Глувци и луѓе

Стана ѓаволски тешка работа да се одбере тема за колумна. Но, не и овојпат: локалниот циркус не смее да го одвлече вниманието од човечката трагедија, од 14-те несреќници, мигранти од далечни континенти, кои останаа да лежат покрај пругата кај Велес. Јавноста е вознемирена затоа што овој случај ја откри сторијата која ретко сакаме да ја видиме во својот аутизам. За жал, некои побрзаа и оваа трагедија да ја вклопат во актуелниот политички миг. Она што беше пресудно овојпат вниманието да се задржи малку подолго на прашањето на мигрантите кои транзитираат на пат кон ЕУ е големиот број загинати и ужасните сцени кои ги пренесоа медиумите. Ова не е првата несреќа од ваков вид, а вестите потврдуваат дека нема да биде ни последна; но, ова е првата над која за момент се замисливме. Се нижат прашања… Зошто државата и јавноста не реагираа порано, кога страдаа мигранти? Дали сме лицемери кога ги затвораме очите пред сцените на очај кои се нижат од границата до граница или кога лиеме солзи за да покажеме уште еден дел за „Вистината за Македонија“? Дали луѓето во Прифатниот центар се третираат достоинствено, што прават надлежните за нивната безбедност и благосостојба? Дали е решениет во смена на статусот нелегални мигранти со статус на бегалци, кога политиката на ЕУ не прави баш голема разлика? Петрит Сарачини смета дека по оваа трагедија се јавиле многу душегрижници, па продолжува: „Како и секогаш. Со разни тези и обвинувања кон Западот, кон дежурните „внатрешни непријатели“, кон активистите за човекови права… Штом се толку загрижени, нека излезат на пругата Гевгелија – Табановце. Нека брцнат во своите џебови и нека споделат нешто со кутрите иселеници што поминуваат голгота низ Македонија“. Значи, најнапред треба да внимаваме колку се грижиме, а уште повеќе кого обвинуваме за трагедијата. Западот е наш докажан пријател и останува недопирлив. По порталите се среќаваат и ставови како овој: „Оставам простор да не сум во тек, нели, но никаде не прочитав дека вакви погибии се случуваат во други земји, а и да се случуваат, тоа не смее да биде алиби за немање сенс за сериозно разбирање на проблемот на овие кутри луѓе, осудени на несреќа токму кај нас. Мора да има начин да се дејствува. Да се помогне. Да се спречи.“

За душегрижниците – се сложувам. Од јужната до северната граница, групите мигранти се редовна појава подолг период, не само по текот на приугата туку и на автопатот среде бел ден. Веќе не се ни кријат, само упорно чекорат кон север. Токму пред несреќата овие сцени ги видов повторно, не само на наша, туку и на грчка територија. Толку се бројни што предизвикот на Сарачини наликува повеќе на совет за купување мирна совест: ќе подадете парче леб или ќе повезете некого дел од патот, ќе докажете дека сте доброчинител, и потоа ќе ги препуштате на незивесната судбина во мигот кога ќе им го свртите грбот. Евидентно, иако не и експлицитно признато, е дека властите на државите од регионот функционираат по принципот на изреката „грижо моја, прејди на другиот“, дотолку повеќе што целта на овие луѓе не е ридестиот Балкан, дури и ако државата (Грција или Бугарија) е членка на ЕУ. Вистината е тажна, бидејќи похумани не се покажавме ни за време на југословенските војни. На несреќниците се гледа како на товар, како на жртви на некои кризи за кои ние (наводно) не сме одговорни. Се сметаме за сиромашни, па пуштаме цехот да го платат богатите, на север. Пријател, искрено вознемирен, ми вели дека Македонија станала земја во која сѐ е дозволено, никој не одговара за ништо, мислејќи на неодговорноста за погибијата на овие луѓе. Очекуваше да прогласиме ден на жалост, бидејќи ова е поужасно од каква било политичка бомба или афера. Во право е, но ние престанавме да се третираме како човечки суштества меѓусебно, а сега пред нас е предизвик на емпатија за странци од други континенти. Дали ќе се чувствуваме подобро ако се утврди одговорност кај некој од железницата? Велат дека новите електрични возови се речиси нечујни и дека преморените луѓе, кои пешачеле со денови како во транс, веројатно и не го слушнале звукот на сирената, а тие што го слушнале немале каде да се заштитат. Како да се помогне, да се спречи? Единствено со лечење на причините, а не на последиците – бидејќи мигрантите се последица на еден ужасен глобален проблем во кој ние соучествуваме со нашите западни пријатели.

