Европската terra incognita

Ако еврокомесарот Хан нема намера да доаѓа во Скопје на уште една рунда неуспешни преговори помеѓу „завојуваните страни“, и ако е јасно дека никој не сака да попушти и да трепне прв, тогаш зошто би се занимавала со македонскиот ќорсокак? Изминатите месеци бевме изложени на толкав број дебатни емисии (на иста тема), на безброј експертски (и особено квази-експертски) мислења и прогнози, па дури и на фејсбук статуси на неексперти кои самоуверено дебатираат за изборниот модел или дури и за политичкиот систем, што превладува чувството на предозираност. Ако некогаш бевме желни за дебата и размена на мислења, во овој период стана ние очигледно дека ниту знаеме да дебатираме, ниту имаме што паметно да кажеме. Колку повеќе „дебатирање“, толку помалку разбирање. Без оглед на директните актери, кои веруваат во стварноста која ја креирале и која повеќе или помалку успешно ја „продаваат“ во меѓународната јавност, стварноста е патетична: македонската драма е бура во чаша вода гледано низ меѓународна и европска призма. Само ние веруваме дека сме во центарот на вниманието и се залажуваме со нашата (наводна) важност! Во светлина на случувањата во Брисел (и Атина), ние сме една бедна балканска недојдија, со вождови од типот на Домановиќ – луѓе без сенс за државен интерес, за општо добро, уште помалку за zeitgeist. Во меѓувреме, незабележано во Македонија, ЕУ минува низ најголемата драма од почетокот на своето постоење. Ние, како слепци фокусирани на проблемот со името и на „мерките на доверба“, очекуваме ЕУ-јавление кое ќе ја означи зората на демократијата. А цела Европа е сведок на битка која се води околу класни интереси, а не демократија. Всушност, демократијата станува оружје во битката против кредиторите.

Веќе не станува збор за грчката криза, ако прашањето некогаш и било поставено така. Од почетокот на кризата од 2008 година па до денес, Грција претставува многу повеќе од една слаба алка на „европското семејство“, а далеку повеќе станува парадигма за состојбата во Унијата, за нејзините принципи, за демократскиот дефицит и за доминацијата на економскиот неолиберализам над социјалната правда. По неколкумесечно натегање, виткање лакти и уцени, Ципрас пресече и го стори она што своевремено на Папандреу не му беше дозволено: закажа референдум во врска со барањата на (митските суштества наречени „институции“) кои се во директна спротивност со сето она за што Сириза ја доби изборната победа. Колумната ја пишувам во време кога многу работи се нејасни, бидејќи се одвиваат зад затворени врати. Продолжението на состанокот на еврогрупата се одвива без Грција на која ѝ е покажана вратата, но одговорот стаса набргу: ние сѐ уште располагаме со право на вето. Она што сега се нарекува План Б е всушност зачекорување кон terra incognita, нешто што ниту е предвидено во основачките договори, ниту е дел од европската идеја. Референдумот закажан за 5 јули станува беспредметен поради прекинот на преговорите и повлекувањето на „великодушната понуда“ како што кратењето на социјалните давачки и пензиите го нарече Меркел (патем, индикативно е што беше одбиен предлогот на Грција да ги намали воените издатоци). Точно е и дека неговиот исход нема да донесе решение на суштинските проблеми вградени во кризата. Веројатно е точна проценката на моите грчки пријатели и колеги дека сега товарот на одлуката и на последиците е префрлен врз народот.

Грчките граѓани ќе бидат изложени на пократкотраен, ама и поинтензивен притисок. Владата се изјасни (oxi) и бара плебисцитарна поддршка на својата политика наспроти барањата на ЕУ; другата опција е поддржана не само од грчката опозиција, туку и од европските центри на моќ. Во сендвич ќе бидат оние кои сакаат торта, ама сакаат и да ја изедат, т.е. стојат зад политиката на Сириза, ама не сакаат да го напуштат еврото, а такви има мнозина што ќе внесе многу конфузија и неизвесност. Најважно, ова ќе биде недела на манипулации со стравот (fearmongering), а времето за мудар јавен дискурс е прекусо. Дури и на владата нема да ѝ биде лесно, особено ако зад oxi застанува и партија како Златна зора (од други причини). Месеците на нејзино владеење не оставија простор за вистински реформи, а уште помалку за резултати; сета енергија беше насочена кон преговорите во „собата за мачење“ во Брисел и лобирање за поддршка. ЕУ остана глува и слепа, со нескриена желба да им одржи лекција на сите „радикални левичари“ кои би помислиле да му се спортивстават на неолибералниот Минотарур. Атина мора да падне, гласеше наслов на добра анализа: ако отпорот на политиката на штедење и префрлање на товарот на грбот на сиромашните опстои, тоа ќе биде доказ дека се можни алтернативи наспроти лекот на финансиската олигархија. Меѓу поддржувачите на Сириза постои раскол околу нејзината „радикалност“. Она за што честопати ја обвинуваа, а сега станува ургентно гласи: зошто го избегнува вистинското рефрендумско прашање и се „крие“ зад нешто недоволно артикулирано? Владите го прават тоа (на ум паѓа и нашето референдумско прашање од 1991). Она за што народот треба да одлучи е дали е подготвен за излез од еврозоната (grexit). Некои од најголемите економски умови (како нобеловецот Кругман) одамна тврдат дека тоа е нешто што Грција мора да го стори. Хабермас потсети на зборовите на друг нобеловец (Амартја Сен), кој политиката на штедење на германската влада ја споредува со лек кој е токсична мешавина на антибиотици и отров за глувци. Според Хабермас, кој со право укажува и на слабостите на грчката влада, клучната грешка на Меркел е внесувањето на ММФ како клучен играч во операцијата на спасување: тоа е она тело кое е најодговорно за дисфункционалноста на глобалниот финансиски систем кој ја одржува нееднаквоста и сиромаштијата, и дејствува исклучиво во полза на капиталот. Тука место за мислост и солидарност нема!

Сириза може да се обвини за многу нешта, ама не и за амбисот во кој се наоѓа земјата. За дебтократијата, за зависноста од задолжувања и корупцијата која стана системска одлика е одговорен стариот детронизиран политички естаблишмент, кој сега се прикажува како најевропски. Но, како своевремено Мендела, Ципрас се соочи со фактот дека политичката победа е недоволна: кредиторите ја имаат контролата и моќта да ја задават земјата (откако прво ќе ја урнат демократски избраната влада). Впрочем, (не)славниот Шарли Ебдо на насловната страна се заложи за економска тортура: за спас на еврото, Лагард ја дави/жртвува Грција. Полесно да се рече, отколку спроведе. Ова се тажни денови и за Грција, ама и за ЕУ која престана да глуми дека демократскиот легитимитет има значење пред финансискиот интерес. Со тоа зачекорува на непозната земја, на терен на кој не знае како формално-правно може да се откачи од држава-членка и каква ланчана реакција тоа може да предизвика. Бидејќи, еврозоната е градена како чуден проект, од кровот, а без политички (федерални) темели, и без било каква помисла на европски демос. За тоа време нашата „левица“ се колне во ЕУ и во нејзината посветеност на демократијата! Какво колосално незнаење, себичност и кусогледост!

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: via GreekReporter.com