Нема дебата, нема мир!

Денес ќе видиме сцени кои ќе останат запомнети во некоја читанка за историјата на бившата Република Македонија: претставници на две „страни во политички конфликт“ се обидуваат да преговараат преку олеснувачи, во Брисел. Вакво нешто е предизвик за ЕУ, но не за бившите колонизатори кои „посредувале“ меѓу раскарани племиња и ги цивилизирале, милом или силом. Во поново време, ЕУ имаше искуство од преговорите меѓу Дачиќ и Тачи, но овде ја нема „баналноста“ на етничкиот судир. Дотолку потешко, би рекле, иако нивото на медијаторите (членови на Европскиот парламент) е пониско и без сила на булдожер дипломатија; и претставниците на страните во конфликт не се лидерите, туку нивните блиски соработници! Најавено е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го претставува министерот за надворешни работи, што сликата ја прави уште потрагична. Наместо да води дипломатија со странски држави, тој ќе преговара со земјаци. Циник ќе забележи дека Македонија стаса до ЕУ на најбизарен начин. Теренот е можеби соодветен за вакви средби, но истовремено тој дефинитивно станува недостижна дестинација за државата во која сите се колнат дека сакаат членство. Преговорите зад затворени врати носат и симболична порака: во догледно време не треба да се надеваме дека портите на ЕУ ќе бидат макар и подотворени за земја која манифестира не само институционална инсуфициенција, туку и отсуство на државотворност. Претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ некако ќе разговараат. Се прашувам: како ќе се разберат? Неодамна бев член на комисија за одбрана на докторат на тема улогата на преведувачот во медијација на конфликти. Акцентот беше на ситуации во кои модераторот доаѓа од држава и култура многу поразлична од онаа на завојуваните страни. Не можев да се ослободам од помислата на овие преговори. Страните во судир имаат ист мајчин јазик, ама не се разбираат бидејќи се закопани во своите ровови и пукаат со тотално различна реторика и наративи за својата „праведна“ борба. Модераторите (од три држави) ќе зборуваат со јазик кој им е заеднички, не од лингвистички аспект, туку поради светогледот и заедничката политичка култура. Прашањето е дали воопшто можат да разберат балкански политичари кои, иако на „Титаник“, не попуштаат дури и кога цената е превисока. Дома навивачката треска не стивнува: за поддржувачите на секоја страна поважно е нивните преговарачи да држат тврди позиции, а можеби најголема победа ќе биде ако не се договорат. Странците ризикуваат да бидат обвинети за заговор – или да бидат етикетирани како неутралци!

Без оглед на прогнозите во јавните обложувалници, на крајот политичарите ќе мора да најдат решение. Не за друго, туку ако бродот потоне, ќе немаат кому да му бидат лидери. Ќе мораат да се задоволат со милионите евра и да станат обични богаташи во некоја недојдија: некој можеби затоа што ќе мора да се крие, а другиот затоа што нема да може да го продолжи бизнисот во пропаднатата Македонија. Чудно ама во оваа агонија, најразумен се чини Ахмети, ако може да му се верува на она што го говори (без оглед што разумот налага на политичар да не му се верува, особено кога морализира). Со право укажува дека оваа криза е можеби интраетничка, но ги засега сите граѓани, вклучително и тие кои тој ги претставува. На Титаник не се само Македонците, а кога се тие раскарани до степен на физичка нетрпеливост, тогаш Албанците можат да посредуваат. Историјата покажува дека секој посредник има и своја агенда и никогаш не е докрај неутрален и објективен. Ако антагонизмот на двете најголеми македонски партии турка кон бездна, тогаш не е исклучена и опцијата Албанците да заклучат дека во оваа земја немаат иднина. Досега ставот гласеше „не можеме поради вашето име и идентитет да чекаме бесконечно за членство во НАТО/ЕУ“; сега тој само би се дополнил и надградил. Впрочем, веќе стотици илјади заминаа за да не се вратат, без оглед на етничкото потекло. Како и да заврши македонско-македонскиот „самит“, (не)успехот никако не треба да се бара кај странците. Нашите политички елити се тие кои „успејаа“ да го интернационализираат внатрешниот конфликт, откако претходно мајка ѝ расплакаа на земјата, за само четврт век самостојност. Ако не сакаат да бидат запамтени како последните Мохиканци на земја која престанала да постои затоа што се покажала недржавотворна, мораат под итно да почнат преговори дома, меѓу себе, без ултиматуми и без закани. Тие преговори мораат да ги вклучат сите политички актери, не само „големите“, бидејќи нивната големина е поради финансиската моќ која ја поседуваат и добро скроениот изборен систем кој ги фаворизира. Груевски може да го отвори патот со оставка со што ќе покаже вистинска грижа за земјата, доверба во институциите (дека можат да функционираат без пастир) и во граѓаните (за кои вели дека силно го поддржуваат и му веруваат). Заев мора под итно да престане да детонира бомби во темелите на државата, откривајќи и разговори кои повредуваат човечко достоинство (на брачни парови, поединци, па и сопственото дете), снимени разговори на странски дипломати, а и евентуално такви кои би упатувале на преговорите околу името (што е национален, а не политички интерес). Таквите разговори не само што немаат никаква врска со „Вистината за Македонија“, туку ќе му се вратат како бумеранг. Симнувањето на Груевски не мора да значи драма (од него лично зависи), ама не мора да значи и крај на досегашниот начин на владеење. „Груевизмот“ е само повисока фаза на „бранковизмот“ (што е евидентно во опозициските општини). Ако значењето на зборот криза е и отворање на нови можности, тогаш ова е навистина миг за нови опции и политичари без багаж, кои ќе нѐ ослободат од заложничката битка на две групи битанги (да го цитирам толку популарниот Коља – и дел од снимките).

За преговорите на политичарите се наоѓаат оправдувања, колку и да се тие понижувачки во овој бриселски формат. Не се простува дебата меѓу лица со спротивни ставови! Чуму дебата на истомисленици? Или, која е смислата на „дебата“ меѓу соговорници без знаење и експертиза, а чиј единствен „аргумент“ се изгубените нерви и неподнесувањето на другиот? „Слободарите“ се поопасни и од политичарите: се служат со евтино морализирање и недолични симплификации за наводна дебата меѓу евреи и нацисти. Слобода на говор и уверување, ама ограничена – само за нив. Секој кој се обидува да дебатира е „релативизатор на злото“. Го цитираат Шекспир за да кажат дека сѐ ќе се реши со еден удар на ножот. Полицијата на мислите по социјалните мрежи и „двете минути омраза“ се секојдневие. Се стрвиме и фаќаме за гуша, дури и кога мислиме исто, ама не блуеме со ист интензитет (а некои од нас гледаат и факти зад наративите), а политичарите преговараат за нашите животи. Зависиме од нивната (не)милост и (не)способност. Решение е можно, инаку или политиката не е умешност на можното или тие не се политичари. Но, ако притоа се загуби слободата да се мисли со своја, а не колективна глава, да се одбие да се биде дел на толпа, и притоа (каков грев!) да се отфрли вулгарноста и гневот, пирова ќе биде победата. Ќе останеме исти или дури и полоши после овој кошмар! Ако научив нешто од екс-ЈУ конфликтите и од РЕКОМ, тоа е дека мора да се разговара и преговара дури и со луѓе кои имале крв на раце. А најдобро е да се преговара пред воопшто да се пролее крв.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: European Parliament. Wilhelm Westergren Photography