Беса

Токму кога во светот почна да проаѓа наративот за македонската граѓанска револуција, поттикната одоздола и носена на барјакот на младите генерации, се случува дежа ву ситуација: по подолго време се организираа сеалбански протести! Со вообичаената етничка сценографија, пароли и маршута по „албанските територии“ на главниот град – стасаа (каква симболика!) до мостот кој не само што ги спојува двете страни на Скопје, туку и директно води до зградата на владата и до т.н. Камп на слободата. Запирањето пред мостот (од безбедносни причини, како што беше кажано) е всушност најголемата порака на мигот! Втората важна работа е во тврдењето дека протестот се одржува заради потребата да се слушнат „албанските вистини“, покрај барањето за оставка на Владата и делегитимацијата на ДУИ и ДПА. Вистината за Македонија веќе станува плурална, повеќеслојна, етнички обоена и затоа контрадикторна, особено по прашањето за „ресетирањето“ за кое се залагаат противниците на сегашниот систем на владеење. (Впрочем, и „албанските вистини“ се очигледно во множина.) Ако на 5-ти или 17-ти мај симболички се врзуваа знамиња за да се креира привид и наратив за „братство и единство“, така сега се јазолот се разврза. Ова не е ништо ново, но е удар на она што требаше да биде ново, автентично граѓанско, надпартиско, надетничко и надконфесионално. На поддршка за протестот, со збор или присуство, му дадоа и оние кои беа перцепирани како предвесници на новото граѓанство и во албанската заедница, станува јасно дека граѓанска коалиција е во пелени и дека останува (не)посакувана цел за некои идни генерации. Се раздружија и албанските професори, новинари, интелектуалци, писатели – и најважно од сѐ, унијата на студенти Албанци (која од пуста желба некако тежнеевме да ја гледаме како интегрален дел на Студентскиот пленум). Иако е добар знак што масовноста на протестот беше скромна (Албанците веќе не се лажат лесно на запаллива реторика), сепак се поставува прашањето зошто помасовно не ја поддржаа ниту платформата на опозицијата, ниту движењето Протестирам. Веројатно од слични причини поради кои тоа не го прават ни Македонците. Важно е да се потсети дека консоцијацијата (која ја живееме најмалку 14 години) не подразбира постоење на demos, туку на demoi (демоси во множина, а во Македонија се разбира тоа е двоина: помалите заедници се минијатурни и немаат поголема политичка кохезија и влијание). Консоцијацијата е картел на етнички елити и не почива на граѓански супстрат и демократски контролни механизми. Политичката култура е ниска, а граѓанската е дури и непожелна за „стабилноста“. Трето, консоцијацијата е обично нужно зло и времено решение во време на конфликт, но може да постои во унитарен или федерален облик. Под одредени околности, таквата заедница на заедниците може да прерасне во еден единствен демос (со многу труд, трпение, разбирање, учење и желба за заедништво) или да се распадне целосно (што е многу полесна работа).

Факт е дека албанската партиска сцена нема (т.е. го изгуби) политичкиот наратив од неколку причини: прво, военото јунаштво бледнее, од него не се живее (што најдобро го знаат ветераните); второ, привилегиите на власта ги пацифицираат (и корумпираат) и највоинствените ликови, кои едвај и да знаат нешто за економија, социјала, реформи; трето, странците бараа(т) конструктивност (западен Балкан не им е на приоритетната листа); четврто, поради проблемот со името, но и поради кризата во ЕУ и застојот на проширувањето, тешко минуваат ветувањата за светла иднина во НАТО, ЕУ и во замислената сеалбанска (европска) татковина. Петто, издејствувани се доста етнички концесии, кои ја деформираа Охридската рамка, и не преостана многу во тој маневарски простор (освен за порадикални, уставни прашања). Граѓаните Албанци се социјално погодени и политички маргинализирани, со нарушени човекови права, подеднакво како и Македонците и другите, но поделени во своите доброволни гета тоа едвај и да го перцепираат. Здружувањето под граѓанска капа се гледа како предавство кон освоените етнички права. Несреќни со своите етничко-политички елити, а неподготвени да им го свртат грбот. Уште помалку да застанат зад новокомпонираната платформа на Заев.

Движечката сила на „Беса“ е недвосмислено етнонационалистичка, без оглед на антигруевистичкиот наратив. Она што во нормални услови е непожелно и политички некоректно, во жарот на револуцијата станува легитимно. Ова движење/партија не е никаков „трет пат“, туку радикална верзија на ДУИ и ДПА, т.е. потсетник на нивната „младост“ и времето кога вршеа етнополитичка мобилизација заради доаѓање на власт. „Беса“ го демонстрираше тоа, без нималку незгода, уште кога се прослави со нападот врз (статуата) на цар Душан. Во новоговорот се меша граѓанското со етничкото, во некаква неприродна симбиоза. Општествените и политички околностите се идеални: секој режим е најранлив во време на премин од автократски кон демократски, т.е. кога постојат слаби институции и делегитимирани елити. Духот од шишето е пуштен, па ситуацијата може да се искористи за различни цели од групи со различна агенда. Се случи тоа што беше лесно предвидливо: се собраа под (етничко) знаме за да упатат етничка порака: Албанците се жртви, дискриминирани и политички непризнати, па затоа е потребно менување на рамката, уставот и името. Ова е вид на внатреалбанска опозиција на постојните партии, кои се во длабока криза на легитимитетот. Кумановскиот инцидент покажа дека за Ахмети помала закана се ваквите политички субјекти, во споредба со регионалниот импулс на оние кои се чувствуваат изневерени од својот некогашен соборец и командант.

Ако е веќе вистина дека рамковна Македонија почива на претпоставката за постоење на два demoi, тогаш суштинското прашање е дали секој од нив, внатре во себе и со себе, станал демос, или се и натаму етноси преоблечени во демократско руво? Ако „Беса“ и нејзините потенцијални партнери (како Зијадин Села) се наметнат како главна опција за Албанците, тогаш опозицијата која проба да игра на картата на сеграѓански протест доживува силен удар: паѓа во вода сладуњавиот наратив за „братство-единство“ родено во отпорот кон диктаторот, а од друга страна добива потенцијален иден партнер со кој ќе треба да се пазари и коалицира врз основи кои немаат врска со сегашниот граѓански наратив. Полошо е што удар добија автентичните граѓански групи на млади луѓе кои поверуваа во граѓанска пролет, дека „огромни маси граѓани се дигнале против автократската клика на Груевски“, но и дека сите тие имаат иста цел за менување на системот одоздола. Гледано низ призма на успехот на Подемос, тогаш нам ќе ни бидат потребни два Подемоса, кои со тек на време ќе го сфатат апсурдот и ќе се сретнат на мостот кој ги поврзува. Оттука, останува нејасна заложбата за ширење на граѓанската приказна на убав англиски јазик кај дипломатите и во светската јавност, кога домашната задача сѐ уште не е завршена и се множат „вистини“ и „приказни“. Светот денес ја одбележува 800-годишнина на Магна Карта, а ние по балкански ги оспоруваме и самите темели на општествениот договор.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: Томислав Георгиев/Фокус