Агонија во Дивата населба

Пишувам среде денови на жалост, без целосни информации за тоа дали меѓу загинатите има и цивилни жртви. Пукотници и натаму има, па бројката на жртвите расте, па не знаеме ни над колкумина тагуваме. Остануваат многу непознаници, неодговорени прашања за самата операција, но уште повеќе за тоа како е можно во толку краток период да се случи ваква драма. Првите луѓе на државата никаде ги нема, медиумите се повеќе пропагандисти и корисници на гласини од социјалните мрежи, одошто трагачи по вистината. Сѐ почесто се прават споредби со 2001 година: некои гледаат многу сличности, други тврдат дека лекцијата е научена и дека токму оваа драма го докажала тоа. Пријателка од Куманово ми потврдува дека ако во предвечерјето на 2001-та „мирисало“ на конфликт, овојпат мултиетничко Куманово е единствено и граѓаните не сакаат нова војна од која ќе останат колатерална жртва, посиромашни и понесреќни. Додека ги гледам двојазичните написи и сликите на врзаните знамиња (македонското и албанското) се прашувам дали само мене ова ме потсетува на спектакуларниот антивоен собир во Сараево во јули 1991 година, на кој се покажа желба за заедништво, со многу емоции и солзи во очите. Прашање на момент е кога ќе се одржи некаква свадба за некој сват да пукне или тоа ќе се случи на улица. На Македонија навистина не ѝ требаат непријатели – доволни се оние кои велат дека се подготвени да сторат сѐ од чиста љубов. Така се гинеше и во бивша Југославија – од страв и од љубов. Инцидентот во Гошинце беше дочекан од дел од јавноста со потсмев и цинично беше опишан како местенка (на власта). Овојпат никому не му е смешно, иако теориите на заговор и натаму цветаат како никогаш порано. Она што е извесно е дека внатрешната криза во Македонија успешно се интернационализираше, па со апели се јавуваат не само од Брисел и Вашингтон, туку и од „Самоопределување“ во Косово, од некакви четници во Србија и браќа од Бугарија.

Да се каже дека настаните навестуваат втора 2001 е резултат на аналитичка кусогледост. Ова сега е далеку полошо, бидејќи пред очи излегуваат сцените од почетокот на крвавиот распад на Југославија. Општествената и државна ерозија, особено во рамки на длабоко партизираниот полициски и армиски состав, неспособните структури, проследено со растот на пизма и гнев, многу повеќе наликува на состојбите од пред 25 години и повеќе. Распаѓањето на еден општествен, економски, политички и безбедносен систем не се случува преку ноќ. Обично, станува збор за долготраен процес на ерозија, којшто во најголем тек е тивок и невидлив, сѐ до моментот на ескалација, т.е. кога е веќе доцна да се спречи најлошото. Единствената разлика која ја гледам е во тоа што потенцијалот за внатремакедонски конфликт е поголем од оној за меѓуетнички, и покрај ренесансата на УЧК и кумановската етнички мешана средина. Не се сомневам дека ќе ме обвинат дека зборувам во функција на одржување на статус квото, и тоа токму кога (наводно) се раѓа ново сонце на слободата и кога се чини дека македонското општество е мобилизирано како никогаш порано – од хонорарци, до пленумци. Колапсот на Југославија се случи токму кога стегите на авторитарниот систем попуштија; нам ни се чинеше дека почнуваат да дуваат новите ветришта на демократизацијата без да видиме дека сме на чистина подготвени за битка со другиот повеќе одошто за работа на сопствена промена. Крајот на Студената војна тогаш ја направи Југославија непотребна (како бафер зона меѓу двата блока), „лепакот“ која ја држеше земјата заедно го снема, а сите мали политичари сакаа да бидат Тито наместо Тито.

Денес Македонија е квинтесенција на неуспешната транзиција и глумењето демократија (и лажните европски перспективи), благодарение на неодговорните политички елити кои повеќе се грижеа за приватизирање на власта и збогатување одошто за нешто друго, но и поради контрадикторниот меѓународен стејтбилдинг. Оваа дијагноза мора да биде појдовна основа од која евентуално би зачекориле напред и би очекувале Феникс. Поширокиот контекст во кој треба да се случи препород е, за жал, серијата слаби држави во соседството и појавата на Втора студена војна (без бафер зона овојпат). Македонија е во агонија, клекната на коленици, и не сум сигурна дека има капацитет да ја надмине кризата. Кога се распаѓаше СФРЈ, Балашевиќ пееше „секое племе црта граница, сите сакаат своја страница [во историјата]“. Дали ние воопшто и заслужуваме „своја страница“ кога сочувувањето или освојувањето на власта е вредно и да се гази по лешеви или нихилистички да се негира сѐ што е изградено досега, па да се очекува од македонска Картагина да изникне демократија. Владата е налик на ној со главата длабоко турната в песок, а не гледа дека песокот е жив, дека не пропаѓа сама, туку заедно со себе е подготвена да нѐ повлече сите во тотален историски колапс. Опозицискиот лидер веќе се гледа како Месија. Некои неодговорни критичари на власта ги поздравија сцените на насилните протести во Скопје како почеток на граѓанската војна и крикнаа: нема враќање назад, има пред нас само победа! Станавме сведоци на сцени на македонско-македонски преговори во Брисел, на кои нашите политичари се ракуваа љубезно со противникот небаре дипломати од странски држави. Никако да сфатат дека место за преговори и излез од кризата се должни да бараат заедно, со разговори во земјата која претендираат да ја водат. Небаре влада во егзил, некои актери кои сакаат да се „факторизираат“ кршејќи јазик и гаѓајќи се со падежи, испраќаат пораки до македонската јавност од престолнините на соседните држави. За тоа време некои ја земаа „правдата“ во свои раце, со изговор дека не постојат институции или ако постојат тие се премногу воздржани. Уште пред да падне крв во Куманово, почнаа да се кршат глави по скопските улици.

Од Македонија направивме Дива населба, во која најнапред се војуваше со бескрупулозна медиумска кампања, лаги, полувистини и говор на омраза. Додека вистината ги врзува чевлите, лагата и стравот ја обиколија земјата. Медиумската војна се води и надвор од границите: странските медиуми пренесуваат лаги како вистини, само затоа што локалните соговорници им пренеле неточни или непроверени информации. Вистината е прва жртва на секоја војна, па и на нашата. Како стасавме до овој амбис? Така што оставивме политичките елити и нивните медиумски прислужници да ги креираат условите за едно самоисполнувачко пророштво. Сите претходни прогнози за мрачните планови на власта или опозицијата, најавите за она што сигурно ќе се случи итн. создаде услови на параноја во која никој никому не верува, и секој во секого гледа како на непријател. Тоа е состојба на Дива населба, а не на политичка заедница. Со секој изминат ден, како што вели еден пријател, состојбите во Македонија е сѐ потешко и да се промислат, а не пак да се најдат решенија. И во право е. Се плашам дека следуваат не денови, туку години на жалост, а можеби и на упокојување на Македонија како држава.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: EPA/GEORGI LICOVSKI via NBC NEWS