Чудно е како луѓето примаат селективни вести од ЕУ. Ете, не слушнале за Медитеранското Море, за таа гробница на бегалци (900 луѓе само во последната несреќа), ниту дека тоа злосторство лежи на совеста на ЕУ. Слушнале ли за неуспешните програми на ЕУ за одвраќање на нелегалните мигранти и бегалци, особено од Либија? Што е со пропаста на проектите на италијанската влада, несолидарноста на другите ЕУ држави и со повикот Британците да станат „челични како Австралијанците“, со тоа што мигрантите ќе ги враќаат назад, ако треба и со сила? Некои можеби не знаат дека преку 10 години учествуваме во воена мисија во Авганистан, а го усреќувавме и Ирак. Одамна сме ги заборавиле убиените кај Раштански лозја, во жарот на борбата против глобалниот тероризам. Уште понесфатлив е стравот да покажеме со прстот кон изворот на проблемот на миграцијата, и на оној кој ги натерал овие луѓе да ја стават главата в торба. Деновиве позната британска колумнистка напиша: „Бродови за спасување? Јас би употребила пушки за запирање на мигрантите. Не наседнувајте, овие мигранти се како бубашваби.“ Таа го кажува она што мнозина други го кажуваат на политички коректен начин: тврдината Европа не смее да биде премногу милозлива кон мигрантите, бидејќи е во криза и нема доволно ни за своите граѓани, а камо ли за дојденците. Таа може да прими само 5000 бегалци – а другите ќе ги враќа во нивните земји, т.е. во сигурна смрт. Европскиот парламент укажува дека сите планови се осуетени од политичките елити и министерствата за внатрешни работи на државите-членки. Играта на взаемно обвинување е во тек.

Да се разбереме, не мислам дека е виновен само Западот, т.е. оние кои мајка им расплакаа на земјите од кои доаѓаат овие несреќници, со бомби, со леб, или со мешавина на бомби, леб и демократија. Кога стасуваат тука заслужуваат достоинствен третман, но чесно е да признаеме дека имаме удел во нивната зла судбина, секогаш кога во име на НАТО, сојузниците, интеграциите итн., молчиме за нашата активна политичка и воена поддршка на империјализмот. Да не заборавиме и дека наши граѓани заминуваат во нивните земји како борци или контрактори. Нашето лицемерие е немерливо и кон сопствените сограѓани: за да се сочува визната либерализација Ромите се дискриминираат колективно и отворено им се крши слободата на движење. Подеднакво се лицемерни и оние од Брисел кои замижуваат на едно око на третманот на македонските или туѓите граѓани, бидејќи улогата која ни ја намениле е да бидеме предворјето на нивната миграциона политика: да ја вршиме валканата работа во нивен интерес. Во глобалната слика, сите сме налик на ликовите од „Глувци и луѓе“, во потрага по леб, во нужда од хуманост во време на голема депресија и несреќа. Одејќи кон север, сѐ поретко се гледаме како луѓе, а почесто како конкуренти… Некои се луѓе, други се душегрижници, а трети – само колатерална штета, ако не на воените полиња, тогаш на патот кон безбедна дестинација.

Фотографија: AFP/STRINGER