради митингашкото сценарио и намерното емоционализирање на јавноста со избор на снимка во која се споменува семејството на Тоше), опозицијата не ја менува тактиката, очекувајќи Груевски да потклекне. Таа е можеби добра за мобилизација на јавноста, но реално ништо не менува. Излез од кризата не се гледа, а насилните сценарија не само што не се исклучени, туку висат како Дамоклов меч. Интересно, Заев почна да пишува (лоша) хаику поезија во патриотско-патетичен стил: „Како Господ ве молам… Не гибајте ми ја жицата македонска оти изгубен во времето би го барал семето, одејќи по жица“. Ги кова во ѕвезди големите патриоти кои му ги обезбедиле снимките: треба да веруваме дека тие луѓе многу ја сакале Македонија, ама од страв морале со негова помош да заминат во странство. Сега се бараат патриоти по дома, подготвени да преземат лични ризици и без обезбедени работни визи во странство. Ако се суди според изборот на претседател на Судскиот совет во ликот на човек без ниту ден судски стаж, надежта дека ќе се најдат такви јунаци останува во сферата на невозможното. Практично, ситуацијата наликува на агонија без крај. Освен ако не втрча Капетан Америка или некој ЕУ пандан… Додека го куражи народот, опозицијата не крие дека очекува булдожер дипломатија. На тој начин, можеби Груевски ќе биде принуден да замине (слично како Георгиевски), но Македонија доброволно ќе се согласи на статус на протекторат и ќе ја докаже тезата дека не секој народ е државотворен.

Колективна оставка на владата е првото барање на опозицијата. Мнозина од нас го имаа истото на ум во мигот кога стана јасно дека прислушување имало, а содржината упатува на масовни злоупотреби на државата во партиски и лични цели. Или како што на една снимка се вели, сето тоа одело „институционално“. Вака сфатена институционализираноста на приватната моќ е основата за метастазата на партизацијата. Ако се тргнат настрана пикантните детали или наводната шокираност дека министрите не се ниту елоквентни, ниту баш високоучени кога разговараат меѓу себе, останува заклучокот дека во државата не владее Законот (Lex), туку Владеетелот (Rex). А овој заклучок е нов колку што е нова и подгреана сарма или ланскиот снег. Масовната партизација и клиентелизмот се системски појави, па дури и падот на владата на Груевски не мора да значи дека нешто драматично ќе се смени – освен, ако се премине кон „денацификација“ и колективни чистки, како што предлагаат некои запалени опозиционери. Кај оставката како институт има една работа за која малкумина се свесни, а која мојот колега Пуховски редовно ја повторува пред хрватската јавност (затоа што и таму се прави истата грешка): никој нема право да „бара оставка“ од избран носител на функција (освен блиски роднини, пријатели или партиски колеги) – бидејќи оставката е исклучиво личен, морален чин. Веќе видовме дека за овие луѓе се вели дека се нелуѓе, крвопии и дека немаат морал, па затоа е и чудно од нив да се очекува да го преземат тој чекор. Сосема друга работа е барањето за смена од функцијата; тоа соодветствува на демократската политичка култура и парламентарна практика. Ваквото барање опозицијата не може да го испорача од некаква сала, од проста причина што одлучи да го бојкотира собранието – местото од кое може да се побара ваква смена. Ако на ова го додадеме фактот (којшто е крајно невообичаен за парламентаризмот) дека лидерот на опозицијата воопшто и не се кандидираше за пратеник на минатогодишните избори, ситуацијата е уште почудна. Оставка бара човек кој не добил легитимитет на други избори (освен на локалните). Дури и ако со посредство на странците, партијата одлучи да се врати во собранието, тој ќе остане надвор и ќе може само да апелира преку сопартијците-парламентарци. Во вакви околности остануваат митинзите, хаику поезијата и морализирањето. Заземањето висока морална позиција, иако навидум ризично, па дури и видено како херојско дело на саможртва, сепак е релативно лесна работа. Многу почувана тајна е таа за планот за спас на Македонија од катастрофалната позиција во која се наоѓа: и економски, и општествено, и политички, и меѓународно. Иако предизборниот караван тече, во паралелна верзија, на нив се слуша сѐ, освен решенија за натрупаните проблеми. За тоа ќе треба нова тура на кампањи.

Барањето за преодна/концентрациона/експертска влада (термините се користат како синоними, па само може да се шпекулира што точно има на ум опозицијата) претпоставува враќање во парламентот и подготвеност за дијалог со „непријателот“. Во моментов, додека се нижат жестоки обвинувања и квалификации, речиси е невозможно да се замислат овие луѓе како седат и со заедничка грижа бараат спас за иднината на земјата. Луѓето кои евентуално ќе бидат предложени за членови на преодната влада ќе бидат „нивни“, особено во светлина на фактот што секој кој деновиве покажува резервираност и партиска неопределеност се демонизира како уште поголемо зло од партиските противници. Уште потешко е да се замислат луѓе кои држат до сопствениот интегритет, а кои би прифатиле извесно време да сеат во министерски столчиња за да ја оправаат хаваријата која ја направиле некои други, за на крајот да им ја отстапат позицијата на лица со сомнителен кредибилитет и/или капацитет. Но, опасност да останеме без кандидати нема, ако се суди според фактот дека на јавната сцена, како никогаш порано, дефилираат луѓе кои говорат само за совест, морал и љубов кон Македонија.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Michelle Heiter/Continental Hopscotch