Со свој камен по наша глава

Нештата брзо застаруваат. Она што беше тема на денот пред една седмица бледнее од сеќавањето. За жал, таква ни е и колективната меморија – секој настан или појава започува овде и сега, нема никаква релација со искуствата од минатото, дури и кога е недамнешно. Всушност, ние денес најдобро докажуваме колку бил во право Хегел кога тврдел дека единственото што може да се научи од историјата е дека од неа не учиме ништо. Иако темата за референдумот е веќе бајата, сепак ова е ретка прилика да се направи паралела помеѓу минатонеделниот за ГТЦ и оној од пред 11 години, но и генерално да се проговори на оваа тема бидејќи наскоро не верувам дека ќе видиме нов. Навидум двата посочени референдуми се неспоредливи; но, ако дури и професори и познавачи на политичкиот/изборниот систем се впуштија во весела математика споредувајќи одзив на референдум со претседателски или парламентарни избори, тогаш зошто не би се споредувале референдуми? Првиов беше локален, општински, иако како што кажува името на објектот чијшто изглед требаше да се заштити од барокизација, тој има карактер на градско обележје. Но, значајно е што и оној од 2004 година иако беше организиран на државно ниво, сепак се однесуваше на локалната самоуправа, т.е. на територијалната организација на општините. Минатата недела искрено жалев што не сум жител на Центар; ќе менував стан во Карпош за еден ден, само да можев да гласам за зачувување на автентичната фасада на ГТЦ. Тука немам дилема, како што немам дилема ни околу „Скопје 2014“, проектот кој не обезличи сите без оглед дали живееме во Скопје или во Гевгелија: сите носиме тешко бреме на обвинувања за колективна шизофренија, станавме жители на Шизниленд, како што нѐ опишува секој колумнист или новинар од странство. Овој референдум имаше повеќе симболичко одошто суштинско значење, и тоа го знаеја дури и ентузијастите-иницијатори од движењето „Го сакам ГТЦ“. Ова е последната „оаза“ на она што беше наше Скопје, нешто со што пораснавме и остаревме. Но, за волја на вистината, изградбата на Рамстор, Сити-мол, Капитол и сите помали и поголеми молови (вклучително и Соравија која му се прилепи на ГТЦ, а за нелславниот Лумикс и да не зборувам), ГТЦ одамна го изгуби статусот на место во кое луѓето се дружат или среќаваат. Таму веќе нема никакви содржини, што најдобро го чувствуваат сопствениците на тамошните дуќани, а членовите на скопскиот џет-сет не само што се сопственици на игротеки, дуќани и други објекти во Сити-мол, туку таму преферираат да го трошат слободното време. Кога надвор не се дише од загаденост, кога студи или е прежешко, и обичните смртници порадо ги носат децата во попопуларните места, а не во ГТЦ. Нејсе, ГТЦ буди носталгија, и во овој момент плановите за негово „преслекување“ во барок е одличен повод да се покаже отпор кон власта. Задоцнето е, особено откако сѐ наоколу одамна го измени ликот. Помалку е тажно да се борите за ГТЦ откако е изгубен плоштадот, изгубени се и Водно и Вардар. Градежната и политичката мафија одамна пуштија пипци во сиот град: не остана јавен простор, не остана парк, места за игралишта, снема небо, воздух… Значи, оваа битка беше одамна изгубена, но тоа не е причина да не се застане на патот на самоволието. Тажно е и кога за последна „оаза“ е одбран шопинг мол, симбол на капитализмот, на консумеризмот и на социјалните разлики, но ете се бориме за фасадите, а не за суштината на нештата… Затоа не држат споредбите со Таксим, ниту според силината на граѓанскиот отпор, ниту според суштината. Среде длабока политичка криза, невозможно е на референдумот во централната општина на главниот град да се гледа како на локална работа: тој (не)сакајќи доби смисла на малечко, ама значајно бојно поле на кое се мерат силите на главните политички протагонисти, а граѓанските активисти не само што останаа во сенка, туку се и колатерална жртва на големата политичка битка. И покрај сѐ, тежината и значењето на овој референдум е неспоредлива со онаа на референдумот од 2004: тој се однесуваше на локалната самоуправа во целата земја, но и на обликот на политичкиот систем во кој по пат на етнички геримендеринг се зајакна консоцијациската (федералната) компонента за сметка на граѓанската и демократската. Зад затворени врати, по пат на меѓусебни уцени и без консултација со граѓаните, беше нацртана нова етничка карта на делби и на луѓето и на пленот.

