Мигранти ante portas

Со измените на законските решенија се чини дека одот по маките на мигрантите кои транзитираат низ Македонија се ближат кон крај. Но, дали е тоа навистина крај за нивните маки? Суад Мисини го прекина штрајкот со глад, но неговиот чин силно одекна како навистина невообичаен и несебичен, а притисокот беше насочен не само кон носителите на власта, но кон совеста на јавноста. За разлика од некои поранешни случаи кога овој метод беше користен за сопствени (лични или групни) причини, ова беше одважен и високо морален чин на поединец во полза на голем број непознати луѓе, со кои штрајкувачот не го поврзува ништо, освен фактот дека е „само“ човек кој длабоко сочувствува. За разлика од мнозина кои му аплаудираа, го тапкаа по рамо, му ставаа „лајкови“ и го бодреа да издржи – јас тоа не го сторив. Ми се чинеше лицемерно да поттикнувам некого да биде жртва и јунак во име на нас, посматрачите; не му искажав ниту респект за нешто за што се срамам што не сум способна да го сторам.

Реал-политичкиот резон вели дека измените се во полза на државата Македонија: таа сега веќе нема да биде прикажувана како најголем пекол за мигрантите и обвинувана за тортура, а од друга страна нема да бидат видливи отсуството на стратегија и капацитети за справување со напливот на мигрантите чиј број експоненцијално расте. Тие сега можат слободно да ги користат средствата за јавен превоз и во 72-часовен рок да заминат од Македонија (освен ако не побараат азил). Сосема е извесно дека мисијата на Мисини и многу активисти заврши успешно, но онаа на новата мајка Тереза (како што ја нарекуваат хуманитарката Ленче Здравкин) дури сега почнува. Наивни се тврдењата дека со измените на законот ќе запре хуманитарната криза. Таа само привремено се амортизира, во една точка на нивното патување, но за несреќниците крајот воопшто не е на повидок. Грижо моја, прејди на Србија – тоа е она што се доби со законот. А српската грижа се вика Унгарија, земјата која планира изградба на ѕидови на Тврдината Европа. Она што доскоро беше само метафора во научните анализи на миграционата политика на ЕУ, сега добива многу конкретен облик. Дали Орбан навистина ќе успее херметички да ја затвори границата, тоа не може да се знае со сигурност, а не е ни толку важно. Сториите на оние несреќници кои веќе стасале во ЕУ, а сепак никогаш не биле подалеку од безбедно засолниште, зборуваат за вистинската димензија на проблемот. Без намера да се бара свртување на очите од она што се случува во Македонија, сепак е корисно проблемот да се види во поширок контекст, кој покажува дека оваа криза ниту е завршена таму од каде што потекнува, ниту ЕУ има решение за неа. Мигрантите никој не ги чека со ширум отворени раце – освен одреден број хуманитарци и активисти, како и помал број левичарски партии (како Зелените и Левите во Германија), но засега тие не се фактори на трајно решавање на проблемот. Пред два дена во Европа се одржаа протести: во неколку града се даваше поддршка, а во Братислава се скандидараше за „бела Словачка“ и против „исламизацијата“. Неколку земји ги одбиваат квотите бегалци кои им ги додели ЕУ.

Што се однесува до нас, примерите на Здравкин и Мисини и тоа среде длабока политичка и морална криза, имаат и друга, лекувачка димензија. Тие се трошка надеж дека не секој секому е волк, и дека во тешки времиња покрај најлошото, на површина испливува и најдоброто кај луѓето. И во другите земји има хумани луѓе, но ксенофоби и прифатни центри налик на затвори. Гардијан пишува за луѓето во лимбо на италијанско-француската граница, кои откако ја минале пустината во Судан, воените ризици во Либија и немирното Медитеранско Море, сега спијат под отворено небо, на камена плажа покрај морето, затоа што се безброј пати враќани од француската полиција на првата точка на проверка. Некој ќе рече дека ривиерата, макар и на дива плажа, дава похумани услови од оние во прифатниот центар во Скопје, но тоа е само гол цинизам. ЕУ е посакуваната крајна дестинација, но нејзините членки се однесуваат како да не припаѓаат на ист сојуз, но и целината (Унијата) нема намера засекогаш да ги вдоми дојденците. Таму солидарност нема ни за посиромашните членки, а не пак за несреќници од други континенти. Слично на Мисини, на француско-италијанскиот брег поранешен француски дипломат шета со напис околу вратот „J’ai honte“ (Се срамам) и говори гласно дека е ова нехумано. Извештаите на ОН укажуваат на страотната вистина: најразвиените земји се токму оние кои се најодоговорни за хаосот и војните во земјите од кои бегаат мигрантите, а истовремено не само што ја игнорираат својата глобална одговорност да обезбедат заштита, туку и се кријат зад затворените и непробојни граници. Генераниот секретар на норвешкиот Совет за бегалци додава дека границите не само што се затвораат, туку и милитаризираат. Повеќе напори се вложуваат кон гонење на оние кои (за пари) обезбедуваат нелегален транспорт преку границите отколку за помош на несреќните. (Тоа, патем сега го прави и македонската влада).

Како што Франција ги враќа мигрантите во Италија (првата земја на ЕУ на чија територија стапнале), според европските регулативи, Србија и Македонија би требале да ги депортираат во Грција или Бугарија. Од Брисел ни испратија абер: ЕУ нема акционен план, размислува за доделување одредени средства на транзитните земји, ама дури од есен. Летово ќе треба сами да се справуваме со сѐ помасовниот наплив на мигранти. Она што никој не го кажува е дека ЕУ ќе биде повеќе подготвена да даде пари и изврши притисок врз земјите-кандидатки одошто самата да преземе нешто. Лимбото може да стане трајна состојба. Кај нас се премолчува дека има обиди за политичко профитирање од состојбата на мигрантите. Миграциските движења се одамна препознаени како една од најголемите глобални безбедносни тенденции и закани, па затоа секое изненадување е лицемерно. Нам далечното странство ни дојде дома: ова е ликот на оние кои ги „ослободуваме“ и усреќуваме откако почнавме да поддржуваме секоја воена мисија без оглед на цената во човечки животи. Тогаш овие луѓе беа без лик, без име; немаше ни протест ни солзи ни хуманитарна помош. Ако имавме совест требаше да се организираме и штрајкуваме уште тогаш кога Македонија почна да учествува во глобалната коалиција на САД, но еврофилите и амерофилите и не помислуваа на такво нешто: битно беше да влеземе во НАТО по секоја цена. Наскоро ќе се исцрпат и средствата и трпението и милосрдието (чест на поединци), а бранот на мигранти ќе се претвори во цунами. Високиот претставник за бегалци на ОН вели дека светот е во хаос, и додадва дека е „страшно што постои сѐ поголема неказнивост кон оние кои ги започнуваат конфликтите, а од друга страна и целосна неспособност на меѓународната заедница да работи заедно во запирање на војните и изградба и чување на мирот.” Папата порача дека земјите кои вака нечовечно се однесуваат кон мигрантите ќе одговараат пред Бога. Државите нема да одговараат ни пред земски ни пред божји суд, а што е најстрашно ни нивните политички и воени лидери. Во нашиот мал свет, тогаш кога мигрантите ќе се најдат во лимбо меѓу две земји-членки на ЕУ (Грција и Унгарија), дури тогаш ќе си ја тестираме хуманоста. Во меѓувреме можеби треба да вежбаме на себе и меѓу себе, да се потсетиме на тоа дека сме луѓе, а не волци.

Напишано за Нова Македонија
Фотографија: REUTERS/Yannis Behrakis via Nalia Media Corporation