Релативизатори

Кога за Доброто и Злото во политичката сфера се зборува во апсолутна смисла – што ќе рече моралистичка – место за дијалог речиси и да нема. Секој обид за проширување (усложнување) на едноставниот наратив (којшто е не само библиски, туку можеби и холивудски) се отфрла како релативизирање на злото. Тоа значи дека целокупниот контекст станува неважен, а фокусот е само на актерите, а не на системот! Вината е во лошите, неодговорни и корумпирани политичари (и тоа не сите, туку оние кои се архетипски непријател, па така ДУИ е оставен на мира, во сенка, небаре не е дел на власта). Големата битка се води на голема сцена. Во сивата зона (зона на самракот или на зората, останува да се види) се врши диференцијација на оние кои злонамерно се обележуваат како (наводни) неутралци и легалисти од страна на самопрогласените радикали (кои го читале Лаклау). Тогаш, ајде да ги поставиме нештата обратно и да видиме колку се радикални радикалите? До каде досега нивниот хоризонт? Колку го разбрале Лаклау и колку се борат за македонски Подемос? Имаат ли визија за македонското општество која би го надминала неолибералниот, прозападниот и нужно европскиот мејнстрим? На нашите „радикали“ наводниците добро им прилегаат. Иако начитани луѓе, кои во секој миг можат да изрецитираат цитати и од Дерида, Фуко или Лакан, нивниот светоглед не оди подалеку од социјалниот, политичкиот и културниот статус кво на неолиберализмот. И од сопствениот џеб (и џип). На кризата гледаат како на миг за докажување колку се начитани, ама не и за оживотворување на тоа што го читале.

За неколку месеци пленумизацијата зема замав и стана нов автентичен вид на општествено движење одоздола, кое е надпартиско, наднационално и надконфесионално, но е далеку од радикален популизам. Формирањето на Новинарски пленум покажа дека станува збор за помодарство. Граѓанскиот пленум, пак, е уште понедефиниран и се бори за препознатливост. Затоа, овие форми се повеќе имитации и обиди за супституција на нефункционалните институции и организации. Хоризонтот останува ист, бидејќи барањата досегаат само до отфрлање на деформираната и корумпирана власт, која работејќи за и со глобалниот капитал, застранила (кон Исток) и се оддалечила од НАТО и ЕУ. На пример, за Студентскиот и Професорскиот пленум, Болоњската декларација е сѐ уште бариера за размислување надвор од кутијата. Таа остана „света крава“ и покрај свеста дека нејзините ефектите се рамни на дебилизација во функција на капиталот кој не бара знаење и критичка свест, туку курсисти со вештини за пазарот на трудот.

Со ретки исклучоци, хорот на критичари на власта, колку што се згрозува од груевизмот и ужаснува од неправдите сторени врз жртвите (тајкуни со поинаков предзнак), толку е неспособен да допре до сиромашните и да ја разбере нивната општествено зависна положба. Навистина, многу се зборува за „нашиот народ“, ама кога солзи ронат личности кои вртат милиони евра во една година – тоа баш и не е убедливо. Лаклау е популарен, ама само ако се изостави неговата референца за потребата од латиноамериканизација на ЕУ, неомарксизмот (грамшиевизмот) и практичните изрази на радикалната демократија во ликот на Сириза или Подемос. Да го споменете Чавез во Македонија е полошо од споменување на Нечастивиот. Нашите радикали не можат ни да замислат критика која ги оспорува основите на капитализмот, милитаризмот на НАТО и неоимперијалната суштина на ЕУ (од која, всушност, и очекуваат спас во уривањето на груевизмот). И покрај реториката, тие се лојални на сето она што нивните интелектуални идоли го деконструираат и отфрлаат. Македонија, како и повеќето држави од регионот, останува заробена балканска крчма. Оној кој ќе се запие и занесе (од моќ и пари) прави крш околу себе, а останатите се фокусирани на тоа како да го заменат на челото на кафеанската маса. Крчмата не е проветрена одамна, иако дел од неа за себе верува дека е дел на европското семејство и дека шири прогресивни ветришта. До неа не допираат глобалните тектонски промени и радикални политички изблици. Ако и веруваме и знаеме дека сме во криза, не постои свест дека сме на периферијата на една поширока европска органска криза (во зборовите на Грамши), односно дека ЕУ е токму во ситуација во која старото одумира, а новото сѐ уште не може да заживее, па оттука и грстот морбидни симптоми. Аргентинецот Лаклау, идеолошкиот татко на Сириза и Подемос, во Македонија не би добил интелектуално „државјанство“ поради еретичките мисли. А без таков ерес, кој во радикалниот популизам гледа начин на поинакво поимање и водење на политиката, нема ни да има новина, дури и кога Груевски ќе замине во историјата.

Македонија е во предпопулистичка фаза, со мали дифузни групи, кои манифестираат незадоволство, но сѐ уште не знаат како да влијаат (повеќе енергија се троши на дефинирање на пленумството отколку на конкретна работа врз закон, на пример). Мечтите за поинакво општество се вклопуваат во сликата за Ветена земја која се мантра 20-тина години. Универзализацијата на партикуларните групи доведува до пошироко движење, кое себе се позиционира наспроти „la casta“, односно оние кои се горе, кои имаат пари, моќ и добри односи со меѓународниот банкарски и политички естаблишмент. Радикалниот популизам не е идеологија, но може да биде облик на формулирање на политиката која нема да се заснова на класен судир, туку на синергијата на одделните барања и групни интереси, кои ќе ги детерминираат јавните политики во полза на оние „доле“. Во оваа смисла, популизмот нема пежоративно значење, ниту е знак на незрелост на масите, губење на индивидуализмот или простор за демагозите. Моќта на Подемос е во комбинирањето на хоризонтално движење на незадоволните (иако без политички барања) со вертикално политичко барање за нов облик на политички систем. Подемос би бил невозможен без таа двојна партиципација, без локално и државно дејствување во вид на политичка партија која користи класична мобилизација за освојување на власта и партиципација во институциите. Предпопулизмот без јасна (нова, радикална) експресија и без визија за нов политички систем има краткотраен здив и може да има погубни ефекти. Во крајно антагонизирана атмосфера, веројатно глупаво звучи прашањето: дали јазот помеѓу политичките елити и граѓаните е доволен длабок за овозможи појава на радикален популизам? Структурните можности за промена се минимални, и тоа ќе биде така се додека занимавањето со политика (преку политичка партија) зависи од финансиската моќ на лидерот и врхушката која ја води кадровската политика. Утеха е можеби тоа што радикалната демократија е можна само на транснационално ниво, но причина за песимизам е тоа што на повидок нема левичарска партија која би била доволно радикална да прокламира антикапиталистичка и антимилитаристичка политика, и која за сојузници би ги сметала Подемос и Сириза. Сѐ додека не се појават такви движења, релативизатори ќе бидат оние кои лажно се претставуваат како радикали, а се само политички профитери.

Напишано за Нова Македонија
Илустрација: Matt Kenyon виа The Guardian