Аналитичарите побрзаа да се сложат дека и овој референдум бил неуспешен (како и оној од 2004) – и згрешија! Никако да научат дека на референдум, барем хипотетички, не може и не смее да има победници и поразени, бидејќи секоја опција (и ЗА и ПРОТИВ) е подеднакво легитимна, а мнозинството граѓани се оние кои ја носат конечната одлука. Властите се должни да го прифатат исходот од гласањето, или барем ставот на мнозинството да го земат сериозно во предвид (ако референдумот не е задолжителен). Во време на партитократија и електорална демократија, референдумите би требале да бидат значаен коректив и единствен механизам за да се слушне нивниот глас. Значењето на референдумот во заробена и киднапирана држава, окована во партиски ланци, има посебно значење. Како музика за уши се рефрените дека референдумот е не само начин на непосредно одлучување, туку и начин на вежбање демократија и граѓанственост. Но, кога тоа доаѓа од личности кои во 2004 година жестоко се бореа против граѓанската иницијатива за собирање потписи и за организирање на референдум, човек се прашува дали воопшто научиле нешто оттогаш? Дали се опортунисти или се покајале што поради нив изгубивме деценија во која можевме да изградиме поинаква политичка култура и активизам? Ако судам според ставот на една млада професорка, Хегел е во право. Во 2004 беше асистентка, но страствен партиски војник (циркусот кој го направи во една ТВ дебата беше таков што водителот мораше да го прекине со реклами), деновиве „рационализира“: „Во 2004 година тие што бојкотираа гласањето на референдум бојкотираа за да се спречи повампирување на воениот конфликт и раните од 2001. Овие што денес го бојкотираа гласањето на референдумот во Центар го бојкотираа враќањето на уставноста, демократијата, владеење на правото и почитување на слободата и правата на граѓаните.“ Да потсетам за оние со куса меморија, не само што нејзината партија (тогаш на власт, сега опозиција) водеше кампања против референдумот под мотото „Некои прашања не заслужуваат одговор“, туку премиерот порача дека нема да гласа, а дека за граѓаните е попаметно да седат дома и да гледаат шпански серии (немаше турски во тоа време). Се отепавме од објаснување дека водење кампања е недолична за референдум, бидејќи власта пред себе нема противник, туку ги има сопствените граѓани кои користат уставен механизам (кои иницираа изјаснување со преку 180 илјади потписи). Репертоарот на закани беше широк: од закани за губење социјална помош, до губење работни места. Заканите доаѓаа и од дома и од надвор (оној британски часовник кој ни го мафтаа пред нос беше врвот на понижувањето), а Кондовската група стоеше на готовс со оружје в рака. Мислите дека медиумите известуваа коректно? Ако колешкава и сега мисли дека ние кои сме биле за граѓанско изјаснување сме биле никаквеци кои поттикнувале војна, можете да мислите која цена ја плативме тогаш! Цела камарила беше ангажирана во дисквалификација на сите оние кои беа на страна на граѓанското движење. Штета што тоа го заборавиле и Трифун Костовски и Жерновски (особено во поглед на казнувањето на Лилјана Поповска од неговите либерали). Со повикот за бојкот, политичката елита го наруши принципот на тајност на гласањето: самото упатување кон изборното место тој ден беше чин на јавно изјаснување. И тогаш се правеа списоци, се мониторираше кој бил непослушен и отстапил од партиската директива. Конечно, некои деновиве кукаат дека не било логично што цензусот за избор на претседатрел на Република е само 40 %, а за референдум се бара двоен цензус и тоа од 50+1%. Згодно им е да заборават дека претседателскиот ценсуз беше наменски симнат за да му се помогне на Црвенковски да победи, а дека веднаш по манифестирањето на силната волја на половина милион луѓе кои гласаа во ноември 2004, веќе следната година се смени законот – не само што цензусот остана толку висок, туку и се редуцираа прашањата за кои граѓаните можат да се изјаснат на референдум. И сега кога ја спомнуваат Словенија, дали барем малку ги фаќа срам кога ќе се сетат дека токму тоа го велевме ние „референдумџиите“ уште во 2004, па и пред тоа? Решенијата донесени за да се дисциплинира граѓанското тело сега ни се удрираат од глава на сите – Груевски само ги користи методите, па и законските решенија, донесени од неговите претходници. И ги усоврши.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: SirGoldenBlade/Wikimedia Commons