Навивајте за нас!

Македонија се соочува со една од најсериозните кризи во својата историја. Не само легитимитетот, туку и легалитетот на власта е доведен во прашање. Уште полошо, институциите не се место за решавање на политичкиот конфликт, кој е сосема поместен во јавната арена. Одговор на аудио-снимките се прес-конференции или семејни фотографии. Медиумската пресметка е во полна пареа. Иако е речиси невозможно да се негира веродостојноста на снимките, сепак постои нешто надреално во политичкиот спектакл. За сите сапунски серии, па и за политичката, се карактеристични неизвесноста, следењето на повеќе главни ликови (иако овде играат само негативците), а наративот е отворен и подложен на драматични пресврти. Секоја епизода завршува со драматична најава на следната епизода. И оваа се води на диригиран начин за да потрае и за да предизвика што поголеми ефекти, не толку во поглед на состојбите (бидејќи, опозицијата не испорачува ниту барања ниту план за излез од кризата), колку врз емоциите и ставовите на гледачите. Двајцата (ко)режисери дејствуваат во паралелни светови, за паралелни публики – сите останати се во клинч! Заев бара трпение до последниот заплет и катарзата, која веројатно треба да биде во вид на нов рамковен договор и некаква преодна/техничка влада до новите избори. Груевски тврдоглаво одбива да види дека колективната оставка на владата е единствената сламка за спас не само на неговата партија, туку и на политичкиот плурализам, па и на државноста на земјата која се посигурно се слизга во протекторат.

СДСМ е во офанзива, па оттука и прашањето за менаџирањето на очекувањата предизвикани од неа. Од новинарските прашања може да се заклучи дека „летвичката“ е подигната високо: секоја претходна бомба се чини послаба, а од секоја наредна се очекува нешто пострашно. Затоа и прашања за докази за ликвидации, за Младенов, убиството кај Смилковско езеро, итн. Како зависник, јавноста бара се поголема доза. Општата слика е таа на Армагедон, на финална битка помеѓу (апсолутното) Добро наспроти (апсолутното) Зло, а секоја страна себе се презентира како олицетворение на Доброто. Таргетот е електоратот, а особено тивкото мнозинство, кое не гласа и кое одамна ја има изгубено довербата во биполарниот партиско-етнички поредок. Со „доктрина на шокот“ се води предизборната кампања, но таа може да послужи и за решавање на прашања кои во други околности јавноста не би ги прифатила. Заземањето на поповолни позиции пред финалето сме го гледале и во Босна и во Македонија пред потпишувањето на „мировните договори“; тоа е секогаш најкрвавиот период во пресметката. Оваа битка не е воена, но иако е политичка, се базира на делби на пленот, а не на нормализација. Доказ е цветањето на говор на омраза и нетрпеливост кон Другиот („кој не е со нас тој е против нас“ е јазикот на диференцијација и бескомпромисна пресметка).

Како и по секој „електрошок“ (да ја употребиме аналогијата на Наоми Клајн), луѓето се сѐ понесигурни, заплашени и дезориентирани. Во длабоко партизирана земја се случува лом, а илјадници луѓе се загрижени за своите судбини, особено по барањата на опозициските перјаници дека сите на припадници на владејачките партии од централно до локално ниво треба да им се забрани учество во политиката во наредните 30 години! Онака, без судење, по кратка постапка, сите се предмет на колективна вина и затоа општеството треба да се „прочисти“. Овие редови ќе се сфатат како „релативизација на злото од интелектуалка неутралка“, но теоријата и практиката одамна го имаат објаснето концептот на имиџот на непријателот. Доволно е тој да се дехуманизира и тогаш сите средства за пресметка со стануваат не само дозволени, туку и морално оправдани! Со овој концепт, очигледно ракуваат двете страни, иако на различен начин.

На стартот на кампањата, на својот ФБ профил, Заев го постираше текстот на песната „Погледни го домот свој, ангеле“ (Бора Чорба). Последните стихови гласат: „Дај боже да цркнат душманите, па биди ангел на одмаздата, нека на својата кожа почувствуваат што значи беда, страв и болка.“ Неколку дена подоцна Заев напиша: „Навивајте за нас, затоа што искрено и чесно се бориме за слободата. Помогнете, затоа што се работи за слободата на сите и за нашата татковина. Навивајте и помогнете затоа што е убаво да се биде со победникот. А ќе победи Вистината за Македонија!“ Акумулираната фрустрација е разбирлива, а соочувањето со вистината (и смената на една зебагана и неодговорна власт) е нужност. Но, проблемот настанува ако таа вистина (со големо В) треба да биде исклучиво „Вистината на Заев“ наспроти „вистината на Груевски“. Фаќањето страна во борбата за вистината е барање за капитулација на критичкиот ум и подготвеност да се прифати буквално сѐ што е сервирано од едниот за сметка на другиот! Навивањето во момент во кој секој пристоен човек е длабоко загрижен и потресен од она што го гледа/слуша, не само што е невкусно, туку и недолично. А навивање и овации (заедно со свирежи) има дури и при емитувањето на снимките е (зло)радост пред сопствената национална беда, чемер и гној!

Дејството на бомбите е несомнено, ама не секогаш е ветувачко. СДСМ дури и да успее во битката, пред нас (ќе) претстои долг период на рехабилитација. Од замолчано и апатично општество стануваме општество подготвено да мрази и исклучува. Млад колега во занес пишува „јебао вас неутрални пацифизам“. Има и полошо: „смрт, снајпер за вас, садисти, психопати, крвопии, нелуѓе“. Тоа е реториката на борците за слобода! Ова е другата страна на паричката на Вистината за Македонија, вистина како и онаа другата (за сотрување, шупаци, ендеци, и сл.)! При секоја најава за бомба, од возбуда се потскокнува, а потоа настапува колективно катарзично блуење… Притоа, се глуми лудило, амнезија, се забораваат факти и за другите и за себе (на пример, дека и самите ги ловеа и поганеа „човечињата“ од Пустец над кои сега леат солзи!) Вистината е повеќеслојна, и не се однесува (само) на политичката елита, туку и на ниската политичка култура. Политичкиот амок нѐ прави актери во театар; секому му е доделена улога, без оглед дали е свесен или не, без оглед дали сака или не. Во Театарот на суровоста не сме само публика, туку учесници од кои се бара да ја почувствуваат болката, злото, страдањето, симболизмот, а не (само) силата на зборовите… Објективноста и неутралноста се официјално протерани. Наместо carpe diem геслото е „фаќај страна, инаку…!“ Во вакви услови, барањето за преодна влада звучи како научна фантастика или лицемерна идеја. Вистински државник и барјактар на слободата мора да биде Мендела, а не ангел на одмазда. Истото важи и за неговите соборци. Македонија може да се препороди само ако ги остави зад себе сите форми на едноумие или на „сенароден фронт“, и биде демократија во која сите политички бои се добредојдени. Вклучително и правото да не се навива во политичките пресметки, бидејќи на секоја демократска влада ѝ е потребна независна и критичка свест.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Didier Kobi