Со среќа, Румена!

По вртлогот клевети во кој ме втурнаа само 90-тина секунди од телевизиски прилог („Саботажа“), и по лавината на навреди и атмосферата на линч, постојано се прашувам: толку ли вредеше 20-годишниот јавен ангажман? Дали јавниот ангажман воопшто има смисла? Прашањето е старо, и не е карактеристично за ова општество, ниту за ова време. Верував дека одговорот и смислата на моето дејствување сум ги пронашла во Сартаровата дефиниција: јавниот интелектуалец е човек кој се ангажира и грижи за нешта кои лично не го засегаат. Држејќи се до тоа, ценев дека имам општествена одговорност, па и должност во име на јавното добро да го споделувам знаењето, но и да зборувам/пишувам и да критикувам (без оглед дали сум во право или не). Најважно од сѐ, во тоа што го правев немаше ни трошка личен интерес или добивка. Македонија знае и за „фабрики“, но и за „тефтери“, но моето име секогаш беше само во оној најмалиот, во кој на прсти можеа да се избројат оние без партиски багаж, без ценовник или калкулации со центри на моќ. Речиси и да не постои новинар со кој не сум соработувала. Некои ќе се сетат дека во новинарските кругови ме нарекуваа „Спаско“: кога сите јунаци беа „зафатени“ или гледаа во црната земја, кога избегнуваа жешки костени и коментари за вознемирувачки настани (особено додека беа во тек), јас не бегав од ризикот и одговарав на нивните прашања. Додека некои зборуваа со езопов јазик за никој жив да не сфати што всушност кажуваат, новинарите знаеја дека кај мене нема фемкање, ниту вртење како „киша око Крагујевца“. Еден познат новинар ми велеше: кога ви се обраќам, чувството е како да влегувам во аптека; сѐ е на место, артикулирано, јасно и недвосмислено! Децата ми се лутеа поради ваквите ангажмани: колкупати само сме одложувале семеен ручек затоа што некоја ТВ екипа требала да сними изјава? Колкупати нѐ вознемирувале во време на одмор!? Изјави сум давала од продавница, на улица, на годишен одмор или на службено патување. Некои велеа дека „не можат пегла да фатат зошто се плашат дека и од таму Ванковска ќе се појави“ (ова го кажа стара радио новинарка која ми доаѓаше дома за да снима емисии!) и веројатно биле во право: не е убаво кога ист лик се појавува пречесто! Тоа оди на сметка на мојата хиперактивност (но, и на сметка на ќутолозите). Но, еден грев не можат да ми припишат: никогаш не сум селектирала медиуми, сѐ додека сум можела слободно да кажам што мислам или не ми ги спинувале зборовите! Дури и по цена да кажат дека сум „нечија“. (Обратното било случај, бидејќи во разни периоди сум била подобен гостин или за едните или за другите).

За жал, јавниот збор едвај и да има реален ефект врз стварноста, но носи реперкусии за оној кој го кажал, од пофалби до навреди, дури и 5-10 години подоцна. Ама ако веќе сте во рингот – нема плачење! Или ќе издржиш без да паднеш на дното на кое те влечкаат или откажи се во духот на Андриќевата теза за времињата во кои паметните замолчуваат… За воља на вистината, почит најчесто сум добивала од „обичните луѓе“; моќните секогаш биле гневни. Во одредени случаи и јавноста знаела да се разгневи. Не беше пријатно кога проговорив за Тарчуловски или за полициската операција „Монструм“. Во такви ситуации си ја повторував максимата на мојот морален гуру, кој редовно е во слична ситуација во својата земја: „старо магаре навикло на батине“. Во јавниот простор не учествуваш за да те сакаат или за да бидеш популарен, туку да ја зборуваш вистината, без оглед на цената што ќе ја платиш. Компасот секогаш ја покажувал вистинската страна кога ударите доаѓале од двете страни. Со стеснувањето на просторот меѓу завојуваните блокови, таквата позиција стана најеретичка, не се простува и се нарекува „релативизација на злото“.

Искуствата со новинарите ми се бројни, ама и различни. Сум сретнала луѓе кои биле и останале со интегритет по висока лична цена (тие се малцинство, како и секаде), сум гледала вртикапи, млади како зреат или постари кои се нуркаат во дното. Се шетале од медиум до медиум во потрага по егзистенција. Менувале бои, наративи, стандарди – но не сум ги судела. Кога за време на недамнешната кампања на девалвирање на професори кои протестираа бев заокружена и извалкана, прашав една новинарка зошто го прави тоа. Одговорот беше: простете, ама морам, инаку ќе ја изгубам работата! Ѝ простив, таа си го носи срамот. Му простив и на новинарот (не)среќко кој направи конструкција и јавноста ја доведе во заблуда дека јас и колешката Силјановска сме професорките „будени од постела“ за да одработат, а споменати во снимен разговор на министерката за полиција. (Вечерва би требало да следува јавно извинување за неоснованата клевета, но да видиме). Но, мојата чаша е преполна и ќе го следам советот на Андриќ! Своето го одработив за пет животи, сега е време за другите. Се повлеков од Фејсбук за да се деконтаминирам од сета пизма која ја видов таму, од заканите, психичкиот терор и линч, а немам намера повеќе да учествувам во медиумите. Моето искуство покажува дека е тоа бесмислено!

Токму во мигот на овие мои тешки размисли блесна ѕвездата на Румена, колешка од Филолошкиот факултет и писателка од помладата генерација. Се радувам бидејќи навистина се потребни нови ликови и свежа мисла, а таа е и умна и храбра. Нејзините интервјуа ми побудија мешани чувства: се препознав себе си од младите години, кога не бев циник како сега. Се насмевнав тажно на констатациите кои се ехо на нешта кои сум ги зборувала децении наназад, особено за замолчаните интелектуалци. Повторно ги слушнав за јавноста која некритички голта сѐ што ќе ѝ сервираат медиумите, вклучително паравести. Зборува таа за непрофесионалноста на медиумите и мракот кој завладеа, посочувајќи ги провладините медиуми. Но, што правиме со она што не е паравест, клевета? Потрагично, што со медиумите кои не се под капата на власта? Во само 1,5 минута ме денунцираа и распнаа на крст, спојувајќи настани (од 2010 и 2013) кои немаат никаква каузална врска, но тоа беше доволно од „морална совест на општеството“ (како што рече новинарот) да станете партиски прислужник. Станувате колатерална жртва на политичка бомба, а едвај некој се осмели да застане на ваша страна (дури и засегнатата професорка, несудена продеканка). Напротив! Новинарката на Ал Џезаира пишува дека е „шокирана од професорките“, без трошка сомнеж за тврдењата во монтажата/саботажата. Други рекоа дека секогаш сме биле сомнителни, интелектуалки-неутралки. Мозоците навистина се перат, ама од најмалку две машини. Во право е Румена за културата на површно читање, неспособноста да се забележат фиктивните или спинувани елементи, што укажува на политичка неписменост или злонамерност, а етикетирањето е начин за замолчување на неистомислениците. И кога сме веќе кај магариња, токму кога се навикна на ќотек, ова одлучи да дека му е доста. За да нема недоразбирања, и неоснован триумфализам дека ме замолчале: колумната останува! На Румена и сите останати учесници во јавната дебата, им посакувам среќа и кураж – еден ден сигурно ќе се најдат во некоја саботажа, но тоа не е причина да не се борат за слобода на мисла и говор.

Напишано за Нова Македонија