Агонија

Дали е тоа скептикот во мене или циникот – не знам, но од ден на ден, сѐ повеќе ме совладува безнадежноста. Гошинце, кај дел од јавноста, создаде дежа ву чувство. Се разбуди страв дека е можно да се повторува сценариото „Од играчка – плачка“. Се сетив на зборовите на колега од регионот кој пролетта 2001-та ми напиша дека се чуди како не забележувам дека македонскиот конфликт е најнаместениот после оној во Словенија и дека во неговата земја за само еден ден гинеле повеќе луѓе отколку кај нас за неколку месеци. Во прв миг му се налутив, но потоа често тие зборови ми делуваа отрезнувачки. Чудно е како Гошинце повеќемина асоцираше на Танушевци, а заборавија дека во 2004/2005 година го имавме Кондово. Оттогаш наваму верувам во постоење „балон тактика“, во која заради одредени лукративни и/или политички причини балонот (на воена криза и меѓуетнички тензии) по потреба може да се надува или издиши, до следната прилика. Интересно, меѓуетнички тензии пророкуваше Ал Џезаира, за потоа да се труби дека ова е масло на власта која сака да ја дефокусира јавноста.

Колку и да се бараат сличности помеѓу серијата настани кои доведоа до конфликтот во 2001-та со оние од последниве недели, сепак станува збор за аналитичка кусогледост. Општествената и државна ерозија, заедно со растот на нетрпеливоста, многу повеќе наликува на состојбите од пред 25 години и повеќе. Распаѓањето на еден општествен, економски, политички и безбедносен систем не се случува преку ноќ. Обично, станува збор за долготраен процес на ерозија, којшто во најголем тек е тивок и невидлив, сѐ до моментот на ескалација, т.е. кога е веќе доцна да се спречи најлошото. Мнозина, од различни причини, ќе речат дека споредбата не држи. Не се сомневам ни дека ќе ме обвинат дека зборувам во функција на одржување на статус квото, и тоа токму кога (наводно) се раѓа ново сонце на слободата и кога се чини дека македонското општество е мобилизирано како никогаш порано – од хонорарци, до пленумци. Секој разумен ќе се сети дека колапсот на Југославија се случи токму во моментот кога стегите на авторитарниот систем попуштија; нам ни се чинеше дека почнуваат да дуваат новите ветришта на демократизацијата без да видиме дека сме на чистина подготвени за битка со другиот повеќе одошто за работа на сопствена промена. Крајот на Студената војна тогаш ја направи Југославија непотребна (како бафер зона меѓу двата блока), „лепакот“ која ја држеше земјата заедно го снема, а сите мали политичари сакаа да бидат Тито наместо Тито.

Македонија денес е квинтесенција на неуспешната транзиција и глумењето демократија (европски перспективи), и тоа благодарејќи на домашните актери и сесрдната помош во „градењето институции“ и меѓународен стејтбилдинг. Тоа е факт од кој евентуално од состојба на агонија би тргнале кон надеж за некаков Феникс, заедно со контекстот на Втората студена војна. Но, поразот ретко кој ќе го признае, односно вината ќе ја префрла на другиот. Секогаш е виновен некој друг, нели? Дури и меѓународните актери нерадо се откажуваат од својата „успешна приказна“. Преку ТВ екраните добиваме (навидум суптилни) пораки од амбасадори на кои водителите им се поклонуваат небаре се еманација на глобалното Добро и на самата Демократија. Тие со покровителски тон ќе кажат нешто, а пораката ќе се зацврсти и со порачан филм за Вотергејт. Убедена сум дека во себе нѐ презираат и нас и нашите лидери. И како не би? Во времето на распадот на СФРЈ се создадоа стиховите „секое племе црта граница, сите сакаат своја страница [во историјата]“. Човек почнува да се прашува дали ние воопшто и заслужуваме „своја страница“ кога сочувувањето или освојувањето на власта е вредно газење по лешеви и распад на сѐ што е изградено досега. Се нижат сцени на македонско-македонските преговарачи во Брисел, кои како вистински дипломати се ракуваат љубезно со противникот, а потоа чекаат Големите сили да арбитрираат. Од престолнините во регионот „Слободоумните патриоти“, кршат јазик и се гаѓаат со падежи, испраќајќи пораки до македонската јавност небаре се влада во егзил. Едните од Брисел, другите од Белград… Што воопшто се променило во македонската историја? Владата е налик на ној со главата длабоко турната в песок, а не гледа дека песокот е жив, дека не пропаѓа сама, туку заедно со себе е подготвена да нѐ повлече сите во тотален историски колапс. Опозицискиот лидер веќе се гледа како Месија. Во моментов најавена е бомба за преговорите со името (отако претходно се доставија транскрипти до амбасадите за нивните разговори). Безбедносен систем не постои (што можеби и не е лоша вест, не знам): не само што за Гошинце повеќе знае некој Буревесник или генералот Че отколку надлежните; главната комуникациска артерија, автопатот, е толку нефункционален што „повикува“ на атак: гледав како полициски конвој лази со 20 км. на час „итајќи“ накај Кумановско. Ловот на вештерки не е веќе доволен. Со изговор дека нема институции, луѓе почнаа да земаат правда во свои раце, и прашање на момент е кога ќе се одржи некаква свадба за некој сват да пукне. На Македонија навистина не ѝ требаат непријатели – доволни се оние кои велат дека ја сакаат.

Наспроти општата еуфорија во критичкиот дел од јавноста, евидентно е дека е полесно да се артикулира незадоволството одошто идејата и концептот за тоа што сакаме и можеме да сториме. Полесно е да организирате Пленум, да излезете во огромна бројка (за македонски услови) на улица и да се заканите („си ја барате бељата“) одошто да напишете законски концепт или барем листа на конкретни барања. Најтешко од сѐ е во 5 до 12 да се учи партиципација и делиберација, па затоа Џин Шарп му доаѓа како курс со готов прирачник. (Ова го пишувам на ден пред референдумотза ГТЦ. И јас би менувала стан во Карпош за еден во Центар, само за да можам да гласам против барокизацијата. Стискам палци референдумот да успее, но не можам а да не се сетам кој беше соучесник во зацврстувањето на поданичката политичка култура, кој во 2004 година порачуваше дека некои прашања не заслужуваат одговор, а во 2005-та го смени Законот за референдум и да внесе толку ригидни одредби што референдумот го направија сѐ, ама не облик на непосредно изјаснување на граѓаните.)

Постдипломка ми кажува дека е во дилема: не знае дали состојбата повеќе ја потсетува на Монти Пајтон или на Топ листа надреалиста. Мене ова второво ми е поблиско и помалку смешно, бидејќи е онака балкански автентично и веќе доживеано. Како да беше вчера кога се смеевме на скечевите во кои се зборуваше за воведување граници и визи, за дипломатски преговори меѓу републичките власти, за „немирите во Шведска“, итн. Набргу шегите станаа трагична вистина. Една татковина изгубив, сега ја гледам и Македонија во агонија, како страда од оние кои велат дека ја сакаат најмногу од сѐ.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Rilind Hoxha/Flickr