Хероите на нашето време

Реплика од „Храбриот нов свет“ на Хаксли гласи: „Драг мој млад пријателу, цивилизацијата апсолутно нема потреба од благородност и херои. Тие се симптоми на политичка неефикасност. Во добро организирано општество како нашето, никој нема каква било можност да биде благороден или херој.“ Иако романот опишува дистопија, сепак ваквата состојба е последното нешто од што граѓаните на земјите од поранешна СФРЈ треба да се плашат. Со незалечени рани од војните/конфликтите и со слаби држави, потребата од херои и од доблест се чини повеќе од јасна. Но, кои се хероите на нашето време? Дали нивниот хероизам и доблеста одат рака под рака? Вистината е тажна: нашите денови се многу налик на оние за кои пеел Владислав Пековиќ Дис во 1910 година, а за кои Дубравка Угрешиќ вели „вредностите го променија предзнакот прекуноќ: убијци станаа херои, ординарните крадци станаа деловни луѓе, а полуписмени учители – министри за култура“. Во вакви времиња кои ниту се далеку од конфликтите ниту се блиску до демократијата, најголем предизвик е разликувањето на хероите од „хероите“, подеднакво како и на лажните пророци од оние со мудрост и доблест. Проблем е инфлацијата на „херои“ и пророци за кои Конески пееше („Ќе дојде време на лажни пророци што божем во мое име ќе ве збираат по плоштадите, ќе креваат врева до небеси, ќе се бувтаат во градите“). Прво тоа беа (само) ликови во новите историски читанки, рехабилитирани војсководци, великани и злосторници од „славни времиња“. Потоа, стасаа новопечените генерали, полковници и доброволци, следени од армија на луѓе кои некогаш беа принудени, а некогаш веруваа дека мораат да се јават на повикот на државата или нацијата. Воените судири завршија, некои од нив станаа дел на естаблишментот, а другите кои го отслужија своето фрлени на маргините на општеството. Како што минува времето (а со тоа настапува заборавот и растат нови генерации кои учат од нови читанки), и под дејство на амнестиите и истекувањето на казните на хашките осуденици, расте бројот и на живите „херои“. По правило, насекаде хашките осуденици беа прикажувани како народни јунаци, дури и кога во судски постапки беше докажана нивната вина се враќаа дома, дочекувани како витези и маченици. За амнестираните и да не зборуваме… Зад масовноста и помпезноста на дочеците стоеше силна партиска логистика. Овие луѓе всушност не добија вистинска слобода: ниту се покајаа и побараа прошка од своите жртви, ниту се ослободија од своите политички газди (кои им ги покриваа трошоците за судската одбрана) – освен кога самите стануваа партиски господари. Најчесто се активираат по потреба, застануваат до лидерот на кој очајнички му е потребен патриотски ореол за да го скрие изгубениот углед, кредибилитет и легитимитет. Реално нивната моќ да поттикнат на акција не е голема, но имаат симболичка моќ и се недопирливи за јавна критика и за презентирање на нивната вистинска улога во контекст на делата кои ги извршиле. Доказ за ова е ликот на Јохан Тарчуловски, кој ете станува дел на еден патувачки партиски циркус на една корумпирана власт.

Хероите (без наводници), оние вистинските, останаа или неопеани, или заборавени, или веќе одамна дигнале раце од сѐ и се повлекле во својата самотија. Во оние времиња-невремиња, кога мнозина фаќаа (етничка) страна или оружје в рака за да се јуначат најчесто над невини цивили, тие беа „кукавиците“; дезертираа или застануваа во одбрана на соседите (како Срѓан Алексиќ) или беа мировни активисти. Во време на сеопшта омраза, тие покажаа дека најхеројски чин е грижата за другиот, послабиот и различниот. За разлика од „хероите“, тие остануваат безимени.

Под дејство на политичките „бомби“ деновиве неочекувано дознавме за непознат припадник на безбедносните сили, кој стана колетерална жртва на една безпоштедна политичка војна. Ни крив ни должен, остана посрамотен и од двете страни. Споменат со име во еден од разговорите (во кој Јанкуловска бара да се среди државата да го изгуби судскиот спор за човекот да не ја враќа оштетата која му била доделена) и тоа на следниот начин: „… што и да е, и говедо да е, Македонец е, ранет у војната. И да не е ваква работа, а башка ни помага у Паланка ни помогна, кумановско ни помогна, со овие знаеш инвалиди, вакви-такви…“. Ова е жална илустрација за третманот на тие кои се/биле „топовско месо“ во време на судири, а кои се товар во време на мир. И верувам дека не е само тој, бидејќи сретнав многумина слични во рамки на РЕКОМ. Но, се поставува прашањето за одговорноста на опозицијата која си игра со човечки судбини, достоинство, углед само за да заработи некој поен плус. И ова не е ни првпат, а се плашам – ни последен.

Во време на политичка неефикасност, колапс на институциите и вредностите, јавноста распишала „конкурс“ за јунак кој ќе му се спротивстави на Злото. И тука се појавува мажествената фигура на друг учесник на конфликтот, генералот кој обзнани дека не е Дон Кихот, а Гладијатор (а-ла Расел Кроу). Пред само една година истиот човек имаше мака да собере 10.000 потписи за претседателските избори, но денес е виден како грамада, морална и умна фигура, и тоа токму од оние кои тогаш не убедуваа дека партиски кандидат е всушност независен. Ангелов неодамна беше реизбран за лидер на својата партија – но, сега бараат тоа да го заборавиме бидејќи има улога на активист и како херој на мигот станува недопирлив. Води битката за ослободување на МРТВ (што по себе е легитимно имајќи ја во вид нејзината инструментална улога за режимот), а во еден од повиците (пратени преку Фејсбук) напиша пост скриптум „верувајте ми, знам што правам“. Дел од јавноста има потреба да верува, да следи, да се чувствува силна покрај силниот маж. Не е важно дали навистина знае што прави, дали има план, програма за излез од кризата. Најголемите опозициски пера му се поклонуваат и признаваат дека сега е важен фронтот за уривање на власта – а за после, ќе видиме. Го ценам како личност со интегритет, но не сум подготвена да верувам на жими мајка дека знае што прави. Дали ако му дозволат да влезе во студио на МТВ ќе биде како Јеховиниот сведок (од вицот) кој неочекувано бил примен во домот на еден од оние на кои им чукнал на врата.

Идејата за херојот, како човек (ветеран или политичар сеедно) од посебен ков, со вонредни способности, е крајно неегалитарна. Таа е прифатлива за оние кои имаат потреба од спасител, па викаат „сите сме ние … едикојси“. Некои велат: не се потребни експерти за експертска влада; требаат луѓе со кредибилитет, интегритет, совест и визија. Звучи прекрасно, ама кога гледаш во амбисот, а и тој гледа во тебе – потребни се луѓе кои газат на земја, кои не се „херои со муда“, но се подготвени сиот свој професионален кредибилитет да го стават во функција на нешто што политичарите го растуриле, свесни дека потоа ќе бидат заборавени како и ветераните. МРТВ е срам за општеството, но бидејќи не е ни влијателен медиум, не е никаков приоритет – освен во „романско сценарио“. Притисокот на јавноста е поважно да се сврти кон пратениците заробени со меници. Тие мора да се изборат за личната, ама и за нашата слобода. Како носители на народниот суверенитет, можат да сторат нешто во најважната институција, а сега имаат и историска шанса да бидат запомнети како претставници на народот, а не поданици на лидерот.

Напишано за Нова Македонија