Меланхолија

Во периодот по двата митинзи некои гледаат смирување на страстите, а други – почеток на „меланхолична револуција“ (пред владата) наспроти контрареволуцијата (пред собранието). Вистината е на средина: настапи антиклимакс, а излезот од агонијата е исто толку далеку како и пред инфантилното мерење на протестите (јавна поддршка) и споредувањето на кореографијата. Играта на бројки и на интерпретации е добро позната во теоријата на конфликтите. Граѓанското движење претендира дека мобилизирало поголем дел од населението, а противникот не се ни обидуваше да сокрие дека организира партиски митинг (на оние од кои ја добил власта на избори). За непристрасните посматрачи, битни се неколку поенти: на двата митинга, неспонтано и добро организирано, се собраа нехомогени групи. На пример, во опозицискиот камп имаше припадници на крајна левица, но и на „слободоумна“ десница; но, наместо движење против „ла каста“ нивната цел е содржана во песната „пада влада“ (впрочем, и добар дел таа елита спаѓа во „ла каста“). На провладиниот собир беше десницата, ама и понекоја левичарска партија (барем по името). Од аспект на кореографијата, и на двете страни имаше чудни пораки: симболите на Голема Албанија немаат никаква врска со граѓанското, ниту руските знамиња и маици со ликот на Путин врска со патриотизмот. Иако спорадични и небитни за општата слика, селектираната кореаографија создаде муниција за дополнително симболичко војување. Најбитно е што двата митинга, заедно со камповите, ја разголија вистината за деинституционализираната Македонија, во која бројката на улични поддржувачи се толкува како мерка за легитимитет. Ден потоа сликата на силните лидери пукна како меур од сапуница: како немирни ученичиња седеа десет часа во Стразбур (место кое повеќе служи како антиципација за Дејтон или Охрид, отколку како место за преговори). За опозицијата тоа можеби беше и некаква морална/партиска победа, но премиерот доживеа да води преговори/разговори (дилема слична како онаа за името) на ничија земја, каде го држеа во заложништво до бесвест. Каква антитеза а „Македонија силна“! По срамниот маратон учествував во регионална радио-дебата. Пропаѓав од срам: емисијата почна со јавување на нивна репортерка од Стразбур, а се изнаслушав за нашата банана-република (иако повеќе наликува на пире од банана). Пријател ми сугерира малку побезобразна кованица: Македонија е-бана-на. Можеби е во право, бидејќи кој стаса ни расплака мајка, гата и бае, брка духови (зли, источни). Не само што две неодговорни елити се подготвени да ја бранат/освојуваат власта додека бродот тоне, туку и лешинари – кој од регионални, кој од глобални шаховски причини – го затемнуваат небото (сонцето?) над Македонија.

Почетокот на втората сезона на сапунската опера е сигурен знак дека случувањето на народот не дава резултати. Она што се случува во опозицискиот камп има повеќе симболично одошто суштинско значење. Да биде иронијата поголема, автентичниот активизам е засенет од испраксираните ен-џи-о-а, а изговорот е „не можеме да си дозволиме луксуз сега да ја критикуваме опозицијата“. Но, понекој ќе признае дека сѐ помалку ја гледа смислата на отпорот во вид на журкање, караоке, газда Трифун музичко шоу, пинг-понг и играње табла, тефериџ на гарнитури за седење и маси полни со јадење и пиење. Во сликата која се остава не само што нема ни трага од гнев или меланхолија, туку напротив се манифестира неверојатна живост, веселост и логистичка подготвеност (од техника до пици и кока-коли). Ако ни се потсмеваа поради неспособноста да се однесуваме како зрело општество, сега подбив има и кај тие кои веруваа дека се случува ново социјално движење. Лидерот на опозицијата вели дека не сака да ги снајде судбината на Пасок! Со други зборови, се плаши од опозиција на опозицијата (налик на Сириза), од некои нови клинци кои ќе им порачаат дека се политички диносауруси и дека во Европа дуваат нови ветришта. Токму кога Подемос забележа голем успех на локалните избори во Шпанија, овде се организираат клонирани дебати со ригиден формат, водени од искусни и професионални активисти. Главната реченица која се слуша е: „во интерес на времето, 10 минути за излагачите и 2 минути за реплика“. Во интерес на времето?! Небаре главната цел е кампувањето и дружењето, па во недостиг на време, дебатата се става во временска рамка? Што е кампувањето ако не народен собир, слободна форма на критика и делиберација за новото што треба да никне одоздола? Дебатерите (со ретки исклучоци) зборуваат со ен-џи-о-овски проектен новоговор, полн со фразеологија, стерилен до злабога, неолиберален до коска – и полн со нетрпеливост кон оние другите (кои биле овци, стока и сл.), но и догматски кон сѐ што отстапува од мејнстрим говорот на западните ментори (и донатори). Недовербата во сопствениот (шутрачки) народ избива од реториката: да завршиме со преговорите до јуни, бидејќи ова Македонциве ќе тргнат на Халкидики и ништо од револуцијата! И повторно, проблемот е во народот, а не во нив!

Инстант-креираното „братство-единство“ е подеднакво неубедливо, за што најдобар доказ се дозираните „бомби“. Ако навистина се надминати етничките делби, како што пропагандистички се манифестира со врзување знамиња или настап на неколку активисти, тогаш е етички неодржливо продолжувањето на агонијата на семејствата на убиените и осудените, со образложение кое е чиста контрадикција на почетната теза. Чуму страв за безбедносната состојба ако е вистина дека мнозинството Македонци и Албанци се освестиле и се гледаат првенствено како луѓе и граѓани, а потоа како припадници на етницитети? Се манипулира, се игра топло-студено. Заев ја демантира изјавата за „Ди Цајт“ дека во затвор лежат невини луѓе; погрешно го интерпретирале. Му верувам: англискиот му е катастрофален, па попаметно е воопшто да не се обидува да дава изјави за странски медиуми. (Патем, како ли преговараат со странско посредништво ако немаат лингва франка?)

Незгодната вистина е дека постои пат-ситуација, но сепак зборот компромис е рамен на псовка. Кобожем се разговара, додека се „пука“ на терен. Се подготвуваат преговори, ама се очекува апсолутен резултат. Кога страните во конфликт ќе се вкопаат во длабоки ровови, претендирајќи дека се ексклузивни носители на вистината и моралот, тешко ако не и невозможно е да се дојде до решение без да се изгуби образот (пред своите). Само заслепен не гледа дека ниту една страна нема сила убедливо да победи во политичкиот конфликт; меланхоличната револуција е неубедлива, а социјално движење не се гради во пет до дванаесет. Ако и победат антигруевистите, воведуваат опасен преседан: шаторџии ќе уриваат влади од улица, само ако се поупорни и поорганизирани. Погледнете ја Хрватска! Ова е време на опасно живеење, победникот не е извесен, ама Пировата победа е тука: Македонија (ќе) изгуби.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Boris Grdanoski/Associated Press