Не доаѓам!

Ја слушнавме и последната „бомба“. Веројатно, секој различно го доживеа овој период на високи тензии; некои велат дека се гневни, но кај мене доминира чувство на резигнација, но и олеснување поради крајот на оваа канонада која ни ги поремети животите, нѐ направи полоши луѓе, а не подобри. За среќа, најстрашните навестувања дека ќе слушнеме за нарачани егзекуции, договарање инциденти, контингенти или зделки, се покажаа неосновани. „Бомбите“ (понекогаш со сила на петарди или епизоди на сапунска серија) само го потврдија сето она што и најпросечен и делумно објективен аналитичар морал да го знае. Речиси нема афера за која своевремено не сме читале, за која не се шпекулираше, за која некој портпарол не излегувал со докази (без аудио потврда) или за која отворено не сме дебатирале. Разоткривањето на „виртуелниот мит“ за патриотот Груевски (како што рече Заев) беше автогол, и своевиден антиклимакс, кој му ја врати бојата во образите на премиерот. Сето она што го добивме како „подгреана сарма“ е токму она за што најголемиот број граѓани не гласал за оваа владејачка гарнитура ниту ќе гласа во иднина. Сега, прашање е колку бомбите успеале да ги разубедат оние од електоратот на владејачката коалиција, но одговорот ќе се знае по изборите.

Веќе е јасно дека Заев не го одржа ветувањето кон Албанците и го поштеди ДУИ од посериозни удари. Да беа фер кон целата јавноста, убедена сум дека ќе најдеа и разговори во кои приватно се употребувале навредливи изрази кон Македонците. Иако засега поштеден, Ахмети е свесен дека Заев поседува материјал кој може да биде компромитирачки во идната политичката битка. Најтрагично е, а потенцијално и најзапалливо, што не се објавија разговорите за убиството кај Смиљковско езеро и за случајот „Монструм“. Така, ниту жртвите добија некакво јавно признание, ниту е фрлена светлина врз случај од голема важност за меѓуетничките односи. Ваквото тактизирање создава уште поголем сомнеж и простор за монструозни шпекулации. Тоа е темпирана бомба за во иднина, која нема да биде (само) политичка.

Најочигледниот ефект од бомбашката офанзива е поделбата на граѓаните. Голем број од нив не само што фатиле страна, туку бараат егзорцизам (на другите). Всушност, тоа и беше основната идеја зад проектот „Вистината за Македонија“. Бомбите требаше да делегитимираат и да мобилизираат. По период од само неколку месеци, хибернираната и безидејна опозиција се препороди (иако визија не понуди). Сега стои на чело на „народот“ кој наводно го обединила во заедничка граѓанска платформа “Граѓаните за Македонија“. Платформата е граѓанска и независна онолку колку што Стево Пендаровски беше независен претседателски кандидат. Единствената „додадена вредност“, создадена на многу автентичен начин, се неколкуте (но не сите) пленуми и социјални движења. Заев долго најавуваше дека дозирањето на бомбите е такво што последните буквално ќе ги дочекаме на нозе. Но, во 17 мај нема ништо спонтано! Битката околу превозните средства за превоз на граѓаните од внатрешноста е првата потврда дека станува збор за митинг. Ангажманот на 4600 доброволци (што не е голема бројка за голема партија како СДСМ) да го одржуваат „огнот“, т.е. притисокот пред владата, е повторно тактички потег додека лидерите преговараат на маса. Ликовите од ад хок коалицијата се добро познати (usual suspects) и би било право чудо да не се најдат таму. На 18-ти, исто така, ќе бидат присутни сите оние веќе видени на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ и оние од тефтерчињата. И што е тука ново? Ништо, освен што после оваа бомбашка офанзива се мразиме повеќе од кога било порано.

За да не ме прозиваат (а добивам пораки дека го прават тоа) да кажам јас не доаѓам. Ниту ќе протестирам пред владата, ниту ќе ме видат среде оние кои ќе пеат патриотски песни и ќе се удираат в гради за да докажат дека е „Македонија силна“. Некои мислат дека излегувањето на неделниот протест е прашање на избор меѓу лошите и помалку лошите. Јас таков избор среде полувоена состојба во која нѐ втурнаа нашите „сакани“ лидери нема да правам. Ова е вештачки избор, бидејќи нели и двете страни зборуваат за општонародни собири! Кој е мојот народ, се прашувам? Ако го сакам едниот, треба ли да го мразам другиот? Едните биле (наводни) демократи, а другите биле (наводни) патриоти. И без протест знам дека си ја сакам Македонија, и тоа демократска, но ниту едните ниту другите даваат надеж дека се способни да ги спојат двете работи и да понудат нова визија. Прашуваат дали ќе сум ги пуштела студентите на протестите на опозицијата, небаре нив ги селектирам по политичка основа или ги манипулирам за политички цели (како некои мои колеги)?! Студентите ги почитувам и сакам без оглед на нивните уверувања. Еден од нив загина во Куманово, друг беше во притвор, некои ќе се појават на двата собира, но не мал број ќе бидат во полициски униформи обезбедувајќи двата народа да не дојдат во близок контакт.

Слободата на мирен протест е право на сопствен избор или воопшто не е право. Морални или интелектуални уцени од (наводни) демократи не прифаќам, подеднакво како што силно ја осудувам уцената од страна на власта. Владините собиранки се посоодветни за Монти Пајтон, но носат повеќе страв отколку смеа. Но, не можам ни да изберам протест повеќе налик на прирачникот на Џин Шарп за смена на власта, отколку со правото гарантирано со уставот. Ниту еден собир, колку и да е масовен, не го претставува демосот. Владата е толку делегитимирана што можеме да ја смениме на избори, а оние кои ја создадоа оваа ситуација мораат да имаат свој план за разрешница наместо да се кријат зад нивниот „народ“. Ако се прави притисок врз политичките лидери, тој треба да е насочен кон двајцата (или четворица) кои нѐ држат како заложници во агонија и кои заборавија на државниот интерес, а што е битка за власт. Не сакам да бидам дел од толпа, ниту да го гледам мојот народ како го чуваат специјалци да не си ги извади очите. Во „братство единство“ создадено низ пропаганда не верувам од распадот на СФРЈ. Не сакам да бидам пиун на туѓа шаховска табла. Понижувачки е на сенароден митинг говори да држат европратеници (не дај боже и премиери) и амбасадори (бивши и актуелни). Како да не е доволно што по пат на мимикрија опозицијата се претставува како невладина иницијатива, па сега уште и странците да ни бидат соборци! Протестите ниту ја прават „Македонија силна“, ниту демократска; таа е раскарана и никогаш послаба не била. Граѓанска платформа која бара смена на власта е поддржана, и симболички и конкретно, од надворешни фактори, што е мешање во внатрешните работи. Ова од „нашата Македонија“ (како вели Заев) прави банана-република. Ако случајно и Викторија Нуланд посака да дојде и да ги охрабри демонстрантите, нека ја потсети некој дека на ова поднебје повеќе ќе одговара да ги послужува со ice-tea, наместо со топол чај.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: виа Мета.мк